Повардарската епархија известува дека со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати ново реиздание на книгата „Старец Пајсиј Светогорец“. Се работи за трето издание на книгата, поради голем интерес на читателската публика, која во изминатите години со несмален интензитет пројавуваше интерес за ова дело. Во книгата се опишани голем број на моменти од животот на старец Пајсиј, како и неговите пастирски поуки.
Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231. Цената на книгата е 350 денари.
Во продолжение го пренесуваме предговорот за оваа книга.
Светата православна црква е болница, во која се лечиме сите од нашите страсти и гревови, но истовремено таа е и фабрика за светители. Според континуитетот и бројот на „произведени“ светители се гледа колку е жива, развиена и здрава една црква. Светоста не е одредена само за монасите или свештенослужителите, туку секој од нас е повикан кон светост, или поточно, кон единство со Бога и со ближните, од кое произлегува и светоста. Колку повеќе човек со соединува со Христа, колку повеќе Му се посветува и Му се предава, толку повеќе станува сличен на Христос.
Светителите не се некакви измислени ликови, кои ги гледаме насликани на ѕидовите во црквите, туку светителите се реални и историски личности, кои секогаш постојат во секоја црква, а ние не ги гледаме затоа што не ги ни бараме. Сме навикнале, кога одиме во црква или во некој манастир, постојано да бараме некакви грешки, гревови, осудувањето ни е речиси секојдневие, дури не ни забележуваме дека клеветиме и осудуваме, кога без испитување раскажуваме приказни за нашите монаси и свештенослужители. Сѐ додека живееме со такво внатрешно расположение, сѐ дотогаш светителите ќе бидат далеку од нашите очи, затоа што не сме оставиле за нив простор во нашите срца. Со такво расположение не можеме да очекуваме дека Бог ќе ги услиши нашите молитви, кога се молиме за нешто. Напразно чекаме домашна слава, чекаме од нашиот светител заштитник да ни помогне, додека истовремено го исмеваме или осудуваме свештеникот кој го гледаме секој ден. А токму целта на прославување на домашна слава е тоа, да се угледаме на нашиот светител-закрилник, и да го следиме неговиот свет живот.
Читајќи ги житијата и делата на нашите светители, особено на современите, можеме многу да научиме за Бог, за верата, за Црквата, но и за себе. Огромно богатство се крие во нивните житија, од кое можеме да извлечеме поуки и решенија за безброј наши дилеми и проблеми. Еден од тие современи светители е и старецот Пајсиј Светогорец, кој на почетокот од 2015 година, официјално беше вброен во диптихот на светители на Православната црква, од страна на Цариградската патријаршија, со што му беше одреден датум во кој ќе се слави неговиот празник, беше објавена служба, житие и икони за негово почитување. Неговите поуки се исполнети со многу радост, со живост, која ја добивал од благодатта на Светиот Дух, кој го оживува секое создание. Кога ги читаме неговите поуки и примери, често пати ќе се смееме, ќе ни се радува срцето од неговите благодатни зборови, но често и ќе си ги увидуваме грешките, преку неговите разобличувачки зборови.
Новопрославените светители Пајсиј и Порфириј денес се можеби најпочитувани во целиот православен свет. Во сите Помесни цркви се преведуваат нивните житија и поуки, за да можат сите православни народи да се радуваат на ова големо и бесценето богатство. Имајќи ја предвид нивната духовна величина, еднаш веќе го објавивме неговото житие, а сега, еве веќе третпат се појави потреба од ново издание. Голема радост за нас е фактот што нашиот народ повторно се враќа на културата на читање, иако сѐ уште не сме на некое високо ниво.
Издавањето на оваа книга нека ни биде поттик за повеќе да читаме, а уште повеќе да ги практикуваме поуките и примерите од светиот Пајсиј Светогорец. Сега веќе може да бараме од него, тој да се моли на Бога за нас, да нѐ раководи во духовниот живот, да ни помага во нашето црквување или монахување. По неговите свети молитви, Бог да ни ја зацврсти верата, и да нѐ удостои за Царството Небесно, каде што нѐ очекуваат сите светители, меѓу кои и самиот свети Пајсиј, каде што заедно ќе се радуваме и ќе Го славиме Бога во вечни векови. Амин!
Митрополит Повардарски г. Агатангел
Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=3056&Itemid=32