Отец Георгиj Лекас
Човекот постепено го препознава целосното смирение на Троичниот Бог, Кој не се поколебува ниту заради нашиот најмрачен Пекол.
Бог прво го крие Своето смирение од човекот, за човекот да не се одрече од Него заради она што Тој е. Така, Бог претпочита да го прикрива од нас она што Тој е во реалноста, бидејќи за нас е подобро да Го негираме заради она што Тој не е, отколку заради она што Тој навистина е.
Затоа, од човекот се бара духовно да напредува, за Бог да му открие што Тој навистина е. Во спротивно, ризикува, не само да остане непокајник, туку уште полошо, да се одрече од целосното смирение на Бога, Кој Својата семоќност ја должи токму на Неговото несфатливо смирение.
По благодатта на Неговата доброволна жртва на крстот, Христос не само што слезе во Адот три денови, туку поради безграничното божествено смирение, Тој трпеливо го чека секого од нас во нашиот индивидуален пекол. Сепак, ризикуваме да ја пропуштиме нашата пресудна (crucial, од crux = крст, круцијална) средба со Него, ако, несвесни за постоењето на нашиот Пекол, не успееме да разбереме каде точно нè чека Христос.
Крстот со кој се соочува секој од нас, без разлика дали е мал или голем, обично е прилика да го започнеме нашето болно спуштање кон средбата со Христос, на местото каде што Тој нè очекува.
Слегувањето низ крстот е патување исполнето со неволји, зашто границите на создаденото, паднато човечко суштество, сè повеќе ќе се „испитуваат“, за човекот да стане сè поприемчив за животот на Воскреснатиот Господ.
Оваа неволја може да биде огромна, но таа е толку многу надмината од утехата што му се дава на оној што неволно го зема својот крст – а, уште повеќе ако тоа го прави доброволно – така што тие претпочитаат да страдаат со Христа, отколку да умрат одвоени од Него.
Кога човек ќе го почувствува и најмалиот вкус на сладоста на божественото себе-откажување, тој ќе избере попрво да трпи неволја, отколку да постапува неправедно, да биде изгаснат за повторно да се разгори, да умре за да биде воскреснат. Пред него се отвора бескраен пат кон уште поголемо проширување, бидејќи човечкото создание никогаш не може целосно да го опфати неисцрпното божествено битие.
Препознавањето на Божјото целосно смирение, кое Нему му овозможува да дејствува дури и во нашиот Пекол, го буди чувството на спонтана обврска кон Бога кај оној кому Бог му сторил добро, заради што тој претпочита да умре наместо да му нанесе тага на таквиот Бог, со збор или со дело.
Навистина, кога ќе сфатиме колку грешно сме живееле и продолжуваме така да живееме пред бесконечната и смирена љубов на таков Бог, мора да трепериме. Тогаш почнуваме да препознаваме дека нашиот најголем непријател е сè, внатре или надвор од нас, што се обидува да нè одвои од семоќното целосно смирение на Троичниот Бог.
Кога ќе сфатиме што Господ извршил во нашиот Пекол, стануваме свесни за божествената активност во Пеколот на секој од нас, и така почнуваме да ги споделуваме туѓите неволји како свои.
Ова „слегување“ е толку блажено, што откако некој ќе го познае, претпочита да умре за да живее, исто како што сака да умре за сите други да живеат.
За разлика од другите световни радости што некој себично ги крие за да не ги изгуби, радоста во Светиот Дух сака да биде споделена со сите, ако е можно, дури и со т.н. „неразумно“ создание.
Богооставеноста (да бидеш напуштен од Бога) е истоветно со самиот Крст. Во критичниот час на богооставеност, верникот е повикан да ги следи Христовите стапки, без губење на верата во Бога, и така да оди по патот кој е целосно спротивен на оној по кој тргнал Адам. Адам ја изгубил својата вера во Бога уште додека бил во Рајот и отишол во Адот. Верникот е повикан да ја одржи својата вера дури и во Пеколот на богооставеноста, за на крај да го добие Рајот.
Извор: https://orthodoxtimes.com/fr-georgios-lekkas-elevation-through-the-cross/