Непосредно по Светата Тајна Крштение се извршува Светата Тајна Миропомазание. Преку Миропомазанието, новокрстените го примаат дарот на Светиот Дух. Оваа Света Тајна се извршува со помазување на одредени делови на телото. Помазувањето се изведува со осветено Миро. Миропомазанието може да се изврши и независно од Крштението, во следниве случаи: враќање во Православната Црква на оние кои претходно отпаднале од неа поради приврзаност за некоја еретичка, односно неправославна заедница, и при крунисување на цар.
Мирото се состои од повеќе билки, смоли и растителни масла. Според канонските одредби, секој епископ има право да освети Миро за својата епархија, имајќи го предвид фактот дека секоја епархија (епископија) е потполна помесна Црква. Меѓутоа, со тек на времето, откако се формирале помесните автокефални Цркви во денешна смисла на тој термин, завладеала практиката секоја автокефална Црква да осветува Миро за сите епархии кои влегуваат во нејзин состав. Така, и Македонската Православна Црква осветува Миро откако е автокефална (од 1967 година, па наваму).
Во документарниот филм, што го објавуваме, е прикажан историскиот преглед на сите извршени мироваренија и осветувања на Миро во тек на досегашното автокефално постоење на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Текстот и нарацијата во филмот се на о. Антониј Петрушевски, монтажата е на о. Антониј Стојковски, а сниматели се Каролина Даневска, Мирослав Петковски и о. Антониј Стојковски. Во филмот е вклучен архивски материјал на Македонската радио-телевизија. Користена е музика од Наум Бурназ и протопсалтот Георгиј Секулоски. Продукцијата е на Кумановско-осоговската епархија на Македонската Православна Црква – Орхидска Архиепископија, 2024 година. Документарниот филм е премиерно прикажан на Алфа Телевизија, а на интернет сега за првпат го објавува „Литургија.мк“.