Неговото Преосвештенство епископот Делчевско-каменички г. Марко гостуваше во Богојавленската емисија на поткастот „Попкаст со Мартин Богатиноски“ на „Слободен печат“, објавена на 19 јануари 2026 година.
Неговото Преосвештенство најпрвин зборуваше за празникот Богојавление, за неговото значење, за обичаите поврзани со него и за богојавленскиот водосвет. Патем, се осврна и на обичаите поврзани со другите празници од овој период на годината. „Има некои карневали кои се случуваат во нашата земја, и кога ќе ги прашаме зошто токму на Василица се маскираат, тие велат ’ги бркаме лошите духови’. Но лошите духови не се бркаат со ништо друго освен со Христос. И Христос рече: ’Овој род’ – односно нечестивите – ’се бркаат со пост и молитва’ и со она што е од Христа благословено. А богојавленската вода е нешто што е од Христа благословено“ – објасни владиката Марко.
Владиката зборуваше и за своето школување во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“: „Ме заинтересира богословието и учењето за Бога и, не можам да кажам ’науката’, туку животот со Бога, ме заинтересира и продолжив понатаму, сè подлабоко и подлабоко, гледав дека има тука многу работи кои можат да се истражат“ – рече владиката Марко.
Епископот се осврна и на повеќе актуелни теми во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Зборувајќи за признавањето на томосот за автокефалност на Македонската Православна Црква, владиката истакна дека е потребно сите Цркви да го прифатат томосот бидејќи е потребно сите Цркви да ја потврдат автокефалијата. „Засега имаме потврда од: Српската, Руската, Романската, Бугарската и од уште некои, но од Цариградската Патријаршија и од Грчката Црква нема… сега кога не е признаен од сите, кога не е завршена таа работа – треба да се дозаврши“ – истакна владиката.
На прашањето: „Има ли Цариград право да ни поставува такви услови како тие три што ги постави: да се откажеме од името ’Македонска’, да се откажеме од дијаспората и да ја признаеме Украинската“ т.е. ПЦУ (Православната Црква во Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија)“ епископот Делчевко-каменички објасни: „Секој може да си земе за право што сака, меѓутоа важно е како ќе се одговори на тоа… Некои политички влијание треба да се сочекаат да попуштат, затоа што политичките влијанија имаат рок на траење и своја употребна вредност, а интересите на Црквата се вечни“. „Ние треба да комуницираме, да разговараме… и Господ ќе ни го покаже патот.“
„Мора да имаме комуникација, ултиматумите не се добри, ниту од едната, ниту од другата страна“ – заклучи епископот Марко.
Целиот разговор може да се погледа на следната видео снимка:

