Во емисијата на поткастот „Попкаст со Мартин Богатиноски“ на „Слободен печат“ емитувана на 13 април 2026 година гостуваше протосингел Висарион, јеромонах од Делчевско-каменичката епархија, и говореше за монашкиот живот.
– Човек кога ќе прими голема благодат заборава на сè, човек во такво Божјо присуство го доживува рајот на земјата и за него ништо друго не е битно, само да биде Бог до него. Тоа е исто како на Тавор кога се преобрази Христос, апостолите рекоа „ако може да си направиме тука три сеници и тука да живееме“. Нив не им беше битна никаква друга егзистенција, ниту дали имаат храна, ниту дали имаат друго, им беше битно само Божјото присуство – објасни отец Висарион, говорејќи за монашкиот живот.
Запрашан како да му се објасни на еден современ човек што е тоа молитва, тој рече:
– Молитва е она што го бараме да ни се оствари. Ние луѓето бараме сè и сешто, но Господ ја знае нашата иднина. И Господ знае дали тоа што го бараме ни е потребно за спасение. Затоа што, ние во молитвата „Оче наш“ кажуваме „да биде волјата Твоја“. Господ сака да нѐ види во Рајот, во вечноста, а ние бараме нешто што е привремено за 5-10 години, утре да се случи, а после тоа да го заборавиме. Ние, како луѓе, кога сме биле помлади, сигурно сме имале едни желби да ни се остварат, а потоа, откако малку ќе помине време, ќе сфатиме дека тоа што сме го барале не било важно. А единственото што ни е навистина важно е да го стекнеме Бога во себе, а тоа ќе ни дари вечен живот.
Целата емисија може да се погледне на следната видео снимка.

