Добротворен концерт во струмичкиот градски парк

На 3 септември 2025 година Амфитеатарот во струмичкиот градски парк беше премал да ги собере сите добри луѓе кои сакаа да бидат дел од хуманитарниот концерт на вокално-инструменталниот состав „Стихири“ што го организираше „Елеуса Фондација“, со цел да се соберат средства за лекување на малата Тијана Дунгевска.

Тијана, девојче на само 9 години, веќе речиси една година води тешка битка со тешка болест. Нејзиното семејство и блиските упатуваат јавен апел за поддршка и помош, со надеж дека со заеднички напори ќе ѝ се овозможи на Тијана да го продолжи своето лекување.

Првата операција ја имала на 8 ноември 2024 година. По неа следуваат пет циклуси хемотерапија и едно зрачење. За жал, по последната хемотерапија состојбата на девојчето се влошила, а на 11 август 2025 година била приморана повторно да замине на операција. Последните резултати, за жал, не се охрабрувачки, болеста продолжува да напредува.

Родителите и најблиските на Тијана со болка, но и со вера во човечката солидарност, повикуваат до сите добри луѓе: секоја помош, без разлика колку мала, значи надеж и нова шанса за ова девојче да ја продолжи својата животна битка.

„Со надеж и вера во Бога се обраќаме до сите кои имаат можност да помогнат. За нас секоја ваша поддршка е огромна“ – велат нејзините родители.

Број на сметка за донации: 200002562973471, бр. на девизна сметка во евра: МК07200002239081159, BIC/ SWIFT : STOBMK2X. Контакт телефон од таткото: 074 607 477

„Благодарност до сите наши сограѓани кои со свои донации ќе ѝ помогнат на Тијана и нејзиното семејство и голема благодарност до Вокално-инструменталниот состав ’Стихири’ за прекрасната програма која ја подготвија за овој настан. И овој пат струмичани докажаа дека се човечни и хумани“ – се вели во известувањето на Фондацијата Елеуса.

Извор: https://www.facebook.com/eleusafondacija