Христијанското семејство и врсничкото насилство

Пишува: д-р Ана Ѓорѓевиќ, психолог

Насилството како форма на интерперсонална интеракција постои уште од Каин и Авел. Врсничкото насилство не е современа појава – единствено одредени облици на насилство се нови, како што е на пример насилството преку дигиталните медиуми. Но и покрај тоа што појавата не е нова, таа е актуелна, поконкретно прашањето на родителите кои се христијани, како да се постапи соодветно кога детето/адолесцентот е вклучен во некоја од улогите опфатени во врсничкото насилство (насилник, жртва, набљудувач).

Христос ни заповеда да се љубиме едни со други, да ги љубиме дури и нашите непријатели, да го завртиме другиот образ, да проштеваме, на злото да одговориме со добро. Но, како овие заповеди да се применат во детска возраст, кога и насилникот и жртвата се во развоен период од формирањето на нивната личност? Можеме ли на своите деца едноставно да им кажеме да го завртат другиот образ? Изгледа навистина тешко овој совет да се примени во детска возраст и да даде посакуван исход. Понекогаш при исчитувањето на Новиот завет може да се заборави дека Христос започнал да проповеда кога достигнал зрела возраст, кога имал 33 години. Оттука и не е неумесно да се преиспита кога и како можат Неговите пораки да се применат во контекст на врсничко насилство помеѓу деца/адолесценти. За таа цел, полезно да се разгледаат накусо улогите кои децата ги имаат во врсничкото насилство.

Детето кое манифестира насилно однесување

Кога станува збор за детето кое покажува одредена форма на насилно однесување, најнапред се поставува прашањето за причините за неговото насилство. Тие можат да бидат многубројни, но за сите е заедничко тоа што тие се научени. Честа причина е учењето по модел. Детето може да се идентификува со родителот кој покажува насилно однесување, да се идентификува со врсниците кои се насилни или со виртуелните реални или нереални ликови кои се насилни и на тој начин постигнуваат одреден успех, остваруваат некоја цел или стекнува популарност. Детето може да биде насилно кога и самото бил жртва на насилство. Понекогаш, личноста која длабоко во себе никогаш не доживеала безусловна прифатеност и љубов, може таа своја незадоволена потреба да ја маскира со агресивно однесување. Причините не се секогаш јасно видливи, но насилничкото однесување е јасно забележливо. Тоа се манифестира преку поставување на личноста доминантно над другите, со тенденција да ги контролира другите, да ги провоцира, омаловажува, исмева, понижува, исклучува од групата, физички ги напаѓа. Колку другите повеќе се покоруваат и плашат од насилникот, толку тој е позадоволен, го зачестува и зацврстува своето агресивно однесување. Насилникот не би можел да биде насилник без да има свои жртви. Но, не секој е подеднакво „интересен“ во очите на насилникот за да биде негова жртва. Тие за свои жртви ги одбираат оние кои се послаби, за кои немаа очекување дека ќе се бранат, кои ги перципираат како слаби, плашливи, повлечени, кои имаат ниско себеценење, како и оние кои отстапуваат од групата (од мнозинството), кои не се покоруваат на групните правила, или пак кои се „миленици“ на наставниците.

Насилното однесување не смее да се толерира. Во услови кога жртвата на насилното однесување не е подготвена да се спротивстави на насилникот, неопходно е да се побара помош од родителот, наставникот, стручните служби во училиштето. Родителите на детето кое е насилник, во секој случај треба да бидат запознаени со однесувањето на своето дете и да преземат мерки за промена на неговото однесување. Воспитувањето е клучната родителска задача и нејзиното исполнување е извршување на нашата христијанска должноста.

Дете во улога на жртва

За детето да биде во улога на жртва, неопходно е детето да има доживување на омаловаженост, исмеаност, пониженост, повреденост. Децата меѓусебно се разликуваат во поглед на степенот на психолошка отпорност кој го имаат: за едно дете еден погрден збор од врсникот може да биде причина за нерасположеност и намалена самодоверба, за друго дете истата ситуација може да биде доживеана како незначителна непријатност која не се одразува на никаков начин врз расположението и однесувањето. Децата кои се почувствителни, кои имаат пониско или помалку стабилно самопочитување, или негативна слика за себеси, кои имаат помалку развиени социјални вештини, се почесто склони да се најдат во ситуација да бидат жртви на врсничко насилство.

Несомнено едно од најнепријатните родителски искуства се оние во кои родителот препознава (или дознава) дека неговото дете е жртва на меѓуврсничко насилство. Првиот знак е промената во неговото однесување. Детето кое започнува да се осамува, да е вознемирено, потиштено, нерасположено, безволно, кое има пад во училишниот успех, сосема е можно да искусило некоја форма на насилство. Овие знаци освен родителот, може да ги забележи и наставникот кој е во контакт со детето. Ова е првата родителска дилема: што да се направи во таква ситуација? Првото што е неопходно да се преземе е да се заштити детето. Нормализирањето на насилството преку речениците од типот: „ништо не ти е“, „јас низ што сум поминал/а, ова ништо не е“, „не биди плачка/плачко“, „ќе се смирите, можеби само се шегувало другарчето, не драматизирај“, „така ќе се зајакнеш“ и слично, се пораки кои имаат повеќеслојно негативно влијание врз детето. Прво, овие пораки го нормализираат насилството како форма на меѓусебен однос. Второ, го негираат или минимизираат страдањето на детето, а со тоа му испраќаат порака дека тоа не е доволно важно, дека неговите искуства и доживувања не се релевантни. Трето, родителот или наставникот кој испраќа вакви пораки не го заштитува детето, а со тоа и не му дава можност на детето да научи како да се штити себеси.

Заштитата, доколку е потребно, може да опфати и инволвирање на наставниците, стручната служба во училиштето, контакт со родителот на детето кое покажува насилно однесување. Но, детето жртва на насилство никако не би смеело да остане игнорирано и да се остави само на себе, доколку самото не е во можност да се справи адекватно со насилното однесување. Од особено значење е тоа да согледа дека има можности да преземе нешто со што ќе ја промени својата позиција. Наместо да остане во позиција на жртва и следствено да стане пасивно и повлечено, тоа треба да научи да биде самоуверено и самостојно, со полна почит кон себеси и кон другите. Да научи дека проблемите имаат решенија, дека непријатни состојби се надминуваат, дека секогаш постојат различни можности што можат да се направат, дека од тунелот има излез. 

Клучна вештина е зајакнување на психолошката отпорност кај децата жртви на насилство. Психолошката отпорност се однесува на способноста на личноста да се адаптира на непријатни, стресни и трауматични животни настани. Таа се однесува на можноста личноста да остане позитивна, оптимистична, насочена кон својата цел и покрај препреките со кои се соочува и покрај поразите кои ги доживува. Презаштитничкиот родителски воспитен стил кај детето создава доживување на онеспособеност и недоволна самодоверба. Децата кои се лишени од можноста да доживеат одредена непријатност, незадоволство, фрустрација, не можат да стекнат соодветно ниво на толеранција на фрустрации. Следствено, секоја непријатност, навреда, исклучување, тие го доживуваат подраматично, потешко, емотивно побурно, отколку што е тоа очекувано за возраста. За детето е полезно да научи да поднесува одредено ниво на непријатност и да може да се носи соодветно со тоа. Во спротивно, ќе се откажува после секоја препрека на која ќе наиде или после секој неуспех.

Истовремено, зацврстувањето на позитивната слика за себеси, самодовербата и себеценењето треба да се поткрепуваат и зајакнуваат кај децата кои искусиле врсничко насилство. За овие деца е особено значајно да ги запознаат своите силни страни, да согледаат кои се нивните од Бога добиени дарби, да се засакаат и почитуваат себеси. Тоа е основа за градење на рамноправен и адекватен однос и со другите. Тоа е и особено важно за да можат да се соочат и спротивстават на оние кои се насилни кон нив.

Дури откако адолесцентот ќе има развиено високо ниво на психолошка отпорност, високо и стабилно себеценење, кога формирањето на неговата личност ќе биде завршено, може да почне да јаде од „тврдата“ храна: љуби ги своите непријатели и заврти го другиот образ. Тоа што родителот на детето жртва може да го направи е својот фокус да го стави врз сопственото дете и градењето на негова позитивна слика за себе, формирање и јакнење на капацитетите на детето, давање на можност тоа да ги развива и реализира своите потенцијали и интереси. А што се однесува до односот кон другиот, доволно е родителот да не поткрепува одмаздољубивост и омраза. Тоа е „меката“ храна која детската психа е подготвена да ја прими.  

Детето во улога на набљудувач

Покрај насилникот и жртвата, во врсничкото насилство постојат и сведоци или набљудувачи на насилството. Тие можат да бидат пасивни, неми посматрачи, да пак активни поддржувачи на насилникот или заштитници на жртвата. При појава на врсничко насилство, родителите и наставниците својот фокус на внимание го поставуваат врз насилникот и жртвата, додека децата кои се набљудувачи неретко остануваат незабележани. Нивната улога е најпотценета, иако и таа заслужува внимателно опсудување. Набљудувањето на насилството не е или барем не би требало да биде неутрален процес.

Децата кои пасивно и набљудувачи и кои молчат за сведоштвото на насилство, да долгорочен план лесно се формираат во апатични и бесчувствителни личности. Апатичноста е најчесто проследена со банален животен став, па личноста станува „ни студена, ни жешка“. Активните поддржувачи на насилникот се на чекор и самите да станат насилници во иднина. Постојат деца кои имаат став дека тоа што го прави насилникот е несоодветно, но немаат храброст да му се спротивстават на насилникот. Последната категорија се набљудувачи кои на различни начини активно застануваат во заштита на жртвата. Тоа може да го прават на тој начин што на жртвата ќе ѝ дадат поддршка, охрабрување, совет, на тој начин што директно ќе се спротивстават на насилникот, или пак така што ќе ги информираат родителите и/или наставниците за насилството на кое се сведоци.  

Превенцијата за насилството започнува во домот

Родителот поминува најмногу време со своето дете додека тоа расте и затоа тој има најдобра можност го запознае сопственото дете, со сите негови силни и слаби страни. Тој е примарно важен за детето да изгради позитивна слика за себеси, став на почитување на другиот, како и да оформи соодветен став кон насилното однесување. Родителот кој гради топол и близок однос полн со доверба, остава отворени врати за детето да му се обрати тогаш кога тоа се соочува со врсничко насилство, како во улога на жртва, така и во улога на набљудувач. Една од родителските должности е да препознае, коригира и дисциплинира несоодветни постапки кои неговото дете може да ги прави, како што се насилното и агресивно однесување. Насилството е научена форма на однесување, што значи дека истото може да биде заменето со научени поинакви, адекватни форми на однесување. Промените се не само можни, туку и неопходни. Христос ги повикува сите кон постојана промена и богоуподобување. Тој повик се однесува на сите нас како возрасни личности. Родителска должност е да се поттикнува и охрабрува доброто кај детето и да се коригира тоа што е несоодветно. Ако ние се менуваме и растеме во љубовта, ќе можеме да бидеме успешен модел за идентификација на децата, упатувајќи ги кон патот на љубовта, а не на омразата.


Текстот е првично објавен во списанието „Премин“, двоброј 171/172, од октомври/ноември 2023