На 1 септември 2026 година, Неговото Блаженство Патријархот Романски Даниел ги повика младите учесници на Меѓународната средба на православната младина 2026 во Букурешт храбро да сведочат за христијанските вредности. На средбата учествува и делегација од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како што известивме.
Романскиот Патријарх истакна дека „младиот православен христијанин кој ги љуби Бога и ближните ја открива и сведочи вистината дека распнатиот и воскреснат Христос му ја нуди на човештвото Својата смирена и милосрдна љубов — љубов која нè ослободува од себичноста и внесува мир и радост во семејниот живот, пријателството и заедницата“.
Во продолжение е обраќањето на Патријархот Даниел во целост.
Радосно ве пречекуваме во Градот на радоста!
Меѓународната средба на младите православни христијани, организирана во Букурешт од 31 август до 3 септември 2026 година, ги обединува учесниците од различни земји и претставува настан на христијанско заедништво и радост, сведоштво за православното братство, како и конкретна можност за засилување на мисијата на младите во животот на Црквата денес.
Темата на средбата е „Младите, семејството и животот во Христа“, а настанот се одржува во контекст на Свечената година на пастирската грижа за христијанското семејство и Комеморативната година на светите жени во календарот (мироносици, маченички, монахињи, сопруги и мајки) во рамките на Романската патријаршија.
Во општество кое брзо се секуларизира, Црквата повторно ја потврдува вистината дека христијанското семејство е жива клетка на Телото Христово, икона на Христовата љубов кон Црквата, и дека бракот не е само административен и општествен настан, туку Света Тајна, односно духовна Тајна, на Божјата љубов кон човештвото.
Во христијанското семејство, како простор на несебична и дарежлива родителска љубов, децата растат како единствени личности, учејќи ја синовската и братската љубов, како и Божјата љубов кон сите луѓе. За децата и младите во христијанското семејство, верата се живее и се пренесува преку молитвата како израз на љубовта кон Бога и преку добрите дела како израз на љубовта кон ближниот.
Децата и младите се дарови од Бога за семејството, Црквата и народот. Преку нивното христијанско воспитување, тие можат да станат не само добри граѓани на својата земна татковина, туку и граѓани на небесната татковина, односно светители кои се споменуваат во календарот на Православната Црква, како што се осумте светители од семејството на свети Василиј Велики.
Бидејќи младоста, во овој минлив свет, е симбол на убавината на вечниот живот што доаѓа, Бог во срцата на младите всадил копнеж по стремежот кон повисока цел, кон светата љубов и кон вечниот живот.
Ова јасно се гледа во евангелскиот расказ за богатиот млад човек, кој сфатил дека совршената среќа не се наоѓа во ограничените и минливи материјални богатства, туку во вечната Божја љубов (сп. Марко 10, 17–21; Лука 18, 18). Затоа, тој Го прашал Господ Исус Христос: „Учителе добар, што треба да направам за да наследам живот вечен?“ (Марко 10, 17).
Светите Евангелија покажуваат дека нашиот Господ Исус Христос ги благословувал децата (сп. Матеј 19, 13–15) и многу ги ценел младите. Сите три воскресенија од мртвите што ги извршил за време на Својата земна служба биле воскресенија на млади луѓе.
Господ Исус Христос од мртвите го воскреснал синот на вдовицата од Наин, ќерката на Јаир и Својот пријател Лазар од Витанија. Тој ги воскреснал овие млади луѓе од мртвите од милосрдна љубов кон нивните семејства, но и затоа што сакал да открие дека младоста е симбол на убавината на вечниот живот во Царството Небесно (сп. Матеј 22, 30).
Значајно е и тоа што многу од учениците кои Го следеле Христа биле млади, како што биле млади и некои од учениците или духовните синови на светиот апостол Павле. Нивните имиња биле Тихик, Трофим, Терциј, Тимотеј и Тит. Последните двајца подоцна станале епископи: Тимотеј во Ефес, а Тит на Крит. Светиот апостол Павле му напишал на својот ученик Тимотеј: „Никој да не ја презира твојата младост, туку биди им пример на верните во слово, во поведение, во љубов, во дух, во вера и во чистота“ (1 Тимотеј 4, 12).
Светиот апостол и евангелист Јован, најмладиот меѓу апостолите на Исус Христос, им се обраќа на младите со овие духовни совети: „Ви пишувам вам, млади, бидејќи сте силни, и словото Божјо пребива во вас, и го победивте лукавиот […]. Светот поминува и похотата негова, а оној што ја исполнува волјата Божја, останува довека“ (1 Јован 2, 14 и 17).
Христовата љубов кон младите денес се открива во тоа што младиот православен христијанин кој бара заедништво со Бога и со другите учествува во литургискиот живот на Црквата и на тој начин станува учесник во смирената и света љубов на Пресветата Троица.
Побожниот млад верник ја внесува таа љубов во семејниот, црковниот и општествениот живот. Во таа смисла, младиот православен христијанин е благослов за своето семејство, пример за другите млади и мисионер во животот на Црквата. Да се биде млад во Црквата, пред сè, значи да се има желба и храброст да се сведочи за вечните христијански вредности во свет кој е маѓепсан од минливи модели и вредности.
Младиот православен христијанин кој Го љуби Бога и ближните ја открива и ја сведочи вистината дека распнатиот и воскреснатиот Христос му ја нуди на човештвото Својата смирена и милосрдна љубов — љубов која нè ослободува од себичноста и внесува мир и радост во семејниот живот, пријателството и заедницата.
За воспитување и образување на децата и младите во верата, Романската православна црква постојано развива програми и проекти на локално и национално ниво, како и меѓународни средби на млади православни христијани.
Овие собири им помагаат на младите да разберат дека Црквата не е само институција, туку нешто многу повеќе: таа е големото семејство на љубовта на Пресветата Троица кон човештвото, жива заедница во која секој член е повикан да ги принесе своите дарови за доброто на оние околу него и на целата заедница.
Драги млади, со голема топлина ве пречекуваме во Букурешт на Меѓународната средба на младите православни христијани! Бидејќи името на Букурешт, главниот град на Романија, во духовна смисла значи „град на радоста“, денес ве пречекуваме со радост и надеж дека овде секој ден ќе ја доживувате таа радост.
Со голема радост сте пречекани во Националната катедрала во Букурешт не само од многубројните светители насликани во византиски мозаик, туку и од сите архијереи, свештеници, ѓакони и млади Романци кои сакаат да ви помогнат заедно да растете во молитва, дијалог и пријателство, со што ќе го зајакнувате братското православно заедништво меѓу луѓето од различни народи.
Се молиме нашиот Господ Исус Христос да ги благослови сите учесници на оваа Меѓународна средба на младите православни христијани!
Даниел
Патријарх на Романската Православна Црква
Извор: https://basilica.ro/en/patriarch-daniel-opening-ito-2026-en-gr/
