Последованието на Женикот во Ерусалимската Патријаршија

Фотографија: jerusalem-patriarchate.info

Вечерта на Цветници, 15/28 април 2024 година, беше отслужено Последованието на Женикот (Богослужбата на Младоженецот) во  храмот на Воскресението, во Ерусалим. На службата началствуваше Блаженејшиот Патријарх Ерусалимски г.г. Теофил. На службата присуствуваше генералниот конзул на Грција во Ерусалим, г. Димитриос Ангелопулос и конзулот, г-ѓа Ани Мадика, со учество на монаси, монахињи и благочестиви поклоници.

Во својата беседа на службата, Ерусалимскиот патријарх, помеѓу останатото, рече:

„Ние сме членови на Црквата, која, пак, е Тело Христово, та ние сме и членови на Телото Христово. Со други зборови, односот меѓу Бога и човекот во личноста на Христа е брачен однос и брачно соединување. Темелот и обединувачката сила на бракот е љубовта во Христа.

Во овој брак на Младоженецот Христос и Невестата – Црквата, поканети сме да учествуваме и ние. За да учествуваме, пак, не само што мора да ја прифатиме поканата, која многумина ја одбиваат, туку и да се облечеме во соодветна облека.

Оваа покана ќе одекнува сè додека Христовата Црква постои во светот. Меѓутоа, бидејќи службата, односно часот и денот на свечената служба на бракот не се одредени, потребно е секој од нас да биде буден, за ​​кога ќе дојде Младоженецот да бидеме подготвени, како мудрите девојки кои беа подготвени и со украсени светилки.

Еве го времето за подготовка – Светата и Велика Седмица од Великиот пост, која нè повикува и нè подготвува за празникот на празниците, славното Христово Воскресение.“

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/η-ακολουθια-του-α-νυμφιου-εισ-το-πατρ-2/