Свештеникот Франциско Салвадор Брусенгареј, досегашен клирик на Архиепископијата на Чиле при Антиохиската Патријаршија, е расчинет на 22 мај 2026 година. Тој служеше како парохиски свештеник во храмот „Пресвета Богородица“, најголемата православна парохија во Чиле.
Според соопштението Чилеанската архиепископија на Антиохиската патријаршија, поради природата на неговото однесување, на Салвадор му е забранет влез во парохијата во период од десет години, освен со изречно одобрение од архиепископот.
Постојат индиции дека наводните прекршоци наскоро ќе бидат предмет и на судска постапка, бидејќи материјалите од истрагата биле доставени до Јавното обвинителство, кое треба да утврди дали постојат дејствија што претставуваат кривично дело.
Франциско Салвадор Брусенгареј беше познат како харизматичен проповедник и еден од најпрепознатливите православни свештеници во Латинска Америка. Во јануари годинава, видео објавено на неговиот профил на Инстаграм стана вирално, прикажувајќи како крштева и миропомазува 50 лица во парохијата „Пресвета Богородица“.
Тој стекна голема популарност преку својот Јутјуб-канал „DoxaTV“, како и преку предавањата на Институтот за теологија „Свети Игнатиј Антиохиски“ и на Универзитетот Баламанд во Либан.
Салвадор е дипломец на Св. Владимирова православна богословија, каде што студирал во периодот од 1996 до 1999 година.
Архиепископијата соопшти дека расчинувањето стапило во сила на 22 мај 2026 година, а целосниот текст на одлуката го пренесуваме преведен на македонски јазик.
Верниот народ се известува дека со Архиепископски указ бр. 80/2026 од 22 мај 2026 година, г. Франциско Салвадор Брусенгареј, поранешен парохиски свештеник на православниот храм „Пресвета Богородица“ во градот Сантјаго, Чиле, е казнет со расчинување, при што веднаш ги губи сите титули, овластувања, надлежности и права што произлегуваат од свештеничката служба во светотаинската, пастирската и административната сфера.
Како последица на оваа казна, г. Салвадор нема право да носи свештеничка или клерикална облека, одежди, инсигнии или други обележја, ниту пак да користи каков било надворешен знак што би можел да создаде впечаток дека сè уште го поседува свештеничкиот чин.
На г. Салвадор му е забрането да врши Свети Тајни, да богослужи, да извршува пастирски должности, да проповеда, да предава катихеза или да врши какви било дејности својствени за свештеничката служба, било јавно или приватно. Поради тоа, ниту еден клирик не смее да сослужува со него, а ниту еден верник не смее да го прифаќа како свештеник, да му укажува почести како на свештено лице, да му ја целива раката или да прима благослов од него.
Поради сериозноста на дејствијата за кои е изречена казната, исто така е донесена одлука за забрана за влез во парохијата „Пресвета Богородица“ и нејзините придружни објекти во период од десет години, освен со изречно архиепископско одобрение. Дополнително, целокупната документација од истрагата е доставена до Јавното обвинителство, со цел да бидат истражени оние дејствија што според важечкото законодавство претставуваат кривични дела.
Сите лица кои сметаат дека биле засегнати од околности што треба да бидат разгледани од редовните судови, можат да се обратат до Првостепениот црковен дисциплински совет [email protected] или директно да преземат какви било правни дејствија што ги сметаат за соодветни.
Сантјаго, 25 мај 2026 година
о. Кристијан Силва Купер
Секретар на Православната Архиепископија на Чиле.


Извор: https://www.chileortodoxo.cl
