Фотографија: dveri.bg
Свештениците на Бугарската православна епархија во САД, Канада и Австралија, веќе неколку години наназад, за време на петтата недела од Великиот пост, со благослов на надлежниот епископ, ги напуштаат домовите и парохиските цркви за да се повлечат на молитва неколку дена. Ова повлекување го нарекуваат „говение“. Секоја година собирот е во различни цркви-домаќини. Годинава тоа е новата бугарска црква „Св. Георгиј“ во градот Орландо, Флорида. 28 свештеници од Америка и Канада и двајца чтеци „монашки“ се изолираа неколку дена, во усрдна молитва, која го вклучуваше целиот покаен канон на Свети Андреј Критски, целиот акатист Богородичен, вечерни и утрински служби според Посниот Триод и Света Златоустова Литургија во сабота.
Смирението, покајанието, исповедта и причестувањето со светите Тајни имаа централно место во ова духовно задлабочување. Сето тоа се правеше едномислено, та преку пост, молитва, богослужба, меѓусебно простување и целосно преобразување, со помош на Божјата благодат, душите колку што е можно повеќе да се приближат до Господа Исуса Христа.
Беа организирани и шест сесии за дискусии, интервјуа, но и за восфалување на Светиот Дух, Кој јасно нè смета за „служители Христови и управници на Божјите таинства“ (1Кор. 4, 1).
Плод на ова повлекување се и кратките ставови за неодложни проблеми во врска со еволуцијата на создавањето, дарувањето органи, кремирањето на мртвите, хомосексуалноста, абортусот, бракот, разводот, крштевањето, миропомазанието, покајанието, исповедта, Светата Причест, приемот на неправославието, масонството во христијанската средина и воспитувањето на децата. Конечните текстови се предмет на одобрување од Епархискиот годишен совет, по што ќе бидат дистрибуирани како ставови на епархијата.
Извор: https://dveri.bg/component/com_content/Itemid,100724/catid,19/id,73265/view,article/