Автор: Д. С. Мерешковски
Судејќи по мракот, кој одненадеж настапил тој ден по цела Голгота – темнината настапила по целата земја; тоа утро сонцето излегло матно и злогласно, како и секогаш пред југоисточниот ветар хамзин. Само што судиите излегле од судницата, погледнаа во небото и, можеби во истиот миг, помислија: „Прв ден на Пасха – хамзин! Лош знак!“. „Жолтиот е полош од црниот“, се говореше меѓу народот. Тоа значи: „Тивкиот и жолт демон на хамзин е многу полош од жолтиот демон на бурата“. Сосема високо во небото ветарот продува, допирајќи се речиси до земјата, гонејќи ги насекаде низ Арапската пустина облаците со недопирлива прашина. Само што таа чкрта под забите, го успорува дишењето и ги воспалува очите. Однекаде од далечината, од црниот самум-хамзин, се наѕира жолта и слаба, но сепак страшна темнина. Се шири по небото и земјата како чад од пожар, темножолта магла, во која виси темноцрвеното безрачно сонце. Одненадеж, по ноќната свежина, настапува неподнослива жештина, како да избувнува од ноќта. Со едвај подносливиот воздух, од Мртвото Море доаѓаше здив сулфурен, здив на омарнина и уште понеподнослив здив сличен на стрвина. Низ полето тревата и цвеќињата венеа. Утринските птици, кои само што запеаја – веќе замолкнаа. Тажно блеат овците и рикаат биковите. Пците талкаат со исплазени јазици, а луѓето се стиснале како пред некоја неизбежна несреќа која надоаѓа. Како пред настап на хаос и крај, по лицето на небото и земјата поминува злокобна темнина.
И се подигна мноштво
и го одведоа пред Пилат,
во преторијата, која се наоѓаше над градот, во Антониевата тврдина, до каде што се стигнуваше од храмовиот плоштад преку широки, двострани скали.
Мрачно, под мрачното и крваво сонце на хамзин, на плоштадот блескаат бакарните шлемови, оклопи, штитови и над изврзаните во снопови копја – римските знаци, двоглавите орли, држејќи во своите канџи таблички со четирите наредбодавни букви – S.Р.Q.R. = Senatus Populus Que Romanus.
Уште во рана зора се слушаат бакарните труби, во исто време тука – во топложолтата магла на хамзин, како и таму, на крајот од светот, меѓу белите смрзнати кристали на британската непрегледност. „Големината на римската империја е неизмерна“ – во сѐ се чувствува некоја неземна изнемоштеност, заради која луѓето сами на себе си пуштаат крв од топлите вени.
Пред влезот во преторијата, пред плоштадот се издигнува „камениот подиум“, грчкиот литостротон, еврејската гавата, што значи „тањир“ или „чаша“, наречен така, најверојатно заради тоа што кружно бил изработен од бодликави зраци, кои се спојувале во еден центар, во вешт мозаик, кој наликувал на длабока чаша. Тој служел како судска трибина, од каде што се објавувале судските пресуди. Званичниот и општонароден суд, под отворено небо, наследството на староримската република, бил чуван и од императорскиот Рим. Римјаните ги посакувале раните судења, „за време на првата дневна светлина“. Уште немало седум часот, кога Пилат влегол од внатрешните одаи во преторијата, каде што тоа утро било закажано судењето на самонаречениот „Цар Јудејски“ – Исус Назареецот.
Ако е точна забелешката дека лицата на поданиците секогаш помалку се слични со лицата на господарите, тогаш би можеле да судиме за личноста на Пилат, скоро невиниот Христов убиец, според личноста на Тит Веспазијан, исто така невиниот убиец на Израилот. Пилатовата личност би можеле да ја погодиме со поголема веројатност, дотолку повеќе што во евангелските сведоштва претставена е неговата внатрешна духовна личност со толку необична живост, па исто така живо може да се претстави и неговата внатрешна личност. Лицето четвороаголно, тромаво, камено, мазно, избричено, со меки, кукавички образи, со тромбоидни патрициски јаболчници; со царско чело предестинирано за оратори, со онаа грозна, танка и скептична насмевка – „Што е вистина?“. На таквото лице била одразена управителско-достоинствената, самоубиствена досада.
Кога би можеле да се фрлат во заборав имињата на Александар и Цезар, сепак, името на Пилат би останало во човечките спомени, зашто се наоѓа паралелно со Христовото име: Понтиј Пилат, прокураторот, го казни Христос – Christus par Pontium Pilatum procuratorom suplicie adfectus erat! Овие зборови на Тацит одекнуваат исто така, како и благата вест од ѕвоната на Никејскиот собор: „Верувам во Христа Исуса, Кој беше распнат и пострада за нас – во времето на Понтиј Пилат“.
Пилат премногу би се зачудил, а можеби многу не би се израдувал, да знаел за својата идна слава. Веројатно уште повеќе би се зачудил, да сфател што значело да се биде христијанин и да знаел дека христијаните би го имале за свој човек. „Во својата совест Пилат веќе е христијанин, – ни говори Тертулијан, – додека сите луѓе, кои наивно веруваат, би сакале од Пилат да направат свој „светец“ – Sanctus Рilatus!“.
Но, секако дека воопшто не би се восхитувал, туку само би ги собрал рамењата, презрено би се насмеал, кога би го прочитал во извештаите на своите најогорчени непријатели – Јудејците, како Ирод Агрипа и философот Филон, списокот на своите злосторства. Бил обвинет заради ужасна строгост, лихварство, грабежи, казни без судења… Тогаш, навистина, би можел да се насмее, сеќавајќи се како цезарот Тибериј го поучувал на милосрдност. Не, Пилат не е „свет“, но тој не е злосторник. Тој многу повеќе е на повисок степен од нормален човек од свое време. „Еве го човекот!“ – би можело да се каже токму за него. Помалку хуман, помалку строг, помалку благороден, помалку подло човече, помалку мудар, помалку безумен, помалку невин, помалку престапник: од сѐ помалку и ништо целосно! – вечното прокетство на средните луѓе. Ете, на тој „среден човек“ му било судено и по Божја промисла да му речи на Божјиот Син да тргни на Крстот!
По сѐ изгледа дека Пилат, и покрај сето она што за него говореле неговите непријатели, не бил ни подобар ни полош од останатите тогашни римски провинцијални чиновници. Ако бил и суров, тој не бил таков по својата лична определба, туку по општата римска суровост. Старата Волчица, примајќи го во своите прегратки туѓото младенче, го лижи и го грицка со мајчинска нежност. Маќеата го гали туѓото, може да биде и од царска крв, болно дете. Римјаните исто така ги галеле Евреите, та дури и тешко е да се поверува: ги казнувале римските граѓани според законот за осквернување на онаа иста јудејска вера, која просветените Римјани ја сметале за „јудејско суеверие“. А Јудејците, колку повеќе биле разгалувани, дотолку постанувале безобразни. Римските намесници биле доведени до такво очајание, така што биле принудени слепо да удираат по било што и да стигнат.
Изгледа нешто слично се случило и со Пилат. „Намесник на јудејска провинција“ – оваа службена положба многу не го радувала, особено по шестгодишното искуство. Од ден на ден, сѐ појасно претчувствувал дека не може да ја задржи својата глава, дека не можи да се спаси меѓу два огна – римското галење и еврејската дрскост. „На нивната строга побожност не можел да се начуди“, – напоменува Јосиф Флавиј. Би требало да се кажи „фанатизам“, отколку „побожност“. Пилат им се обраќал на Евреите со својата лоша страна, ама и тие кон него. За Евреите тој бил „необрезан пес“, „непријател на Бога и луѓето“; а тие за него биле племе на „прокажени“ или „збеснати“. Да се управува со нив било исто како да се управува со змиино гнездо. Тоа е истото она, кое подоцна го почувствувале сите просветени и хумани луѓе од Рим, како што биле Тит Веспазијан и Трајан, сакајќи да го истребат целото племе и до темел да го уништат гнездото аспидино. Чувствувале дека е потребно да го разурнат Ерусалим, така што во него да не остане ни камен на камен; со плуг да поминат преку тоа место, и со сол да ја посолат таа земја, та ништо на неа да не можи да порасни. Можеби истото тоа веќе го чувствувал и Пилат.
Ако му биле несфатливи, гнасни и страшни сите постапки јудејски, тогаш оваа постапка со Исуса му изгледала пострашна, погнасна и понесфатлива од сите. Да постане орудие на јудејската искривоколченост, Пилат не можел да постане со лесно срце,
Зашто знаеше дека првосвештениците
Го предадоа од завист.
Многу лесно можело да се насети што предизвикало кај нив завист кон Исуса: мудроста, светоста, чудесната власт над луѓето, сѐ она што на Пилат му изгледало како добродетел. Сепак, таа завист тој не би можел да ја забележи од обвиненијата против Исуса, поднесени од неговите непријатели, ниту пак од истрагата против обвинетиот, кој постојано молчел. Ако нешто малку знаел за нивната завист, тоа е најверојатно затоа што доволно бил информиран за Христовата дејност од претходно. Пет дена пред тој настан, влегувањето во Ерусалим на Давидовиот Син, тешко дека било непознато за римскиот намесник. Исто така брзо и лесно, како и до царот Ирод во Тиверијада, можело да дојде и до Пилат во Кесарија Приморска, престолнината намесничка, веста и за претходните дела на пророкот од Назарет, очекуваниот Месија, царот Јудејски, за Неговите чудеса и знаци. Можел да стигне гласот дека народот го смета овој нов пророк за Божји Син и „Син на боговите“, како што го нарекол капетанот, кога ја видел Неговата смрт на крстот. А што значи „Син на боговите“, можел да знае и Пилат и по тоа што сите големи луѓе од Александар до Цезар, како и до тогашниот „божествен“ Август Тибериј, се нарекувале – „синови на боговите“. Пилат тоа можел да го знае, како и сите просветени Римјани од четвртата Виргилиева еклога, која на римскиот поет му ја гатала јудејската Сибила за „синот на боговите“, кој треба да дојди; за крајот на стариот железен век и почетокот на Новиот, Златниот, за „царството Божјо“ на земјата:
Наскоро ќе настапи тоа време;
наскоро ќе бидеш прославен
Потомоку на големите богови, величествено Зевсово чедо.
Гледам ли, како со целата своја тежина, се колеба светска оска,
бедрата земјини, морските бранови и длабокото небо?
Впрочем, можеби Пилат во сето тоа како да бил „средишен“ човек: Де верувал, де не верувал во „синот на боговите“, кој требало да дојде. Де се потсмевнувал, де се плашел. Многу повеќе воопшто не размислувал за тоа. Но, не е залудно Пилатовото доба, доба и на Антониј Тијански. Слушајќи ги чудата за новиот „маг“, Пилат по својата прилика во своето маловерие ги измешал двајцата чудотворци – Тијанскиот и Назареецот.
Ирод одамна посакувал да Го види Исуса, зашто многу слушал за Него, надевајќи се дека од Него ќе види било какво чудо.
Нешто помалку од тоа посакувал и се надевал и Пилат, но најверојатно и тој кон Исуса чувствувал нешто слично.
„Да ги испратам Јудејците по ѓаволите!“ – била првата мисла на Пилат, кога го известиле дека членовите на Синедрионот го довеле на суд „бунтовникот“, Исуса Назареецот, и дека не сакаат да влезат во преторијата, за да не се „осквернат“ на Пасха. Според „еврејската упорност“, навистина, сѐ така би требало да биди. Римскиот намесник не можел на тоа да се навикни. Тоа му наликувало на пес, кој не би сакал да влезе во домот на човек, за да не се оскверни.
И погледна кон матното небо, безнадежно, безрачно…
Сигурно дека другиот потег на Пилат бил да ги подигне очите и да погледни кон жолтоматното небо, кое било безнадежно и безрачно, кон црвеното и крваво сонце, кон хамзин… Веднаш разбрал од каде почувствувал болки во коските од зглобовите, тежина во главата и жештина по целото тело – се наежил „од времето“.
Сѐ страшно се намуртило: одвратно небо, одвратна земја, одвратни луѓе… Но, овој настан со Исуса е најодвратен! Како ќе се заврши сето ова? Со ново обвинение од страшниот старец на Капреја – Сејан, подлиот клеветник? Знаел колку опасно може да биде обвинението против него за „навреда на величеството“, всушност „царот јудејски“.
Пилат знаел дека „да ги испрати Јудејците по ѓаволите“ и не е така лесно: цел ден, цела ноќ тие ќе стојат пред вратите, и сѐ додека не го добијат своето нема да се откажат. Или, што е уште полошо, ќе ја возбунтуваат светињата, а потоа ќе ја префрлат кривицата на него, како што тоа веќе се случило неколку пати.
Се сетил! Може да се случи и опомена на „човекољубецот“ Тибериј, па злобно се насмеал. Мрзеливо се подигнал, бришејќи ја потта од челото, па полека, со тежок ôд, како да не одел сам, туку како да го влечела некоја невидлива сила, излегол на литостротонот. Тука го очекувале седумдесетте во бели облеки, толку искинати, така што партали се влечеле по прашината, заедно со едниот обвинет.
По своја прилика, заповедал да му бидат одврзани рацете. Потоа, долго време го набљудувал. Не можел да го тргни погледот од црвените окови, врзани со јажиња по бледотемната кожа: „Како го стегнале, бедници!“, – можеби и си помислил.
Рацете биле право спуштени. Очните капаци се спуштале толку тешко, така што изгледало дека никогаш нема ни да се подигнат. Устата била толку цврсто затворена, така што се чинело дека никогаш нема ни да се отвори.
Пилат внимателно се загледал во лицето: „Син на боговите?“. Не – лицето е како и кај другите. Необично е дотолку, што му изгледа како познато. Всушност, како некаде веќе да го видел, само не може да се сети кога и каде, како во сон.
И го запраша Пилат: „Ти ли си тој Цар јудејски?“. Во ова прашање се гледа римската мудрост, чудење и сожалување: Зарем Ти се осудуваш да помислиш на царството и да се расправаш со божествениот Цезар?
Цврсто затворените очни капаци полека се подигнаа, затворената уста полека се отвори.
„Ти рече“, – слушна Пилат тивок глас. И во тој момент уште појасно почувствува дека некаде и некогаш веќе го видел тоа лице.
На Исуса полесно му било да се смилува на митникот, на блудницата и на разбојникот на крстот, отколку на овој „средишен и неодлучен човек“ – Пилат! Но, иако стоел измачен пред него, Он и на него се сожалил. И нему му предложил спасение, затоа што тој скоро и посакувал да го спаси. Што му рекол за вистината дословно – не знаеме, затоа што на Христа му се припишани зборовите. „Секој, кој живее во вистината, го слуша гласот мој“, – како што забележал апостол Јован. Но, Пилатовиот одговор познат ни е со несомнена историска точност. Го слушаме, исто како што го слушнал и Исус. Гледаме, исто како што и Он гледал, во нежната насмевка на избричените усни страшна и неземна тага, можеби истата онаа тага, со која Пилат ќе гледа во водата, заматена со крвта од расечените жили.
Што е вистина?
Во овие зборови се состои „громовното чудо“, како што говори Големиот инквизитор на Достоевски за трите демонски искушенија: „Ако овие зборови би биле неповратно загубени, заборавени, и ако би требало повторно да ги обновиме, дали сета земна мудрост би можела да пронајди нешто слично?“.
Всушност, што би можел целиот Рим, па и целиот свет, да ѝ кажи на самата Божествена Вистина, која е повикана пред неговиот суд, ако не токму тоа: „Што е вистина?“. Но, колку Пилат и да прашувал, Исус молчел, повеќе не говорел, туку делувал. „Словото постана тело“ и секој човечки збор од тој момент била неспоредлив со тоа божествено делување. Он повеќе не говорел, туку токму Вистината. Што е вистина? На ова вечно прашање од овој свет – вечен е одговорот на Синот човечки – „Јас!“
Превод од руски: протоереј Златко Ангелески
Извор: https://blagovesti.wordpress.com/2016/04/30/пилатовиот-суд/