Осветување на храмот „Св. Јован Владимир“, во с. Подгорци, Струга

„Крстот светол што ти се јави од небесата, си им го проповедал на сите,
просветлувајќи ги јасно народите, славен Јоване Владимире;
со пролевањето на својата крв си се украсил,
и си се удостоил за непропадливите почести, стоејќи пред Света Троица;
затоа со смелост моли се за нас на Христа нашиот Бог“
(тропар на св. Јован Владимир).

На 4 јуни 2024 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот Јован Владимир и на светиот праведен Мелхиседек, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димитрија Павлески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши преосветување на храмот „Св. Јован Владимир“ во с. Подгорци, Струга.

Храмот започнал да се гради во 1924 година, а се изградил наредната 1925 година. Сегашната реконструкција на храмот започна во 2021 година, со заложбите и со донација на г-дин Владо Пупиноски, како и со поддршката и помошта од иницијативниот и црковниот одбор од селото. Храмот е целосно фрескоживописан од зографот Тони Милцов, а иконостасот потекнува од 1925 година, а сега е реставриран од страна на г-дин Перо Шутиноски. Поставен е и нов мермерен под и нов престол.

По осветувањето на храмот, беше отслужена и света архиерејска Литургија, а по завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Во Светото писмо се вели: Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи (Мт. 5, 14-15). Откако се дојдени нашите предци на овие простори, Црквата Христова стоела постојано на високо место, како град на врв планина. Светела со голема светлина, со светлата на евангелските начела, на сите патишта на народниот живот, верата и моралот, културата и просветата, и општественото живеење. Имало долги временски периоди кога нашиот народ немал никакви други културни и општествени организации, па Црквата била единствена која го водела преку најмачните времиња. Нашите храмови и манастири биле единствените духовни центри што го покренувале нашиот народ на сите национални и духовни обреди.

Истовремено, тука постоеле и духовни бариери на народен отпор, во борбата против сите наши непријатели и освојувачи кои доаѓале да го поробат, освојат и уништат. Најпрво ги напаѓале нашите духовни светилишта, црквите и манастирите. Сметале дека не можат да ги поробат пред да ја поробат нивната душа. Непријателите знаеле дека нема да можат да го освојат ниту поробат верниот народ сѐ додека постои Светиклиментовата црква.

Една приказна зборува за еден младинец кого на пат го зафатило страшно невреме. Неговите родители се исплашиле и мислеле дека е загинат во тоа незапомнето невреме. Но, на радост на родителите и на сите во куќата, тој се вратил здрав во својот дом. На прашањето од сите во куќата: како се спасил?, тој им рекол: Застанав под една голема цврста карпа. Светкаа секавици, удираа громови, земјата се тресеше и јас треперев. Но, карпата која ме чуваше не се тресеше. Така и нашиот народ, во долгата историја на своите страшни животни бури и невремиња стоел под браникот на својата Црква, заштитен како под некоја огромна гранитна карпа.

Безбројни се местата каде човек може да се скрие, но само едно е местото каде што може да се спаси. И нашите луѓе во тешките поробувања можеле да се скријат заминувајќи во разни насоки и на најразлични начини. Можеле да се потурчат, да се одродат од своето име и од својот народ, од својот јазик или да побегнат во туѓа земја и помеѓу туѓинци. Можеле да се откажат од себе, но не можеле да се спасат. Ако така постапеле би пропаднале, како што пропаднале сите кои слично постапиле. Имало само една и единствена карпа под која можеле да се спасат. Тоа била нашата православна вера. Тоа е историската реалност која никој не може да ја оспори, дека нашата Црква ги чувала верниците преку верата и моралот, преку културата и обичаите, преку јазикот и народната душа.

Уште во Стариот завет, псалмопеачот има речено: Зар во Бога не се упокојува мојата душа… зашто Он е мој Бог Кој е Спасител. Застапник мој, нема повеќе да се поколебам (Пс. 61, 1-2). И овој ваш мал храм е цврста карпа која ќе ги чува нашите нови поколенија во иднина. Се случувало многу често онака како што вели ап. Павле: Бог го избира она што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните (1. Кор. 1, 27).

Денеска имаме многу причини да се радуваме на ова осветување на овој храм посветен на св. Јован Владимир. Црквата ќе нѐ инспирира да ја чуваме нашата вера, да ги чуваме религиозните принципи, да се каеме за нашите гревови и престапи, а кога ќе паднеме повторно да се подигнеме. Бидејќи храмовите се место каде што се добива благослов Божји за победување на секое зло што нѐ напаѓа во нашиот живот. Па и овој свет храм нека послужи да се излива благодатта Божја врз секого кој ќе влезе во него и ќе побара помош од Господа Бога.

Да кажеме неколку збора и за Божјиот угодник на кого е посветен овој свет храм. Св. Јован Владимир бил многу набожен владетел, којшто владеел со Зета, денешна Црна Гора. Во една борба со царот Самоил, тој бил заробен и ставен во зандани. Но, како затвореник многу му се допаднал на Самоил и тој одлучил да го ослободи и да го врати на својот престол и му ја дал својата ќерка Косара за негова сопруга. По смртта, пак, на царот Самоил, на царскиот престол дошол неговиот син Гаврил Радомир. Брзо по стапувањето на тронот, бил убиен од неговиот братучед Гаврил Владимир. Плашејќи се дека Јован Владимир има право на наследство преку својата сопруга, Гаврил Владимир одлучил на подмолен начин да го убие и да владее сам. За таа цел го искористил Охридскиот архиепископ Давид, кој испратил пратеници да го поканат да дојде на мировен разговор со Гаврил Владимир. Овој благочестив владетел поверувал на оваа покана и одговорил на повикот, но наместо да се разговара, злобниот и подмолен владетел испратил веднаш џелати да го убијат. Оваа праведна душа била убиена во 1016 год., а неговата сопруга Косара го однела во Зета и го погребала во еден од неговите храмови, а и самата продолжила да живее покрај храмот во пост и молитва. Неговите свети мошти подоцна се пренесени во еден манастир во близина на Елбасан, Албанија, посветен на св. Јован Владимир. Дел од моштите во 1925 година се донесени во манастирот „Св. Наум“ во Охрид, каде што била изградена капела посветена на св. Јован Владимир под камбанаријата. Оваа камбанарија е срушена, а денеска моштите се наоѓаат во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид.

Да се обратиме со искрена молитва кон св. Јован Владимир тој, заедно со останатите Божји угодници, да биде наш молитвеник пред Господа, да нѐ просветлува и осветлува, та да одиме по правиот пат. Да ја сочуваме нашата вера правејќи добри дела, па така да се покажеме како добри луѓе и да го наследиме Божјото Царство, сега и во сета вечност.

Ја користам оваа прилика да му искажам благодарност на г-дин Владо Пупиноски, кој го украси и го подготви за преосветување овој дом Божји. Им се заблагодаруваме и на црковниот одбор и на сите кои придонесоа со својот труд и време. Се вели дека раката што дава на Господа, Он не ја остава празна. Да се помолиме Бог стоструко да им врати на сите кои се потрудија и потрошија околу овој свет храм. Најпрво да им даде благослов за мир во нивните домови, а потоа да им го врати она што го потрошија за овој дом Божји. Нека е честит и од Бога благословен ден.

Митрополит Тимотеј

Осветување на храмот
„Св. Јован Владимир“ с. Подгорци, Струга
04.06.2024 год.

Извор: https://www.dke.org.mk/index.php/3668-osvetuvanje-na-hramot-sv-jovan-vladimir