Ѓакон доц. д-р Илче Мицевски-Игнат
Во Паралимни, во Кипар, од 5 до 7 март 2024 г., под покровителство на Неговото Блаженство Архиепископот Кипарски Георгиј и со великодушното гостопримство на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Константиски и Амохостоски Василиј, беше организиран седмиот меѓународен симпозиум на IAODT (International Association of Orthodox Dogmatic Theologians), со главна тема „Човечкото битие според Божјиот образ“. Здружението на православни догматичари обединува професори и специјалисти по догматска теологија од престижни универзитети и истражувачки центри од Европа и пошироко (Кипар, Бугарија, Франција, Германија, Грција, Либан, Романија, Русија, Србија, Македонија, Швајцарија, Велика Британија и САД).
Академскиот настан беше отворен во вторник, на 5-ти март, со богослужба која се одржа во параклисот „Света Ана“, а потоа продолжи во просториите на Митрополијата на Константија и Амохостос, каде што следуваше пораката на Кипарскиот Архиепископ, Неговото Блаженство Георгиј, пренесена од Неговото Преосвештенство епископот Месаориски, Григориј. Во пораката, Архиепископот Георгиј истакна дека православното догматско учење на верата служи како водич за верниците, кои ги води кон спасението. Исто така, тој нагласи дека пастирската грижа за современиот човек претставува најголем предизвик за православната теологија денес, која се соочува со нов постмодернистички контекст во пастирската практика, избегнувајќи ги замките на секуларизацијата. На крај упати желби и благослов за успех на симпозиумот.
Во својот воведен говор, претседателот на IAODT, презвитер д-р Порфириј Георги, ја појасни и целта на меѓународното здружение: „Нашите меѓународни средби се иницијативи, наменети да дадат можност за запознавање со православни догматичари од различни земји. Овие теолози го ставаат својот дар на знаење, на говор и на академско истражување во служба на помесните Цркви. Тие ја практикуваат својата служба со дарот што им е даден од Бога за да работат во Неговата единствена, света соборна и апостолска Црква, во дух на интегритет, будност, прецизност и отвореност. Поради оваа причина, нашето Здружение обединува професори и специјалисти по догматска теологија од престижни универзитети и истражувачки центри (…). Планираме да привлечеме уште повеќе членови во нашето здружение од други земји за да го претставуваме, колку што дозволува Семоќниот Господ, православието низ целиот свет“. Потоа следуваше презентирањето на рефератите на учесниците на симпозиумот.
Во средата, на 6 март, учесниците на симпозиумот ја посетија Архиепископијата на Кипарската црква во Никозија. Тие беа пречекани од Неговото Блаженство Архиепископот Кипарски Георгиј, и од градоначалникот на Никозија, Константинос Јоркаџис. Учесниците на симпозиумот имаа можност да го посетат и Кипарскиот богословски факултет, како и стариот и новиот соборен храм во Никозија. Посетата заврши со ручек кај Архиепископот, во просториите на архиепископската резиденција. Попладнето се продолжи со презентирањето на рефератите.
На 7 март, се реализираа последните три сесии за презентирање на рефератите на учесниците, а во попладневните часови се одржа редовното генерално собрание на членовите на IAODT. Се направи избор на нов потпретседател на Здружението. На местото на досегашниот потпретседател Јоан Тулкан и соосновач на Здружението од Арад (Романија), беше изгласана г-ѓа Марина Коловополу од Атина (Грција). Покрај административните и практичните проблеми, за кои се дискутираше на собранието, беше определена темата за следниот симпозиум и беа примени нови членови во Здружението. Темата за следниот симпозиум е „Символот на верата како поука за верата“, по повод 1700 години од Првиот вселенски собор во Никеја (325г). Симпозиумот ќе се одржи во 2025 година, напролет, во манастирот „Пентели“ во Атина, Грција. Беа избрани и потврдени шест нови членови на Здружението: „архимандрит д-р Амфилохиос Милтос (Грција), д-р Теофилос Абаѕидис (Грција), д-р Јоанис Каминис (Бугарија), д-р Илче Мицевски-Игнат (Македонија), д-р Николаос Папантониу (Кипар), д-р Сорин Вулканеску (Романија)“. Д-р Илче Мицевски-Игнат е професор на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, кој на симпозиумот учествуваше со реферат насловен „Гревот – неговиот импакт врз Божјиот лик во човекот и ослободувањето од него, според свети Јустин Поповиќ“.
Во рефератите на учесниците беа презентирани актуелни теми од христијанската антропологија и од современите предизвици, со кои се соочуваат Црквата и светот, како што се: родовата идеологија, вештачката интелигенција, теоријата на еволуционизмот и други аспекти на теолошката антропологија на Црквата. Преку студиите на светите Отци и подвижници на Црквата, како и на современите православни теолози, презентирани од учесниците на симпозиумот, се доаѓа до заклучокот дека учењето за човекот, како создание на Троичниот Бог, не може да биде одвоено или сфатено надвор од догмата за Света Троица, од учењето за создавањето, од христологијата, од еклесиологијата и од есхатологијата. Беше нагласено дека во постмодерниот свет, во последниве децении на нови дигитални и технолошки револуции, „се појавија нови типови на антропологија, кои ризикуваат да ја деконструираат човечката природа, додека човечкото битие го опишуваат како ’креација по сопствена волја’. Овие тенденции резултираат со идолопоклонички погледи на светот.“