Средба на Архиепископот Американски г. Елпидофор, од Цариградската Патријаршија, со Претседателот на САД г. Џозеф Бајден

Претседателот на САД, г. Џозеф Бајден, ги пречека истакнатите членови на грко-американската заедница, предводени од Архиепископот Американски г. Елпидофор, на приемот за Денот на грчката независност во Белата куќа. Во поздравното слово, Неговото Високопреосвештенство му се заблагодари на Претседателот Бајден за неговата непоколеблива поддршка за духовната мисија на Цариградската патријаршија, како и за посветеноста на Грција и Кипар за мирно решение на прашањето на големиот остров.

Годишниот прием во Белата куќа е голема чест за Грција и грчко-американската заедница бидејќи грчката и ирската заедница се единствените национални групи во САД кои секоја година ја слават својата национална годишнина во Белата куќа во присуство на Претседателот.

Архиепископ Американски Елпидофор: „Да живее Америка! Да живее грчката нација!“

Архиепископот Американски, г. Елпидофор, му се заблагодари на американскиот Претседател за неговата поддршка нагласувајќи: „Уште еднаш, на исклучителен начин му оддавате чест на грчко-американскиот народ на Америка, со годишната прослава на Денот на грчката независност, тука, во Белата куќа. Како и секогаш, ние сме почестени од престижот на оваа прослава и во име на сите Ви благодариме што ја продолжувате оваа прекрасна традиција која ги уважува грчките корени на Републиката.

Освен овие демократски идеали, кои за жал недостасуваат ширум светот, ние сме тука да ги уважиме и да се потсетиме на оние чија посветеност на поимите на слободата и демократијата имаше за нив најскапа – нивните животи: Бесмртните херои од 1821 година, кои го направија истото како и хероите од 1776 година и секоја генерација која беше подготвена да направи ’толку голема жртва на олтарот на слободата’.

Порачуваме ’Вечен спомен’ за сите наши храбри борци кои се бореа за мир и правда. Господине претседателе, Вие долго време сте близок и верен пријател на нашето грко-американско семејство и ве сметавме за еден од нас уште од тие рани денови во Вилмингтон. Но, Вие сте многу повеќе од само драг пријател.“

Архиепископот се осврна и на Украина велејќи: „Како Претседател на нашата голема земја, Вие го водите светот во одбрана на слободата и суверенитетот на народите. Вие сè уште сте најголем бранител на нашите браќа Украинци, кои веќе две години се борат за своите животи против неправедната и нехумана инвазија на нивната земја. Вие продолжувате да стоите на страната на Украина и затоа сме навистина многу благодарни за вашата нераскинлива и непоколеблива поддршка“.

Тој потоа се осврна на Цариградската Патријаршија, нагласувајќи: „Исто така, како синови и ќерки на Мајката црква во Константинопол, чијшто најдолгогодишен водач во историјата, Неговата Светост Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, Ве смета, господине Претседателе, за драг пријател, Ви благодариме за вашата непоколеблива поддршка на духовната мисија на нашата Вселенска Патријаршија“.

На крај, Архиепископот се осврна на Кипар велејќи: „Господине претседателе, Ви благодариме за Вашата посветеност на Грција и Кипар и бараме праведно и мирно решение за оваа островска нација која е трауматизирана од насилната инвазија и поделба на нејзината земја веќе половина век. Бараме решение кое ќе биде во согласност со меѓународното право и меѓународниот поредок, врз основа на правилата. Ние сме на ваша страна, господине Претседателе, како што Вие сте на страната на демократијата и слободата. Нека Бог Ве благослови, Вас, господине Претседателе, заедно со Првата дама и со Вашето семејство, и вооружените сили на нашата нација, со здравје, долг живот, Неговата трајна благодат и Неговата непобедлива сила. Да живее Америка! Да живее грчката нација!“

Прослава на врските меѓу Грција и САД

Претседателот Бајден, кој беше пречекан со аплауз, заедно со Архиепископот Елпидофор, опширно зборуваше за неговите историски врски со Грција, го повтори прекарот „Бајденопулос“ што – како што рече – е неговото второ име, ѝ се заблагодари на грко-американската заедница за нејзината улога и нејзиниот придонес и истакна дека тврдоглавоста, упорноста, достоинството и визијата на Грците се за восхит.  Цитирајќи го Аристотел, тој рече дека „пријателите се една душа во две тела, а тоа се Америка и Грција“.

„Добредојдовте во Белата куќа, ова е Ваша куќа, а Вие сте една од причините зошто сум овде и зошто оваа куќа е тука. Денеска славиме 203 години од грчката независност. Ги славиме врските и пријателството меѓу Грција и САД. Денес овде сме горди грчки Американци од областа на науката, новинарството, академиците, луѓето од областа на економијата и претприемништвото. Сите ние заслужуваме да бидеме третирани со достоинство, чесност и почит во текот на целиот наш живот. А демократијата е средството што може да го оствари сето ова“, додаде тој во друг момент од својот говор.

Бајден: „Патријархот Вартоломеј е голем пријател и голем човек“

„Инаку, тој не е овде денес, но штотуку се слушнав на телефон со еден мој стар пријател кој го слави својот роденден на друго место со своите внуци, мојот пријател, отец Алекс, од Грко-православната Американска Архиепископија. Заедно сме ги прошетале земјата и светот, вклучително и Грција. И во повеќе од една прилика го имам посетено Вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој е голем пријател и голем човек. Запомнете, тој имаше мал проблем во една друга земја. Јасно им ставивме до знаење дека ако не се погрижат за него брзо, може да имаат проблеми со САД. И пред две години, бев многу горд што му го врачив на отец Алекс претседателскиот Орден на слободата. Знаете, моите пријатели, сестра ми и јас, со нетрпение го очекуваме овој прием цела година. А некои од вас знаат дека најдов доживотни пријатели и ментори во оваа заедница“, рече Претседателот Бајден понатаму од својот говор.

Претходно, истиот ден, во многу топла атмосфера, Претседателот на САД имаше приватна средба со Архиепископот Елпидофор, Амбасадорот на Грција во САД, г-ѓа Катерина Насика, како и други водечки членови на грко-американската заедница.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/oikomeniko_patriarxio/αρχιεπισκοπή-αμερικής/amerikis-se-mpainten-eyxaristoume-gia-tin-stiriksi-sto-oikoumeniko-patriarxeio-kai-ti-desmeysi-se-ellada-kai-kypro-gia-eiriniki-lysi-sto-nisi/