Интервју со јеромонахот Лука Григоријатски: „Ликот на блаженоупокоениот Старец Георгиј Капсанис“

На интернет страната на манастирот „Св. Јован Претеча“ – Слепче, беше објавено интервју со високопреподобниот јеромонах о. Лука, од манастирот Григоријат, на Света Гора.

Во продолжение ова интервју го пренесуваме во целост.


Јеромонах Лука

Би сакале, отче Лука, да ве прашаме за некои аспекти од неговиот лик. Старецот Георгиј беше 40 години игумен на едно велико светогорско општежитие. Може ли да се рече дека таму тој негуваше еден вид на исихастички (тихователен) карактер, или пак тоа не оди во склад со општежителното монаштво?

Чест е за нас да зборуваме и кажуваме по нешто за овој значителен лик, којшто Бог му го подари на нашиот манастир, на Света Гора и на Црквата. И нештата коишто ќе ви ги кажам, ќе ви ги кажам по благословот на високопреподобниот наш игумен, о. Христофор.

На вашето прашање пак сега ќе одговорам вака: во многу негови објавени текстови и во многу негови беседи, Старецот има подвлечено дека православното монаштво е и треба да биде исихастичко (тихователско). Спротивно на западното монаштво коешто е еден вид на активизам, т.е. го има за цел социјалното, научничкото или друг некој вид на активност и придонес.

На што мислеше Старецот Георгиј кога велеше: „исихастичко (тихователно) монаштво“?

Мислеше на монаштвото коешто самиот тој го стекна од Светите Отци на Црквата. Ова монаштво е еден вид на животен подвиг за очистување од страстите на душата и на телото, за просветление на умот и на срцето, и за удел во обожението.

На оваа тема би сакале да ни појасните: во едно големо општежитие може ли некој да живее исихастички? Нема ли расејувања?

Монахот, без разлика дали живее в пустина или во општежитие, има една главна цел: да ја извршува волјата Божја, а не она за коешто мисли дека е добро. На овој начин се ослободува од неговите себељубиви желби. Ова е началото на очистувањето од страстите, началото на исихастичкиот живот. На ова духовно делание, т.е. на очистувањето од страстите, општежитието помага многу. Монахот, како што гради односи со толку многу браќа, истовремено си ги открива и страстите. Па следствено, може да напредне во срдечната молитва и во исихијата. Во нашата обител го имавме старчето Авксентиј, којшто беше краен исихаст (тиховател).

А расејувањето?

Расејувањето… Старецот велеше едно нешто многу значајно: Една работа е исихијата, а друга пак работа е свештената исихија (свештеното тихование). Првото е отсуство на галами и расејувања. Свештената исихија (свештеното тихование) е едно динамично духовно делание, низ коешто човекот го врти својот ум од надворешното расејување кон неговото срце внатре и таму го среќава Бога преку срдечната молитва. Оваа молитва е полесна во пустината, каде што постои и првиот облик на исихија, но бидува и во општежитието, а поретко дури и во светот. Светиот Силуан Атонски бил економ на манастирот на Свети Пантелејмон и под свој надзор имал стотици работници во големото општежитие на Русик (рускиот манастир). Но и покрај сето ова бил еден изврсен монах исихаст (тиховател).

Старецот Георгиј беше исихаст (тиховател)?

Во мојата беседата на Китира, малку после неговото успение, го имав речено следново: „настрана од неговата многугрижлива служба, којашто не му оставаше време за вообичаеното практично делание на молитвата, длабоко во душата си го имаше боготворечкиот дар на исихијата (тихованието). Како игумен радо ги примаше луѓето, пред нив беше присен и благоговорлив, мошне долго слушаше за разни состојби и проблеми, сострадуваше и сочувствуваше, но неговиот ум не паѓаше во плен на метежот, и немаше вртоглавици и вознемиреност. Брзо, имено, си се враќаше на своето умно делание. Длабочината на неговото срце беше мирна, како длабината на морето. Во срцето си беше исихаст (тиховател), делател на молитвата“. А сега пак ова ќе го кажам поедноставно: беше еден исихаст (тиховател) киновијарх (началник на општежитие).

Дали постојат примери од неговиот живот и од неговото пастирство, коишто потврдуваат дека тој го негуваше исихастичкиот (тихователскиот) нарав во неговиот манастир и на Света Гора?

Како што рековме, со текстови и со своето усно произнесувано слово Старецот се застапуваше за исихастичкиот (тихователниот) и трезвениот карактер на светогорското и воопшто на православното монаштво. Во овој дух се движеше и самиот низ сите години од неговото игуменство. Не целеше кон активности во светот. Излегуваше само кога беше повикуван од епископите на Црквата, било за беседи, било како духовник во женски манастири. Единствено од послушание. Како што знаете, беше многу плоден писател, а и беседничкото дело му беше мошне богато. Згора на тоа не сакаше да излегува по телевизиите. „Не е тоа дело на монахот“, велеше, „ами на пастирите на Црквата надвор во светот“.

На неговите монаси им ја препорачуваше умната молитва, сосредоточеноста на умот, одбегнувањето на празнословието и на бесцелните и светски расправи. Самиот тој никогаш не прибегнуваше кон прекумерни и непотребни слова. Сѐ беше со мера, за поука. Беше благоговорлив, грациозен во расправите му, благороден и претставителен, но никогаш не празнословеше. Го потцртуваше послушанието. Него го сметаше за основа во подвигот на вистинскиот исихастички живот.

Се случи еднаш да го прими во посета познатиот левичарски мислител Коста Москоф, којшто, восхитен од тоа што Света Гора зема замав со млади, образовани и способни монаси, му предлагаше на Старецот монасите да излезат во светот за да извршуваат општествени дела. Старецот му одговори: „Коста, знаеш која е разликата меѓу нас? Вие се борите против егоизмот на другите. Ние се бориме против егоизмот наш“. Третиот соговорник тогаш му забележа на Москоф: „Коста, разбра што ти рече Старецот?“.

Исто така, се сеќавам, еднаш Старецот Георгиј го имаше посетено Ватопед. Тогаш сеуште таму живееше Старец Јосиф. Старец Георгиј со праша Старчето Јосиф: Како можам да го пазам умот со толку грижи што ги имам околу манастирот? Оној му одговори: Кога сѐ се бидува во слава на Бога, тоа е пазење на умот.

Во врска пак со заедничките светогорски прашања, како на пр. финансирањето на реставрационите работи, заземаше ставови кои го осигуруваа исихастичкиот карактер на Света Гора. Се жалостеше од неоправданото користење на технолошките апарати. Ги дозволуваше само крајно неопходните, а и овие само од пастирски причини. Кога еднаш се задвижи темата за распуштање на самоуправувањето на Света Гора, се избори заедно со Свештената Кинотита и сите други катигумени за нејзиното зачувување, затоа што во ова гледаше гаранција за зачувувањето на исихастичкиот карактер на Света Гора.

Манастирот Григоријат на Света Гора

Да преминеме сега на едно друго поле, кое се однесува на догматските теми.

Може, се разбира.

Старецот целосно се посвети на укрепување на православното предание, а му се спротивставуваше на синкретичкиот екуменизам, низ целиот му живот. Како го поврза ова делување со исихастичкиот му нарав?

Вистината е, дека застануваше на чело на богословските борби, но сепак, не ја губеше срдечната исихија (срдечното тихование), како што ја немаа изгубено нити великите Отци кои беа повикани од Бога да го укрепат Православието. Пишуваше и делуваше непристрасно, а ова беше гарантирано од неговата срдечна исихија (тихование). Љубеше па затоа и богословеше. Ги следеше светите отци, му правеше послушание на Преданието коешто тие ни го оставија во наследство. Го одбегнуваше светскиот дух. Пристрасноста и светскиот дух ја изгонуваат срдечната исихија (тихование).

Старецот имаше заземено став и за дијалогот со Монофизитите.

Не само во врска со ова. Имаше заземено став за сите богословски дијалози. Многу негови текстови се однесуваат на дијалогот со Римокатолиците, од деценијата на 70-тите до денес. Пишуваше и за дијалогот со Протестантите, нарекуван ССЦ (Светски совет на цркви). Но неговиот став за дијалогот со Монофизитите беше одлучувачки. Како член на Епитропијата на Свештената Кинотита на Света Гора за догматски прашања, сочини текстови коишто ги прифати Свештената Кинотита и со нивното дејство се осуети едно соединување коешто ќе ѝ наштетеше на Православната Црква и на православната ни вера.

Која е централната идеја на антимонофизитските текстови на Старецот?

Дека денешните Антихалкидонци, т.е. Коптите, Ерменците, Сириојаковитите и др. не се имаат ослободено од монофизитската вера на нивните отци, кои се имаат осудено од страна на Вселенските Собори. Така, соединувањето кое се имаше предложено ќе беше слепување на две црковни групи со обострани догматски разлики, без единство во верата значи и без верност во православната Христологија, како што бара православната еклисиологија.

Како Старецот Георгиј, еден исихаст киновијарх (началник на општежитие), како што рековте, се предаде со толку ревност на надворешно мисионерење (проповед во странство, т.е. надвор од Грција)?

Да, тоа е уште една голема тема и централна во неговото пастирско дело. Мислам дека одговорот на вашето прашање се наоѓа во добродетелта на послушанието. Му направи послушание на о. Паисиј (сега веќе св. Паисиј) Светогорец. Тој имено го имаше испратено, сега блаженоупокоениот, мисионер о. Косма Григоријатски- Асланидис при Старецот, така што Старецот да се погрижи да го направи достоен дарот (харисмата) на тогашниот мирјанин Јоан Асланидис. И кога, после сообраќајната несреќа и заминувањето на о. Косма од овој свет, мисионерството на Колвези во Конго остана обезглавено, повторно од послушание кон тогашниот митрополит на централна Африка Тимотеј, го испрати о. Мелетиј (сега митрополит на Катанга).

Во срцето на исихастот (тихователот) зборува Духот Свет, и исихастот (тихователот) одговара: „Зборувај Господи, и работ твој слуша“. Така биваше со Старецот.

За крај да ви заблагодариме за овој разговор, којшто ни оприсутни едно парче, еден дел од ликот и делото на Старецот.

Да. Навистина беше многустрано делото негово, зашто благодатта на Бога ја имаше украсено душата на Старецот со многу дарови. Јас ви благодарам што ја имавте добротата да го испочитуваме Старецот и со ова интервју, и се надевам да биде во слава на Бога и за полза на Црквата.

Благодарам. Нека се моли за нас.

Да имате и вие добра сила за да го продолжите вашето дело, коешто е душеполезно и вака се прославува и Бога.

Благодариме.

Извор: https://www.manastirslepche.mk/novost/intervju-so-eromonahot-luka-grigorijatski-likot-na-blazenoupokoeniot-starec-georgij-kapsanis/