Свештеникот Јован (Џон Вајтфорд) е родум Американец, православен свештеник во Руската задгранична православна црква во Тексас. Неодамна зеде учество во емисијата на американското православно радио „Ancient Faith Radio“, каде што беше дискутирана темата за ѓаконисите во Православната црква, која стана актуелна, откако во Александриската патријаршија беше ракоположена жена во ѓаконски чин.
Во продолжение е анализата на о. Јован, објавена на неговата интернет страница.
1. Што биле ѓаконисите и како функционирале?
Знаеме дека ѓаконисите биле целибатни жени на возраст од 40 и повеќе години. Тие потоа се поврзуваат со женското монаштво. Сигурно помагале при крштевањето на возрасните жени, кои го примале христијанството – затоа што практиката на раната Црква била сите да се крштеваат голи, и очигледно тоа барало возрасните жени да бидат крштевани сокриени од погледите на мажите. Па така, додека свештеникот ги кажувал зборовите на крштевањето зад параванот, ѓаконисата ги извршувала сите дејствија, како што се: помазанието со масло, трикратното потопување, облекувањето, миропомазанието и потстрижувањето.
Освен ова, знаеме дека ѓаконисите им носеле света причест на болните жени. Исто така, тие го одржувале редот за време на богослужбите на страната од храмот, во која се молеле жените. Покрај тоа, тие, барем на некои места, формирале хорови и пееле делови од богослужбите, антифонски, наизменично со машкиот хор.
Постои одредена дебата за тоа дали ѓаконисите се квалификувале како низок клир (аналогно на чтеците и ипоѓаконите), или пак тие биле дел од главниот ред на клириците (како што се ѓаконите, свештениците и епископите). Има некои добри докази дека тие биле класифицирани блиску до ѓаконите во однос на чинот, но ова можеби е, а можеби и не е, начинот на кој биле перципирани од почетокот, и на различни места.
2. Кога чинот на ѓаконисите би бил возобновен, како би изгледало тоа?
Без сомнение, ѓаконисите не дејствувале на ист начин како и машките ѓакони. Ова е клучна точка поради која се појавува голема забуна, бидејќи одредени луѓе, како оние од „Центарот Фива“ се залагаат ѓаконисите да бидат ракополагани на иста основа како и машките ѓакони, со иста старосна граница од 25 години и постари, без услов за целибат, и да ги имаат истите литургиски улоги како и машките ѓакони. Проблемот тука е што ова веќе не е враќање кон древниот ред на ѓаконисите, туку е воспоставување на нешто сосема различно. Доколку всушност се залагаа за обновување на ѓаконисите онака како што тие некогаш постоеле во Црквата, тогаш ќе имаше многу помалку контроверзии на оваа тема. Но, да се зборува за „возобновување“ на ѓаконисите додека, всушност, се промовира воведување на нешто ново, не претставува случајно невнимание, туку е маркетиншка стратегија.
Во дискусијата на оваа тема, некој посочи дека „Центарот Фива“ се впушта во замката „мот и бејли“. Ова се случува кога некој поистоветува две позиции кои имаат одредени сличности – една која е лесно одбранлива, а друга која не е, а потоа се движат напред-назад помеѓу овие две слични позиции, во зависност од потребата – или да се повлечат на полесно одбранлива позиција, или да ја протуркаат неодбранливата позиција. Мислам дека ова е проникливо согледување. Кога луѓето го критикуваат нивното настојување жените да имаат улога на машки ѓакони, тогаш тие се повикуваат на доказите за древниот ред на ѓаконисите, без воопшто да се осврнат на основаноста на критиките на нивната многу потешко одбранлива агенда.
3. Зошто ѓаконисите престанале да бидат жив дел од животот на Црквата и дали тој чин треба да се врати?
Ми се чини дека опаѓањето на бројот на возрасните луѓе кои се крштевале (поради тоа што луѓето започнале да се крштеваат во најрана возраст, заб. прев.), со што се намалила и потребата од ѓакониси за да се извршува оваа важна дејност, е најголемиот фактор за опаѓањето и конечното исчезнување на ѓаконисите. Исто така е фактор и фактот дека тие престанале да постојат многу рано во Западната црква. Мислам дека, на крајот на краиштата, не е толку важно зошто се случило ова, колку што е важно дека всушност се случило. Тоа што овој ред престанал да постои е добар доказ дека повеќе не ѝ бил потребен на Црквата, па затоа оние што се залагаат за обновување на ѓаконисите ја имаат тешката задача да докажат дека сега има потреба од тоа. Но, повторно, доколку тие всушност зборуваа за обновување на ѓаконисите, онака како што тие постоеле некогаш, немаше да има толку контроверзии.
На пример, околу еден час од Хјустон, има грчки манастир. Игуманијата е многу света жена, и кога таа би била ѓакониса, јас сигурно не би имал причина да приговарам. Но, факт е дека, како игуманија, таа веќе може да дејствува во голема мера слично како што дејствувале ѓаконисите. Таа сега не може да се причестува во олтарот, но може да прави речиси сè останато. Дури би можело да се изведе таа да им однесе Причест на другите монахињи, кога би имало потреба од тоа (на пример, доколку нема свештеник на располагање поради изолацијата на манастирот), со благослов на нејзиниот епископ.
Не сум ја прашал игуманијата за нејзиното мислење за ова прашање, но сметам дека ако ја прашам, таа не би била за возобновување на ѓаконисите. Ова го велам затоа што ако погледнете кој настојува за возобновување на ѓаконисите, ќе видите дека тоа се речиси секогаш академици. Сериозни и искусни монаси, кои гласно го поддржуваат возобновувањето на чинот на ѓаконисите, се ретки како кокошкини заби.
4. Дали постои агенда зад настојувањето да се обноват ѓаконисите?
Доказите, дека оние што притискаат за возобновување на чинот на ѓаконисите имаат некаква агенда, се многу јасни доколку внимателно ги ислушате целосните интервјуа (на спомнатото Ancient Faith Radio, заб. прев). Тоа се гледа од фактот што тие го мешаат обновувањето на ѓаконисите, како што тие некогаш постоеле, со воведувањето на жени-ѓакони кои имаат улога исто како мажите-ѓакони, а тоа воопшто не е единствениот доказ.
Џон Мадекс (свештеникот кој ја води емисијата на спомнатиот православен радио канал Ancient Faith Radio) ги праша сите од поборниците за „возобновување“ на ѓаконисите: дали би се согласиле, или не, дека жени никогаш не треба да бидат ракоположени за свештеници и епископи? И без исклучок, сите тие, или го избегнаа одговорот на прашањето, или на крајот признаа дека ова „може да се случи“, бидејќи „жени-ѓакони неизбежно ќе доведат до дискусија за ракополагање жени за свештеници“. Џон ги притисна тие да потврдат дека нема да продолжат да го туркаат ракополагањето на жени за свештеници и епископи, бидејќи тој истакна дека ако заземат став дека тоа е невозможно, тоа ќе претставува ослободување од големата загриженост што луѓето ја имаат на оваа тема. Меѓутоа никој од нив не беше подготвен да даде такво уверување. Тоа е јасно, затоа што тие немаат намера да сопрат со жени-ѓакони. Ќе го чуете истото прашање, а во суштина и истиот одговор, во интервјуата со д-р Кери Фредерик Фрост, д-р Валери Карас и д-р Хелен Теодорополус. Кај сите нив, ова прашање е поставено при крајот на интервјуто. Всушност, ако ги споредите сите три интервјуа, сите тие одговараат на контроверзните прашања на толку сличен начин, што звучи како сите да се договориле за точките на разговор.
Можете да го видите лукавството на дело, на интернет страната на „Центарот Фива“. Тие имаат страница со често поставувани прашања, а едно од тие прашањата е: „Дали ’Центарот Света Фива’ промовира ракополагање на жени во свештенство (односно за епископи или свештеници)?“ А дадениот одговор е: „Не, ракополагањето на жените во тие чинови не е дел од православната христијанска традиција и ’Центарот Света Фива’ не го промовира тоа“. Овој одговор на прв поглед звучи како тие да се противат на ракополагањето на жени за свештеници и епископи, но тие се внимателни да не кажат нешто такво. Велат дека тоа не е дел од нашата традиција… Но тоа не значи дека мислат дека е невозможно, затоа што кога би мислеле така, не би одбиле да го кажат тоа. Сè што велат е дека „Центарот Фива не го промовира ова“. Но, тоа е затоа што ова е дел од нивната стратегија за разговор. Всушност, д-р Џејмс Скедрос од семинаријата на Светиот Крст (кој не изгледаше како ентузијаст и поборник за „возобновување“ на ѓаконисите, но секако не се противи на тоа и беше вклучен во дискусиите во „Центарот Фива“ на оваа тема), рече дека оние што се залагаат за „возобновување“ на ѓаконисите „ја согледуваат [потребата] да не се отвора прашањето“ за ракополагање на жените за свештеници. Важно е да се напомене дека ова е само маркетиншка стратегија и нема никаква врска со заземање на принципиелен став, искреност, барање на вистината или стремеж да се биде верен на Православното Предание.
Доколку луѓето од „Центарот Фива“ навистина се согласат дека жените никогаш не можат да бидат ракоположени за свештеници или епископи, бидејќи тоа би било незамисливо кршење на православното предание, јас со задоволство ќе упатам јавно извинување како одговор. Но, нема да го „задржувам здивот“ дури тоа не се случи. Нема да го кажат тоа, затоа што јасно е каде сакаат да одат потоа, „возобновувањето“ на ѓаконисите е само начин да се стигне до целта, а не е самата цел.
Извор: https://fatherjohn.blogspot.com/2024/03/deaconesses-female-deacons-and-agenda.html