Страшниот суд во црквата Богородица Перивлепта во Охрид

Пишува: Монахиња Ана (Паноска)

Црквата Св. Богородица Перивлепта се наоѓа во стариот дел на Охрид и претставува дел од светското културно и природно наследство на oхридскиот регион на Листата на УНЕСКО. Таа е еден од најзначајните средновековни споменици во Република Македонија, но и референтен споменик на византиската уметност од почетокот на XIV век во светски рамки.

Изградена е во 1295 год. по налог на византискиот воен заповедник Прогон Згур, зет на императорот Андроник II Палеолог.

Фреско-сликарството во наосот и нартексот е првото документирано дело на солунските сликари Михаил и Евтихиј, кои подоцна стануваат дворски сликари на кралот Милутин. Нивното сликарство се вбројува меѓу најзначајните достигнувања на т.н. ренесанса на Палеолозите, комбинирајќи елементи од графичкиот стил на Комненската (XI век) и посткомненската уметност (XII век – втора половина на XIII век) со новиот монументален стил на Палеолозите (по 1261 год.). Во 1364/65 год. учениците на познатиот охридски зограф од првата половина на XIV век, Јован Теоријан ги сликаат страничните параклиси и отворениот трем, следејќи ги најдобрите искуства на Охридската сликарска школа од XIV век.

Страшниот суд

По османлиските интервенции врз Света Софија и Климентовиот манастир Св. Пантелејмон, црквата Св. Климент стана катедрала на Охридската архиепископија и место каде што се чувале моштите на охридскиот светител Климент. Тогаш во овој храм е изведен само еден поголем потфат во монуметалниот живопис, односно насликан е Страшниот суд. Истата тема била насликана во XIV век, во јужното крило на тремот на црквата Св. Климент, била доста оштетена и насликана со скратувања на тематиката на епизодите, така што не ги задоволувала потребите за катедрален храм. Немајќи некое дејство врз верниците е заменета со Страшниот суд на западната страна со особености на поствизантиска уметност од  втората половина на XVI век.

Сложената композиција на Страшниот суд ги содржи основните делови од развиениот вид на оваа претстава во средновековната уметност. Во највисоката зона насликани се Христос со Богородица и Св. Јован Претеча, ангелските сили и апостолите коишто седат по целата должина на задниот фасаден ѕид. На левата, северната страна, насликани се деловите што го формираат рајот, а на десната, јужната половина, доминираат сцените од пеколот. Околу пеколната река што истекува од нозете на Христос насликани се и други епизоди, во поголемиот дел карактеристични за Страшниот суд познати од бројните примероци на XVI век.

Христос се појавува во круг на божествена светлина, со нозете врз престолите – Крилести тркала. Престоли (Кол. 1:16, Езек 1:15-21; 10:1-17) Богоносни ангели по благодат. Тие му служат на Божјата правда. На нив Господ седи како на престол и го објавува Неговиот Суд.

Со гест на десната рака ги повикува избраните, а со левата ги одбива грешните. Богородица и Јован Претеча се во молитвен став – Дејзис. Тие се опкружени со множество ангели во владетелски орнат, со мечови во рацете и со сфери со втиснатиот печат на живиот Христос. Сите се насликани врз голем свиток што го отвораат архангелите Михаил и Гаврил, со претстави на Сонцето и Месечината, како и со повеќе ѕвезди на празните површини од свитокот. Од нозете на Христос поаѓа огнената река на пеколот кон Неговата лева страна.

Под Христос се насликани Богородица Елеуса (Милостива) во вид на икона и Подготвениот престол. Врз престолот поставени се Евангелието со Св. Дух во вид на гулаб со нимб на главата и Крстот, копјето и трската со сунѓер. Од двете страни на Подготвениот престол што го придружуваат ангели, молитвено се поклонуваат Адам и Ева.

Двете групи апостоли во највисоката зона, предводени од Св. Петар и Павле, држат пред себе евангелија или затворени свитоци.

Зад групите апостоли, распоредени се ангелските сили во преден план, со надвишени нимбови, коишто го сугерираат нивното множество во заднината на сликата.

Ангелските чинови се поделени на 3 хиерархии: повисоки, средни и пониски. Секоја хиерархија е составена од три чина. Средната е Господства, Сили и Власти. Силите (1 Пет. 3:22; Рим.8:38; Ефес. 1:21) ја исполнуваат волјата Божја. Тие прават чудеса и на Божјите угодници им ја испраќаат благодатта на чудотворство и прозорливост. Силите им помагаат на луѓето во поднесувњето на  послушанијата, ги поткрепуваат во трпението, им даруваат духовна сила и храброст.

Рајот

Рајот содржи неколку тематско-ликовни целини, насликани во средината и во долната зона на северната страна од Страшниот суд. Кон рајските врати се движат седум хорови светци со следниов ред: 1. хор апостоли, 2. хор пророци, 3. хор архиереи, 4. хор монаси, 5. хор маченици, 6. хор жени маченички, 7. хор преподобни жени. кај сите хорови во преден план се претставени по три лика од најистакнатите претставници на овие светителски видови, со препознатливи физиономски белези.

Пред овие хорови кон иконата на Богородица Милостива чекорат тројца сиромашни, во излитена облека како претставници на долниот социјален слој, коишто добиваат заштита од Христа во Страшниот суд заедно со хоровите светители и праведни од Стариот и Новиот завет. Нивното претставување е проследено со текстовите од Матеј 25:34-41, како соодветна основа за сликарско обликување.

Под фигурите на сиромашните:

34. Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: »Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот;

35. оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте;

36. необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене.«

Охридскиот пример со целосно испишување на текстот од Мат. 25:34-36 од северната и Мат. 25:41-43 од јужната страна спаѓа меѓу најцелосните испишани прилози а оваа тематика во илустрираните композиции на Страшниот суд од XVI и XVII век.

Досегашните проучувања на Страшниот суд во живописот од XVI век покажуваат дека претставата на западната фасада од црквата Св. Климент спаѓа меѓу најстарите илустрации на сиромашните во Македонија и во диецезата на Охридската архиепископија.

Во долната зона, веднаш до влезните врати, сите повикани во рајот се здружуваат во голема единствена група, чекорејќи пред рајските врати. Влезот во рајот е формиран како хексагон, покриен со полукалота врз четирите столбови. На влезот е нацртан еден серафим, а Праведниот разбојник со крстот во рацете веќе е во внатрешноста на рајот.

Лука 23:38-43.

38. А над Него имаше натпис, напишан на грчки, латински и еврејски: „Овој е Царот Јудејски.”

39. Еден од распнатите злочинци хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси Себеси и нас!”

40. А другиот, кога одговори, го искара и рече „Зар и од Бога не се боиш, кога си веќе и сам осуден?

41. Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Он ништо лошо не направил.”

42. И Му рече на Исуса: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!”

43. А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!”

До горниот ограден ѕид се петте мудри девојки со запалени светилки, а од другата страна, надвор од рајот се пет неразумни девојки.

Рајот е ограден со бедеми коишто завршуваат со каскади, а внатре, меѓу дрвјата, седат Авраам, Исаак и Јаков со душите на праведните под пазуви. Како и во постарите претстави на Страшниот суд, Богородица има истакнато, почесно место во рајот и е  поставена меѓу два ангела.

1. Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилници и излегоа да го пречекаат младоженецот.

2. Петте од нив беа мудри, а петте – неразумни.

3. Неразумните, како ги зедоа светилниците свои, не понесоа со себе елеј;

4. а мудрите, заедно со светилниците, зедоа во садовите свои и елеј;

5. и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа.

6. А на полноќ се чу викање: »Ете, младоженецот иде, излезете да го пречекате!« 

7. Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилници.

8. Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: »Дајте ни од елејот ваш, зашто нашите светилници гаснат.«

9. Мудрите им одговорија и рекоа: »Да не би да не ни стигне и нам, и вам: подобро отидете кај продавачите и купете си!«

10. А кога отидоа тие да купат, пристигна младоженецот и спремните влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија.

11. Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: »Господаре, господаре, отвори ни!«

12. А тој им одговори и рече: »Вистина, ви велам: не ве познавам!«

13. И така, бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки.

Во долниот дел, под ѕидините на рајскиот простор, истекуваат четири рајски реки, од север кон југ по следниов ред: 1, Фисон, 2. Геон, 3. Тигар и 4. Еуфрат. По целата должина на рајот, на северната половина на Страшниот суд, под ѕидините и рајските реки, во цоклето на ниската зона се протега завеса со симетрични дипли.

Четирите рајски реки (Генеза „,10-14) во композициите од XVI и XVII век мошне често се сликаат како потоци што излегуваат од долниот дел од градината.

Пеколот

На јужната страна доминира претставата на пеколот во која се вткаени и други епизоди сврзани со тематиката на Второто Христово доаѓање. Во највисоката зона близу огнената река, најпрвин настапуваат Евреите и Османлиите пред кои е оштетената фигура на Мојсеј. Оваа група грешници делумно зачекорува во огнената река на пеколот. Од османлиите целосно е зачувана само последната фигура на старец со долга бела брада и коса, со висок црвен фес  и долама опшиена со кожа. Пред него е насликана фигура со реденгот, а над нив се надвиснува глава со црвен фес. Меѓу нив препознаваме глава на Евреин со густа подбелена кратка брада и воал на главата, насликан налик на еврејските старешини во сцените на Христовиот живот, дејствување, страдање.

Во продолжение на оваа група, на истата височина, седат четворица цареви, од кои подобро е зачуван првиот – римскиот цар Август, а делумно се распознава и четвртиот со зачуваната сигнатура на царот Александар. над втората, веќе уништена владетелска фигура, се чита натписот кој укажува дека тука бил насликан асирскиот цар Навуходоносор. Не може со сигурност да се каже која била третата царска личност, но најверојатно е во прашање фигурата на персискиот цар, според аналогии со владетелите во други зачувани претстави на Страшниот суд. Цар Август е насликан со пробелена густа коса и брада и широка капа; тој држи меч и копје пред себе, За разлика од него, цар Александар значително помлад, има кратка црна брада и физиономски белези на владетелска моќ.

Под фигурите на владетелите се наоѓаат карпести стени, меѓу кои е ангелот кој со труба ја повикува земјата да ги предаде мртвите. земјата е насликана како млада жена со крилја, развиен воал над главата и висока капа со цвеќе. Таа јава на животно со канџи на нозете и со големи заби со човечка глава меѓу вилиците.

Основниот дел од пеколот е групиран околу огнената река. Тука е насликана Раката на Господ кој ги држи праведните мерила на своите прсти. Три ангела со големи мечеви ги прогонуваат демоните што се приближуваат кон тасовите на терезиите. Четворицта демони имаат деформирани глави, но нивните тела задржуваат антропоморфен изглед. Во сулфурната смола на реката гази големо живоно со отворена челуст, а на него јава сатаната – со несразмерни димензии.

Над ангелите е текстот според Матеј 25:41-43

41. Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: »Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели.

42. Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте;

43. странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.«

Анализата на составните елементи на Страшниот суд во Охрид покажува дека во него се вткаени епизоди кои ретко се среќаваат во постарите слики на композицијата, а некои од нив биле вообличени кон крајот на XV и почеток на XVI век. Не треба посебно да се истакнува дека не е во прашање шематизиран модел или предлошка што ќе биде копирана од мајсторите кои го познавале зографот Теофан од Крит и неговите современици. Меѓутоа, вклопувањето на повеќе изолирани епизоди во нова единствена слика на Страшниот суд и внесувањето на актуелни тематски целини во XVI век, ќе отвори нов процес во животот на оваа слика во идните децении.