За проектот „Терирем“, духовни песнопеења на Сузана Спасовска и црковниот клирос “Пелагонитиса”, инспирирани од источното црковно пеење

Пишува: Бранче Трајкоски, дипл. теолог

После дигиталното поставување и објава на музичкото ЦД „Терирем“ од Сузана Спасовска, со благослов на Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, на 14.10. 2023 год., на денот на „Покров на Пресвета Богородица“ и „Св. Јован Кукузел“, се одржа и првиот духовен концерт од проектот „Терирем“.

Во Храмот посветен на Св. Петка во Прилеп, Сузана, придружувана од црковниот клирос „Пелагонитиса“ и црковниот хор при „Храм Света Петка“, приреди настан кој ги одушеви присутните, дарувајќи им една божествена вечер за паметење која веднаш во нивните срца распламти желба за повторна средба во иднина. Во исчекување се и други концертни претставувања од ваква културно-духовна природа во склопот на овој проект низ градовите во Македонија, но и пошироко. Поводот за овој запис во продолжение на текстот е да ве запознаеме со проектот, со неговите карактеристики, потенцијали и значења за културно-црковната средина во која што живееме.

За инспирациите на проектот

Музичкото црковно предание поседува јака стилска препознатливост којашто во текот на минатите векови, и покрај сите стилско-музички промени што ги доживува, сепак останува препознатливо како музика на Црквата. Овој проект го актуелизира богочовечкото хагио-химнично слово инспирирано од Светото Писмо и црковното искуство при богослужбените возвеличанија на Господа. Литургиските текстови од почетоците на црковните заедници, празничните тропари, катавасиите кои го слават Господовото рождество и воскресение, и пофалните песни кон Богородица и светителите – (застапени во квантитативно симболичен однос со преданието со 16 композиции во ЦД дискот „Терирем“), во одреден континуитет се пренесувале и создавале генерациски помеѓу христијаните како предание на Црквата, како постаро или поново црковно творештво со богослужбена намена во храмовите, но и во домовите, како дел од молитвените правила на верниците.

Од оваа црковна пракса на континуирана реинтерпретација на музичкото наследство, е добиена и директна инспирација да се создаде музички израз кој што верно би ги интерпретирал законитостите на источното црковно мелозвучие, но со своевидна обнародена словенска изразност во изведбата, каква што може да даде еден врвен народен музички уметник, во овој случај нашиот уметник на народната песна – Сузана Спасовска. Протопсалтот м-р Гоце Секулоски покрај своето менторство со коешто овозможи во пеењето на Сузана Спасовска да бидат запазени сите локални карактеристики од македонското современо црквено пеење, во овој проект се претставува и со две свои тропарски композиции сработени според канонските правила за компонирање црковни композиции, како и со еден дует со водечкиот вокал на проектот во популарната композиција „Света Дево Владичице“.

Во албумот „Терирем“, среќаваме природно единство меѓу источното црковно пеење и народната интерпретација, којашто во најголема можна мера се приближува до црковното пеење и добива обнароден, но силно издржан црквен карактер во мелодиската етичност.

Резултатот на овие креативни синтези е свежо духовно музичко дело кое што цврсто стои во нашето предание, и оттаму излегува со својот божествен сјај меѓу православниот народ, збогатувајќи ја јавната музичка сцена со духовни, спасоносни и лековити звуци кои создаваат црковно-културен амбиент исполнет со христијанска етика во општеството, нудејќи една подруга инспиративна насока како можен избор во музичките и живототворечките жанровски определби на новите и старите музички интерпретатори, но и музички конзументи од денешницата.

Рецепцијата на албумот не бара големо предзнаење, но бара посебен пристап и чувствителност за негово восприемање.

Културолошко-духовни влијанија

Недоволната видливост на вистинската информација за православната вера, па недоволното промовирање на црковното пеење и неговите фразеолошки раскошни сочиненија преку кои се гради, усвојува и негува вистинскиот Дух на православната вера, секако се јавува како проблематична кога овие духовни сознанија вршат влијанија недоволно препознаени во општествените културолошки токови и музички вкусови. 

За ваквиот амбиент во општеството придонесува отсуството на веронаука од чист вид, недостатокот од црковни радиа и телевизии, ограничувањето на мисијата на Црквата во културолошка смисла – современите хорови мошне малку во своите програми вклучуваат источно-црковни пеења, музичките предмети само површно ја спомнуваат или изоставаат црковната музика во своите програми, и сл., а и тогаш кога е вклучена, се третира конзервирано, а не како живо предание. Единствениот момент и простор во кој што таа може да се слушне е само на богослужењата во црковните храмови, и дигиталните платформи каде се поставуваат црковни пеења од православни традиции на различни народи.

Намерата со овој проект беше да се исполни еден мал дел од таа голема празнина во нашето општество, преку издавањето на едно содржински-информативно ЦД за инспирациите од источните црковни пеења, со кое и ние како народ би биле присутни со поново творештво на спомнатите платформи, бидејќи, преку слушањето на овој вид музика, се развиваат емоции преку кои луѓето би можеле молитвено да ги обогатат своите духовни сетила, подобрат меѓусебните односи и стекнат искуства и навики во славењето на Бога, но и да ги искажат догматите на својата вера на еден лековит, рафиниран и богодоличен начин.

Црковната култура се гради од светоста здобиена од црковните служби и литургии, и продолжува надвор од храмовите преку молитвеното сеќавање на Бога, со кое го осветуваме и времето, и себеси, и светот. Побожноста во секојдневието на поединецот може да се подгрева и преку слушање на молитвословни црковни пеења, било во домовите, било додека се патува некаде, се работи, додека се расте биолошки и духовно, па и додека се наоѓа и во непожелно духовно расположение. Секако, учеството на верниците е поквалитетно кога ги препознава и испејува текстовите во текот на богослужбите, па овој избор на црквени мелодии може и во тој случај да биде од корист. Впрочем, секое пресоздавање на духовното наследство го облагородува и гради нашиот идентитет.

Со повеќе вакви изданија, нашата младина би имала можност преку материјален носач на звук или преку дигиталните платформи, да се сретне и запознае со звуците на минатото со поинаков културолошки образец од кој може да ги спознаат вредностите на верата, толку поинакви од естетиките и вредностите од овој свет. Но, и да ја чујат музиката на живото  предание на Црквата.

Ова издание значи и скромна афирмација на Господовите славословија, осветената поезија на светите отци на црквата, и осветената музика, во просторите на популарната култура, со  поттик да се дојде во светиот простор на Црквата, директно на изворот на овие мелодиски убавини преку кои би се овозможило восприемање и на останатите Свети тајни кои што Црквата ги нуди во овој свет. Проектот „Терирем“ пионерски ја збогатува македонската музичка сцена со уште една културно-духовна гранка која промовира живи, православни вредности.

За мелодиските естетски вредности на проектот

Според своите карактеристики од еден водечки женски вокал придружуван со певнички исон, овој проект е единствен во Македонија.

Во одбраните популарни православни мелодии од Сузана Спасовска и протопсалтот Георги Секулоски заедно со продуцентот Љупчо Соколовски, ја внесоа и својата продукциска и вокална вештина во овој музички жанр на еднакво ниво со врвните интерпретации на истите композиции во православниот свет, оставајќи свој белег во ова време.

Не би било претенциозно да се рече и тоа дека, овој идеен проект на почитуваната Сузана Спасовска е и личен чин, доживеан како интимен, благодарствен и врвен дострел во личната кариера. Овде го слушаме нејзиниот развиен талент до степен на воздарје, спремно да се дарува на Бога; како Негов дар од безбројните Негови  дарови на човештвото.

Изворниот брилијантен глас на Сузана оформува мајсторски заокружени мелодиски фрази во секоја музичка композиција, со јак отпечаток од изворните наследства на источното црковно пеење.  Мелодиските пеења на одредени места ненаметливо, а на други експресивно и искрено ги активираат молитвените сили на душата на исполнувачот и слушателот, откривајќи една молитвена иконична реалност, во која пронаоѓаме една мошне јасна, бистра, аудио икона вешто насликана преку текстот и мелодијата на секоја композиција; една света музичка икона која што во свежината на нејзиниот глас добива мистична свеченост и чисто проблеснува врз златната позадина на исонот.

Привршувајќи ја оваа согледба, да додадеме и тоа дека Сузана Спасовска поседува уникатен глас со кој што до сега ги испеа скоро сите големи и мали теми на македонскиот народ во името од сите нас – во светот… И еве сега, пак прозвучува раскошно во мелодиските неумски писанија на Црковните познати и анонимни мелотворци и композитори на Црквата. Во ова време добиваме ново, свежо остварување во кое Сузана Спасовска го внесува цело свое искуство и поетика на наједноставен начин – смирено, молитвено, со вера и љубов, со посветеност и одговорност која што вакви проекти ја носат – бидејќи овој пат пее пред Бога, од името на сите нас, кои го немаме баш талентот за една ваква вокална изразност.

(Заинтересираните кои посакуваат да го преслушаат или набават ЦД-то “Терирем”, можат тоа да го сторат на сите дигитални платформи, или пак можат да го добијат како подарок, во најновиот двоброј на црковното списание “Премин”.)


Текстот е најпрвин објавен во списанието „Премин“, број 173-174 од декември 2023 / јануари 2024 г.