Преподобен Кирил Пејчиновиќ – Лешочки
„Пријдете чеда, послушајте ме, ќе ве научам на страв Господен“,[1] вели пророкот Давид во 33-от Псалм, стих 22. Вели: „Сака ли човек да живее и да види добри денови, нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги, нека се клони од зло и нека први добро; да бара мир и да врви по него. Очите Господови се [обрнати] кон праведниците, и ушите Негови – кон молитвите нивни. Но, лицето на Господа [е против] оние кои вршат зло; ќе го истреби од земјата споменот за нив. Повикаа праведниците и Господ ги услиши и ги спаси од сите маки нивни.“[2]
Гледате, благословени Христијани, што вели Духот Свети низ устата на Пророкот, убаво толкувајте го тој Псалм за да видите што станува со оној што живее беззаконо. Најпрвин вели „Дојдете чеда, послушајте ме.“ Зошто Бог нè нарекува „чеда“? Бидејќи оние кои одат по патот Божји, тие се чеда Божји, за нив вели „Јас ќе бидам нивниот Бог, а тие ќе Ми бидат синови и ќерки“,[3] вели Господ Седржителот. И повторно вели во Евангелието: „На сите што Го примија им даде власт да бидат чеда Божји, кои се родија од Бога, а не од плот, крв и похот“.[4] Односно, научени се од духовните, а не од телесните, и затоа треба да го послушаме словото Божјо, затоа што оној кој не го слуша словото Божјо, кој не сака да чуе, тој е како некоја овца што бега од трлото надвор. Таа овца на волкот не му бега. Избави нè, Христе Боже наш, од тој мисловен волк, избави го стадото Свое кое си го снабдел[5] со Твојата Чесна Крв,[6] по молитвите на Пречистата која Те роди, амин.
Гледате ли, благословени Христијани, како Бог нè нарекува „чеда“, затоа што сме чеда? Затоа и ние Него Го викаме Татко, кој е на Небесата, ама и на тоа обраќање самиот Христос Бог нè научи.[7] „Отче наш“, значи „татко наш“. Затоа што не нè научи да говориме „Татко мој“, туку „Татко наш“ и ние така го викаме, кога Му се молиме, велиме „Отче наш“, а не „Отче мој“, „лебот наш дај ни го“, а не „лебот мој дај ми го“, и „прости ни“, а не „прости ми“ и повторно „не нè воведувај во искушение, но избави нè од лукавиот“. Зошто не се молиме за себе, туку и за сите браќа? За да покажеме братољубие, а не самољубие, да живееме како браќа, да се молиме еден за друг, да имаме сочувство еден за друг, да си помагаме еден на друг, да си ја носиме тежината еден на друг. Односно, еден на друг да си простуваме што сме се навредиле, затоа што вели светиот Павел: „еден на друг да го носите бремето и така да го исполнувате законот Христов“.[8]
Ако ние не го исполнуваме законот Христов, не сме Христијани! А што сме? Штом не сме Христови луѓе, не можеме да дојдеме при Него во Рајот. Штом нема да одиме во Царството Небесно, тогаш зошто се мачиме на овој век, зошто постиме, зошто се крштеваме, зошто биваме погребувани? Зошто даваме за душа, зошто биваме измачувани од друговерците? Зошто им се тргаме од патот [кога тие поминуваат], зошто не носиме зелено,[9] зошто не се облекуваме убаво, зошто помалку зборуваме од Турците? Зошто кога нè јавнуваат и нè газат ние трпиме, зошто? Не ли за Христа?[10] Штом за Христа трпиме, барем да го послушаме што ни вели. Он не ни кажува нешто тешко, туку нешто лесно ни вели: да се љубиме еден со друг, да си простуваме, да имаме сочувство, да седиме мудро, а не да збеснуваме како мали деца. Да не се опиваме, да не блудничиме, да не пиеме вино без мера, да не скокаме на оро како безумните што скокаат.
А ние и празникот што го служиме еднаш во годината, непристојно го служиме, а не побожно. Токму на денот гледаме да се опиеме, да скокаме, да збеснуваме. Цела ноќ седите, пеете и беснеете. Не го молите светецот, туку го разгневувате, па тој не ве застапува пред Бога и не ви помага и залудно се трошите. Ако, пак, сакаш да не биде твојот дар залуден, да ти го даде [Бог] она што го молиш, тогаш слушај и ќе ти кажам како да чиниш.
Дента спроти празникот отиди во црква, земи свеќа, темјан и масло за кандила, па запали и помоли Му се на Бога со молитвата од светецот што го славиш, та со неговата молитва [Бог] да ти прости, но и ти да му простиш на секој што те навредил, оди и прости се со него. Затоа што ниту Бог нема да ти прости, ниту светецот што го празнуваш нема да може да ти помогне, ако имаш лошо срце. [А ти] прости му и помоли се за себе и за него и пак дојди дома, па помисли дали имаш некој пријател или непријател, дали има некој што е во затвор, или болен, има ли некој необлечен, има ли некој гладен – та иди види го, однеси му или намирници,[11] или дрва [за огрев], или нешто друго, и речи му: „еве ти, брате, за утрешниот или за денешниот [празник], во негово име.“
Та седни и вечерај мирно, не пеј раскошни песни, не седи до полноќ, легни си порано и стани порано, земи просфора[12] и свеќа, оди во црква на славословие и на Божествена служба, односно на Литургија, и дури седиш во црква не мисли ни за имотот, ни за домот свој или за работата.[13] И [некој проблем или] неволја ако имаш, ти сепак не мисли на нив, туку остави му ги на Господа, а Господ подобро од тебе ќе ги реши. Ти ништо не можеш без Бога.
Утрото, повторно, штом излезеш од црква, на оние кои се сиромаси и просат пред црковната врата, дај им по нешто малку на секого, милостина, та и Бог тебе ќе те помилува, затоа што така вели Христос: „Кој на нив им дава, Мене Ми дава и ќе му вратам повеќе, и сега – во овој свет, и при второто доаѓање Мое – во Царството Небесно“.[14]
Оној што така прави, тој е Христов човек и Христос ќе му биде помошник и покровител на неговата душа и тело, и на неговиот имот. А вие, браќа мои, кои не правите така, вие си угодувате на вашата волја и на вашите похоти, а не на Бога, ниту на светецот. Ама, ќе речеш: „Немаме црква, немаме поп во селото, та не знаеме како треба; така најдовме, така ќе оставиме.“ Немој, брате, не оставај така, туку оттргни се од злото и прави добро. Ако немаш црква во селото, тогаш оди во град. Оди во друг град, оди во некој манастир и немој да остануваш дома на тој голем ден. Не останувај без законот, бидејќи рибата е жива [само] во вода, а Христијанинот е жив со законот.
Ако, пак, воопшто ништо не можеш да исполниш од законот, тогаш барем не прави беззаконие. Барем седи си нажален и речи си: „Денес сите Христијани во законот стојат, Бога го молат, Бога го фалат во црквите и по божјите храмови, а ние сме принудени да бидеме лишени од сето тоа.“ Помоли Му се на Бога со солзи и речи: „Избави нè Боже од овој лош есап[15] што го имаме, научи нè, Господи, на Твојата вистина, упати ги нашите чекори кон извршување на Твоите заповеди.“
А ти си седиш, ниту ти е жал, ниту ти е грижа за своето спасение.[16] Пости ти дошле, а ти не мислиш – еве пост е, помалку да јадеш и од сè да се воздржуваш, не мислиш – еве наближува Рождеството Христово, сака да се пресретне убаво, со чистота, со добри работи, зашто на тој ден, првата песна од канонот вели: „Преку Духот Свети Христос се раѓа – славете, Христос [доаѓа] од Небесата – сретнете Го, Христос на земјата се вознесува, да Му пее на Господа сета земја и со веселба запејте, луѓе, бидејќи [Он] се прослави“.[17] Кое е твоето славословие, кога не правиш така? Кое е сретението твое, кое е пеењето твое, кое е воспевањето твое? За кого се прослави Христос? Но, кај тебе [од тоа нема] ништо, ниту најмалку, затоа што Неговиот пост си го постел скотски, а не Христијански. И не се молиш Бог да ти го даде она што Нему Му е угодно, туку она што тебе ти е угодно, тоа го бараш од Него, без мерка.
[1] Пс. 33, 11.
[2] Пс. 33, 12-27.
[3] Види Варух, 2, 35.
[4] Види Јован 1, 12-13.
[5] На црковнословенски зборот снабдел го има значењето: обезбедил, зачувал.
[6] Спореди со молитвата од Евхаристискиот канон во Литургијата на свети Василиј Велики.
[7] Види Матеј 6, 9-13.
[8] Види Гал. 6, 2.
[9] Зелената боја во Исламот има особено значење, a често самата зелена боја претставува симбол за Исламот. Оттука, знамињата на многу муслимански земји се со доминантна зелена боја (Алжир, Пакистан, Саудиска Арабија и др.) Заради тоа, во исламската Отоманска Империја им било забрането на оние коишто не се муслимани да носат зелена облека. Уште повеќе, во 1371 година султанот наредил потомците на семејството на пророкот Мухамед да носат зелена облека за да можат останатите да им ја укажуваат должната почит. Странците коишто (од незнаење) носеле нешто зелено на себе, ризикувале да бидат физички нападнати. Baker L, Patricia: “Encyclopedia of Clothing and Fashion, Volume 1”, Charles Scribner’s Sons, Detroit, 2005.
[10] Печатна грешка во изворникот, исправена во транскрибираното издание на македонски: Кирил Пејчиновиќ: „Слово за празниците (од Огледало)“, Култура, Скопје, 1968. Во понатамошните референци: Транскрибирано издание 1968.
[11] Во изворникот стои турскиот збор зајре (zahire) – храна, намирници.
[12] Просфора (од грчки προσφορά – принос) е богослужбен леб, којшто се употребува во Православната Црква. Тоа е принос од верните (од таму и името) и се користи во таинството на Божествената Литургија. Се подготвува на посебен начин, има округлеста форма и карактеристичен печат од горната страна.
[13] Во изворникот: „за трговија“, со денешен речник: работа, бизнис.
[14] Спореди: Мт. 25, 35-36 и Мт. 19, 29.
[15] Т.е. од оваа лоша состојба во која сме се нашле. Од турски hesap – сметка.
[16] Во изворникот авторот употребува турски зборови, па пишува: „Ни кахарма ни касавет не ти е за свој селамет.“
[17] На црковнословенски: „Христос раждается, славите: Христос с небес, срящите: Христос на земли, возноситеся. Пойте Господеви, вся земля, и веселием воспойте, людие, яко прославися.“
Извадок од јубилејното издание „Поука за секој христијанин“, Скопје, 2016, по повод 200 годишнината од издавањето на книгата „Огледало“ од Преподобниот Кирил Пејчиновиќ. Приспособување на современ македонски јазик, појаснувања и коментари: Архимандрит Иринеј (Стефановски).