Дали еврејскиот народ е единствениот избран народ од Господа?

Фреска од манастирот Св. Никола, Мариово

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Еврејскиот народ бил богоизбраниот народ во Стариот Завет. Тоа е народот кој искрено верувал во Едниот Господ Кој му помагал на својот народ низ неговата животна голгота.

Господ Бог му се објавил на праотецот и пророк Аврам и оттогаш започнува историјата на спасението. Верата на пророкот Аврам била исклучително голема,  без сомневање преголема, поради неговата одлука да ја прифати Божјата желба да го жртвува својот син-единец, Исак, кого го добил во својата старост. Аврам, кој бил бездетен, со својата жена Сара, тагувале поради тоа, Му се молеле на својот Бог, и конечно ја здобиле милоста Божја, и утехата Божја, и им се раѓа нивниот син Исак. Но, тоа долгоочекувано чедо, подарено од Бога, треба да биде жртвувано и принесено како дар на истиот Тој Бог, Кој му го поклонува чедото на Аврама.

И самото бездетство на Аврама и на неговата жена Сара, можеме да го согледаме на неколку начини, не дека можеби имале некаков биолошки природен проблем поради неможноста да се зачне плод, или пак, дека тие двајцата имале некаков грев. Можеме да го погледнеме нивното бездетство во контекст на Божјата промисла за идното чудо кое ќе се случи, а кое го подготвувал Творецот и Господ наш. Имено, во староста – се спомнува во Библијата дека Сара имала 90 години, додека, пак, Аврам имал 100 години – секако не е можно да се зачне плод, поради биолошките промени кои се случуваат во човечкиот организам. Но, она што е неможно за човекот и денес за науката, можно е за Бога Кој е Господар на животот и Творец на сè видливо и невидливо. Гледајќи од овој аспект на теолошкото толкување, ние често пати сме сведоци, и ден-денес, дека чуда се случуваат и тие се плод на верата и довербата која ја имаме кон Господа. Така и тогаш, Аврам и Сара го добиваат својот син-единец како плод на својата вера, својата доверба во Бога и својата љубов која ја имале кон луѓето и, секако, кон Творецот на сите луѓе.

Но, Господ не ги сака човечките жртви и затоа го одвраќа Аврама од тоа богомрско и грешно дело, да го жртвува својот син-единец, и со тоа Господ го укорува, за во иднина, својот избран народ да не го прави тоа што ќе го прават Хананците и другите многубожни народи, со кои ќе живее на исто место. Господ го наградува Својот верен слуга Аврам со Својата милост и поткрепа преку целиот негов живот. Господ му говори дека од сега па натаму ќе се вика Авраам, со уште една буква А додадена во неговото име, со кое се означува дека ќе се нарече татко на многу народи, ќе стане славен и неговото име ќе биде вечно, поради тоа што ја изразил непоколебиво својата вера во Господа и бил спремен да го жртвува својот син-единец.

По промисла Божја, Авраам е основоположникот, таткото на верата. Секој кој има пламена и искрена вера да Му го посвети својот живот на Господа е чедо Авраамово. Сите верници, сите кои Го љубат Господа Бога се чеда Авраамови. Следствено, денеска сите луѓе кои веруваат во Едниот Господ, Светата Троица се чеда Авраамови.

Денеска ние живееме во Новиот Завет, во време кога се роди Синот Божји, се отелотвори, се очовечи, проживеа со луѓето, со оние исти луѓе кои Он лично ги создал. Поживеа со нас, возљубувајќи нè, сострадувајќи со нас, подучувајќи нè, на крајот – и жртвувајќи се за нас. Се жртвуваше по Својата волја, свесно, да биде убиен, да биде три дена во гробот и да воскресне, за да ѝ го подготви патот на спасението на целокупната природа која Он лично ја создал. Господ Го подарува Својот Единороден Син на жртвување, за преку тоа жртвување човечкиот род да биде спасен, да биде вечно жив. Господ се жртвува поради својата совршена љубов. Љубовта е делотворна и права само кога ја покажува својата крајна цел, а тоа е жртвата. Сите ние кои веруваме во Господа Исуса Христа, Синот Божји, Логосот Божји, Љубовта Божја, сме чеда Авраамови, избран народ, царско свештенство и синови Божји. По Волјата Божја, по Промислата Божја, сите луѓе кои ќе се наречат синови Божји, ќе станат и богови по благодатта и по дарот на Светиот Дух, Кој ни се дава и Кој ќе нè преобрази од смртни во бесмртни и вечни.

Денес ние сме богоизбраниот народ Божји кој ќе биде приброен во лоното на прегратката Божја, во Љубовта Божја, радувајќи се и сопостоејќи со Бога во вечноста, заедно сплотени помеѓу себе со сите светители и пророци Божји и со таткото на верата и основоположникот на довербата во Бога, со светиот прататко Авраам. Избраноста на народот не е некаков телесен белег или некоја специфична ритуална безлична форма која е овоземна и не е променлива. Туку избраноста Божја на еден народ е во духовниот сојуз помеѓу Бога и човекот. Имено, за некој да стане избран од Бога, тој избор се однесува на взаемниот однос помеѓу Творецот и созданието. Господ нè повикува во Неговата прегратка, а човекот свесно пристапува со својата слободна волја, со своето лично поимање, насочувајќи се, реално остварувајќи го сојузот со Вечниот Бог преку причестувањето со Телото и Крвта на нашиот Бог Исус Христос, Синот Божји.