Поука за секој Христијанин (2): За рајот и пеколот

Преподобен Кирил Пејчиновиќ – Лешочки

Ама ако речете, како што велат некои сироти и слепи: „Кој бил на оној век, па да види како е таму, дали е така како што велат?“ Таквите нека читаат во Евангелието според Лука, зачало[1] 83, и нека видат што вели Христос: Имаше некој човек, многу богат, секој ден се веселеше,[2] имаше еден јабанџија,[3] сиромав, болен, лежеше пред портата од богатиот. Беше болен, имаше живи рани, и гладен, со кучињата лежеше на портата, чекајќи кога ќе ја истресат трпезата измеќарите[4] на богатиот. Па болниот се влечеше при кучињата и ги собираше трошките и пците не му велеа ништо, уште му ги лижеа раните и му ги бришеа со јазикот, го лекуваа[5] пците. А богатиот нејќеше ни едно парче леб и малку манџа да му даде. Дојде време,[6] та умре сиромавиот, сиромасите му ја закопаа снагата халосана,[7] а душата трпелива Ангели, пеејќи, му ја однесоа во рај, во пазувите Авраамови, во вечна убавина. Умре и богатиот. Богатите му ја закопаа снагата, а ѓаволите му ја земаа душата, та се фалеа со неговата душа и ја однесоа во пеколот, во вечна мака. И душата му се измачуваше од пеколот гледајќи во рајот, и го виде Авраама во рајот и го виде и оној сиромав што му умре пред вратата гладен, па почна да вика од пеколот: „Татко Аврааме, смилувај ми се, прати го Лазара, кој е во твоите пазуви, ние сме познаници со него, прати ми го, нека си го натопи прстот негов во вода и нека ми ја излади устата моја, бидејќи изгорев за вода и не се издржува оваа жештина.“ Па му вели Авраам: „Има меѓу нас една провалија, голема дупка, страв ми е да не пропадне некако и да не останам без него. Нека ми го во пазувите, нека се весели убаво, затоа што во неговиот живот, кога лежеше пред твојата порта, тогаш се мачеше, па сега нека се весели во рајот, во моите пазуви, а ти, пак, тогаш си се веселел, па сега мачи се каде што те ставиле.“ Па му вели богатиот: „Те молам татко, отче, прати го барем нека оживее и нека оди на мојот имот, во мојата куќа, нека каже како јас се мачам тука, нека им каже затоа што имам дома пет браќа, ми е жал за нив да не дојдат и тие во ова мачно место, и да не прават веселби како што јас правев, па ме донесоа тука. Нека им каже да не бидат немилостиви и скржави каков што бев јас.“ Пак му вели Авраам: „Не го праќам ниту таму, нека го при мене. Твоите браќа знаат и самите што е лошо, нека не го прават, ако не сакаат да дојдат при тебе во маката. Ако пак не знаат, имаат книги, нека ја остават веселбата и нека читаат, да видат како треба, па така и да прават. Ако, пак, не знаат да читаат книга, нека викаат даскали[8] и учители што ги познаваат книгите. Тие кажуваат, ама нема кој да слуша, луѓето во светот одат по задоволства[9] и по веселби, а не одат да го чујат Божјото слово каде што се кажува. Нема потреба[10] да го пратам Лазара да ги учи твоите браќа, тие си имаат даскали таму, нека се учат.“ Пак му вели богатиот: „Не оче, туку од тука да се врати човек, да оживее, да отиде таму и да им каже дека добро велат учителите кои се таму.“ Па му вели Авраам: „Таквите луѓе што не им веруваат на книгите и на учителите, тие се неверници. И да им го пратиме Лазара, тие пак нема да поверуваат, ќе речат се повампирил, станал од гробот и го лаже светот. Уште и шега ќе бијат со него. Така што, нека се весели сега Лазар, затоа што доста маки претргал дури бил жив, зошто да го враќаме уште да се мачи меѓу лоши луѓе и да скита? Бидејќи се наоѓа на добро место, нека си го, а ти седи си каде што те ставиле. А твоите браќа ако не им веруваат на нивните книги и на нивните даскали, и тие нека дојдат кај тебе, и за нив има место, и за многу други има место, не се наполнува никогаш.“[11]

Ете, Христијани мои, кој дојде од оној век? Самиот Христос дојде од тој век и одеше по земјата и многу разни чудеса правеше помеѓу луѓето. Оние што не можеа да оздрават од болестите и покрај многуте обиди,[12] Христос со еден збор, со едно прозборување ги оздравуваше. И умрениот, од гроб со еден повик го оживуваше, и жив дома повторно си стоеше, дури додека да остари. Христос такви чудеса чинејќи, секој ден ги поучуваше луѓето за сите работи, и за овој век и за оној век, и за гревот, и за добродетелта,[13] и за телата и за душите, и за вечната мака, и за рајот, и за луѓето, и за Ангелите, и за ѓаволот. Сето тоа што го кажуваше, сè беше запишано во Евангелијата од четворица Апостоли, откако отиде Христос на небото, од каде што беше дошол, и седна на поранешното место. По десет дена им го испрати Светиот Дух на сите Апостоли, и им порача[14] да ги напишат Евангелијата, и четворица Апостоли: Матеј, Марко, Лука и Јован го напишаа она што го видоа дури одеа заедно со Христа и што им се откри со доаѓањето на Светиот Дух. И денес повторно се чита Евангелието, и кој не верува во Евангелието, во Христа не верува. Со таквиот си немам работа. Да можам да го научам – добро би било, да бидеме обата при Христа, ама ако нејќе, скраја да е, тогаш нека си оди неверниот од мене.


[1] Зачало – нумериран извадок од текстот на Евангелието или на Апостолот, предвиден за читање на богослужба.

[2] Во изворникот стои: „сефа чинеше“, од турската заемка со арапско потекло: sefa – радост, веселба, уживање, забава.

[3] Од турски yabancı – странец.

[4] Слугите, од турски hizmet (измет) – слугување, работење, услуга.

[5] Во изворикот стои турски збор ikram – терапија.

[6] Во изворникот стои турски збор zaman – време.

[7] Измачена.

[8] Од грчкиот збор δάσκαλος – наставник, учител.

[9] Во изворникот стои турски збор zevk – задоволство.

[10] Во изворникот стои турцизам, иктиз од ihtiyaç – потреба, нужда.

[11] За целиот пасус, спореди со Лк. 16, 19-31.

[12] Изворно: „триста марифети“, од турскиот збор marifet – трик, вештина, досетка.

[13] Во изворникот стои турската заемка севап (разговорно: себап), од арапскиот збор sevap – добро дело, доброчинство.

[14] Изворно стои: „им прати абер“, од турски haber – вест, порака.


Извадок од јубилејното издание „Поука за секој христијанин“, Скопје, 2016, по повод 200 годишнината од издавањето на книгата „Огледало“ од Преподобниот Кирил Пејчиновиќ. Приспособување на современ македонски јазик, појаснувања и коментари: Архимандрит Иринеј (Стефановски).