Протојереј Златко Ангелески
На многу фрески низ нашите православни храмови може да се забележи една несекојдневна, но многу впечатлива сцена, на која фрескописецот мошне вешто ги преточил во слика Христовите зборови кои ги слушнавме во денешното Евангелско четиво. Всушност, на тие фрески е претставен Страшниот Суд каде што Господ Исус Христос најпрво гледа надесно и им се обраќа на оние, кои се од таа страна: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25, 34), а другата фигура на Спасителот е свртена кон оние, кои стојат од левата страна и го слушаат страшниот приговор: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели“ (Матеј 25, 41). На првата фигура од Христовото лице излегува светлина и љубов, а Неговите две раце се испружени напред, како да сака да ги прегрне оние, кои живееле според Неговите заповеди, а на втората фигура Христовиот лик е строг и од Неговите очи не излегува светлина.
Гледајќи ја оваа фреска веднаш треба да се потсетиме на зборовите од апостолот Јован кога безусловно и едноставно тврди дека „Бог е љубов“ (1. Јов. 4, 8). Потврда на ова е и фактот што „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3, 16). Земниот подвиг на Господ Исус Христос е подвиг на љубовта. Самиот Он го надминал и највисокиот степен на љубовта, зашто Он не умрел за пријателите, туку за непријателите, зашто секој грев е непријателство против Бога. Но, во таа Христова крсна смрт не е откриена само Божјата љубов, туку и законот на Божјата правда.
Живеејќи меѓу луѓето, проповедајќи љубов и вршејќи правда, Господ Исус Христос во Своето сопствено лице се открил на светот како носител на божествената љубов и правда. Впрочем, има ли потреба да го докажуваме ова, кога низ светите евангелски страници Христа Го гледаме како ги привлекува децата при Себе, а врз нивните глави ги полага Своите милостиви раце, гледаме како при нозете Негови плаче блудницата и со своите коси ги мие Неговите нозе; како ја заштитува блудницата од каменување од разгневените фарисеи; како го лечи раслабениот, кој триесет и осум години лежел при овчата порта; како ја утешува бедната Наинска вдовица, која тргнала да го погребува својот единствен син; како плаче и го воскреснува четиридневниот Лазар… Он секогаш оди во пресрет на тагите, на солзите, на човечките несреќи. Пред нашиот духовен поглед низ страниците на Евангелијата Он стои во ореолот на бесконечната љубов и сострадателност. И, каква трагедија, на крајот на Својот земен подвиг, откако им помогнал на сите кои барале помош од Него, по тешки страдања, невин и безгрешен, Он е распнат на крстот. Од Неговото божествено тело истекува искупителната крв, а од Неговото срце – божествена љубов. И во тие претешки мигови Он ја утешува Својата расплакана мајка, Пресветата Богородица, која се наоѓала во подножјето на крстот. Он дури и се моли за Своите распнувачи, кои, според Неговите зборови, не знаат што прават. Он со љубов гледа и на покајаниот разбојник, кој моли за прошка, и од неисцрпниот извор на Својата љубов, му гo дава она, кое го бара.
Таков е нашиот Бог, во Кого ние веруваме и Кој е љубов и правда! Пројавувањето на Неговата правда ние, исто така, го гледаме за време на Неговиот земен живот. Спасителот постојано ги изобличувал книжниците, митарите и фарисеите за нивните беззаконија; со бич ги изгонил трговците од храмот, кои домот за молитва го претвориле во разбојничко гнездо. Но, Он во исто време го прима митарот кој се кае, зашто Он го бичува единствено гревот, сè со цел да го спаси човекот. Всушност, Христос за тоа и дојде на земјава: да го бара и спаси загубениот човек. Дури и во срцето на Јуда, во миговите на предавството, Спасителот ќе тропне со истата цел, велејќи му: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“ (Лука 22, 48).
Божјата правда се раствора во Христовата љубов, а тоа ни го сведочи уште во Стариот Завет светиот цар и пророк Давид кога вели: „Милостив е Господ и праведен“ (Псал. 114, 5). Христос Спасителот е таков и по Своето Вознесение. Од љубов кон луѓето Он ја формирал Црквата на земјата, за да може понатаму таа да ја раздава Божјата љубов преку благодатта на Светиот Дух, подавајќи им на оние што се каат божествено простување. Сите ние сме синови и ќерки на светата Христова Црква, а преку неа – чеда на Небесниот Отец, и постојано се капeме во тоа море на божествена љубов преку сите дни, додека сме живи. Најпрво Господ нè прима преку светото Крштение во Своето семејство, нè храни со духовна храна и ни го дава за сопатник во земниот живот нашиот ангел – чувар. И во текот на својот живот ние постојано доаѓаме во Божјиот храм, во подножјето на Христовиот крст, заедно со своите гревови и тешкотии, за овде да добиеме утеха од божествената љубов. Колку пати ние и да паднеме во гревови, исто толку ќе ни прости Господ, но потребно е да плачеме за своите паѓања.
Во својот живот сведоци сме како Божјата љубов се соединува со Божјата правда. Над нас не се простира само покровот на Божјата љубов, туку се извршува и судот на Божјата правда. За нашите гревови Господ ни испраќа и болест, односно, нè вразумува преку личните несреќи. Сè додека живееме над нас ќе се излива судот на Божјата правда, зашто апостолот Павле говори: „Господ го казнува оној, кого што го сака“ (Евр. 12, 6). Несреќите и страдањата Господ ни ги праќа според Својата љубов. Господ казнува, но и ни простува при секое наше обраќање кон Него, ги отстранува од нас страдањата и ни помага полесно да ги поднесеме.
И по својата смрт човекот ги чувствува последиците од Божјата љубов и правда. Сè додека не настапи последниот ден од овој свет, нашиот бесмртен дух ќе биде загреван од Божјата љубов. Преку молитвите на Црквата, бескрвните жртви и милостињите, на покојните им се дава можност да се избават од вечните маки, а тоа е уште една пројава на Божјата љубов и правда.
Денес светата Црква нè потсетува токму на Праведниот Христов Суд, како подготвително размислување за деновите од великиот пост кои наскоро ќе започнат. Тој ден е денот кога Господ Бог ќе се појави во светот само во Својата правда. Го очекуваме ли ние тој ден или не, сепак, тој ќе дојде, зашто Божјото Слово доволно убедително ни сведочи за тоа. Господ Исус Христос по вторпат ќе дојде на земјава, но овојпат како Праведен Судија, Кој ќе им суди на живите и на мртвите. Во тој ден Он ќе му го открие на целото човештво само лицето на Својата вечна правда. Да се потсетиме дека и светиот апостол Павле нè учи: „Сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да примил што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло“ (2. Кор. 5: 10).
А по божествениот приговор, кога од небото ќе слезе „Новиот Ерусалим“ и ќе се отворат вратите за верните Божји слуги, оддесно на Бога ќе свети една љубов, во чии зраци ќе блаженствуваат сите вистински Божји слуги. А таму, каде што ќе царува вечниот мрак и каде што вечното страдање ќе биде наследство за непокајаните грешници, одлево од Божествениот Судија, ќе биде царството на Божјата правда, каде што грешната душа ќе го вкуси горчливиот плод од својот земен живот.
Токму затоа никогаш да не ја злоупотребуваме Божјата љубов! Да нема меѓу нас ниту еден непокајан грешник! Со својот живот, согласен со евангелските заповеди, да постанеме достојни за неа. Да се подготвуваме за добар одговор на Страшниот Христов Суд и да ја молиме Божествената љубов да ни помогне да ја спознаеме целата убавина од вечниот живот, па засекогаш да ја соединиме својата душа со Преслаткиот наш Спасител во закрилата на Неговата неисцрплива љубов.