Во Палатата на романскиот парламент, во наредните денови, ќе биде поставен православен параклис, којшто ќе биде свечено отворен и осветен на 25 март, за празникот Благовештение, изјави привремениот претседател на Домот на пратеници – г. Алфред Симонис.
Според г. Симонис, Бирото на Домот за пратеници, во понеделникот, одобрило меморандум за утврдување на соодветен простор во Палатата на парламентот.
„Побарав од генералниот секретар на Комората за пратеници да утврди простор во Палатата на парламентот за оваа намена – за православен параклис. Сметам дека ние сме последниот Парламент, барем во Европа, којшто нема таков простор. Знам дека е постара идеја, за неа се дискутираше и порано, не е некоја новина. Ние сакаме и утврдивме, барем по принцип, ваков простор; имавме кореспонденција и со Романската Патријаршија и, најверојатно, на крајот на овој месец, поточно: на 25 март, за Благовештение, свечено ќе го отвориме и ќе го осветиме“, изјавил г. Симонис, пренесува Агерпрес.
Тој, исто така, напоменал дека црковната дејност во параклисот ќе ја организира Романската Патријаршија.
„Мислам дека нема да има постојан свештеник, но, сепак, овие нешта не се поврзани со дејноста на Комората на пратеници. Впрочем, ќе утврдиме простор каде што луѓето коишто сакаат да се помолат и да се поклонат, ќе можат да го сторат тоа. Сите Парламенти низ светот имаат таков простор. А црковната дејност ќе ја воспостави Патријаршијата“, потврди пратеникот на Социјалдемократската партија.
И претседателот на Сенатот, г. Николае Чиука, минатиот октомври, изјави дека ја поддржува идејата за основање на параклис во законодавната зграда.