Недела на простувањето

Протојереј Златко Ангелески

„Отвори ми ги вратите на покајанието, Животодавче!“

Четири седмици едноподруго светата Црква нѐ подготвува за пречек на Велигденскиот Четириесетдневен пост со молитвениот повик: „Отвори ми ги вратите на покајанието, Животодавче!“. Кога се наоѓаме пред самиот праг на постот, Црквата како да ни поставува услов: „Ти нема да можеш да поминеш низ вратите на покајанието, ако не се измириш со своите ближни, ако не им ги простиш од сѐ срце грешките направени кон тебе“. Според тоа, нашата подготвеност да простиме или, со други зборови, нашата милост кон ближните е мерило за искреноста на нашето покајание. Токму милоста, зашто човекот со леснотија ќе се поклони и ќе побара прошка од својот ближен, со кого не се познава многу добро, но во себе не наоѓа смирение и милост да побара прошка од оној, со кого е во јавна или скриена одмазда и кавга, со кого не сакаат да се сретнат ниту видат, или од кого смета дека е длабоко навреден. Причината за тоа е во нашето себељубие, кое ја потхранува нашата убеденост, дека ние сме секогаш во право, која, пак, состојба е секогаш обратно пропорционална од нашата милост кон ближните.

А кој може вистински да проштева? Само оној, кој вистински влегол во борба со себељубието и оној, кој навистина сфатил дека сите луѓе се грешни пред Бога и еден пред друг. Оној, кој сознава дека сите ние имаме општа човечка природа и поврзани сме со духовни и морални врски, тогаш, тој навистина сознава дека најодговорно сме поврзани секој со сите и сите со секој.

Кој може вистински да проштева? Оној, кој во своето срце ги носи Христовите зборови: „Милост сакам, а не жртва“, кој чувствува колку насушно му е потребна Божјата милост и затоа самиот постојано е милостив кон другите.

Ете тука е врската на покајанието со милоста. Силно развиеното чувство за лична грешност е постојан сопатник на христијанинот по сите патишта на неговото духовно растење. Најсветите луѓе најсилно од сите ја чувствуваат својата грешност. Пред својата смрт, целиот светејќи од небесна светлина, Свети Сисој Велики се молел на Господа да му подари уште неколку дена за да се покае. Во сите скриени катчиња на својата душа човекот сретнува гревови, страсти и пороци. И ако ја сфати опасноста од нив, со која тие му се закануваат, човекот постојано ќе ја повикува Божјата милост, онаа голема милост, која само воплотениот Бог може да му ја дари на човечкиот род и која душата на православниот христијанин ја проси во многубројните црковни стихири и молитви. Човекот, кој чувствува дека Божјата милост му е потребна секој момент, самиот постанува извор на милост…

Милоста и милосрдието се пројавуваат не само во нахранувањето на гладни, напојувањето на жедни, посетувањето на болни и нагостувањето на туѓинци. „Јас сум сиромав, ќе рече некој, немам ниту имот, ниту пари“. Да, но имаш душа, во која се кријат сите богатства на милосрдието: моли се на Бога за гладните, жедните, болните, патниците и тоа е милосрдие; плачи за оние, кои не се покајуваат и не сакаат да простат – и тоа е милосрдие; не враќај на омразата со омраза, не плаќај на злото со зло, победувај го злото со добро, благословувај ги оние кои те колнат, прави им добро на оние, кои те мразат, моли се на Бога за оние, кои те прогонуваат сето тоа е милосрдие. подари им ја на луѓето својата боголика душа со сите нејзини богатства: милостиви мисли и сострадателни чувства. Немој да се жалиш, раскопај ја својата душа и, под калта на гревовите, под тињата на страстите, ќе ги најдеш оние богатства, оние невидливи внатрешни скапоцености, кои Бог ги дарил на човекот. Тогаш нема да ти биде тешко да нацрпиш од нив и да им ги даруваш штедро на оние, кои имаат потреба од милост и прошка, па дури тоа да се и нашите непријатели.

На прочка, кога сите ние во посилна мера ја сознаваме својата бедност, немоќ и гревовност, да пројавиме снисходливост и милост и да си простиме сите еден на друг, со кое сме си згрешиле и на таков прекрасен и богоугоден начин да влеземе низ вратите на покајанието во Великиот и спасителен пост.