Велики Четврток – Гетсиманија

Автор на текстот: А. Шнелер

Преку исушеното корито на Кедронскиот поток, Господ и Апостолите преминале молчејќи. И во Гетсиманија влегле молчејќи. Тоа бил истиот пат, по кој е извршено свеченото влегување на Спасителот во Ерусалим. Маслиновата градина, која била заградена со ѕид, била поприлично голема. Во градината влегле на главната врата. До овој момент, сето Свое време Господ им го посветувал на Своите ученици и на Своето дело. Сега за тоа настапило крај. Сѐ што требало да им каже – им кажал. Дури сега нашол време малку да размислува за Себе; дури сега, во оваа ноќна тишина, со Него, со сета своја тежина завладеала помислата на смртта, која можела секој момент да настапи. И Богочовекот морал да го плати својот долг заради човечката природа, не како Бог, туку како човек. Евангелистите сведочат: „Се замисли и почна да тагува, па им рече: Душата Ми е смртно нажалена: останете тука и бидете будни! И штом се оддалечи малку, падна на земја и се молеше, за да го одмине овој час, ако е можно; и велеше: Ава, Оче! Сѐ е можно за Тебе, отклони ја од Мене оваа чаша“ (Матеј 26: 37-39;  Марко 14: 33-36; Лука 22, 42). Учениците јасно го слушнале Неговото ридање. „Во деновите на Својот земен живот – говори апостол Павле – Он со силен вик и солзи упати молби и молитви кон Оној, Кој можеше да го спаси од смртта“ (Евр. 5: 7).

И наеднаш, исчезнал спокојот кај учениците. Децата, дури и во време на несреќа, долго време можат да бидат весели. Но, кога одеднаш ќе почне да плаче таткото или мајката, ни тие повеќе не можат да се воздржат. Истото се случило и со учениците. Не гледајќи на ужасните претскажувања, до овој момент тие ја чувале храброста, зашто го гледале спокојството и увереноста на својот Учител. Но, кога Он почнал „да тагува и плаче“, тогаш и нив ги опфатил ужас. Зарем да умре? Ова страшно прашање како некаква нерешлива гатанка ги притискала до неиздржлива тежина нивните срца. Оваа ноќ, ни еден светол зрак не паѓал во нивните души, за да им покаже заради што мора да умре нивниот Учител, врз Кого тие ги полагале сите свои надежи. Како може Он да биде Спасител на народите, кога Бог, како што се гледа, го напушта во најголемата несреќа? Сѐ, сѐ е пропаднато! Таквото мрачно очајување со оловна тежина, го притискало и Неговото немоќно човечко тело, сѐ додека на крајот и тоа не паднало во тежок и немирен сон. А таков сон ги зафатило и Неговите ученици. Меѓутоа, Господ морал да ја издржи длабоката душевна борба. Елеонската гора била прелиена со сребреникава месечева светлина. Благодарение на тоа, погледот лесно допирал до Витлеемските планини, па дури и до оддалечениот венец на Переја и Моав. Од ноќното тивко ветре, шуштеле гранките на маслинките и смоквите. Во Ерусалим светлеле домашните огништа. Господ се молел. Евангелистот Лука сведочи: „Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата“ (Лука 22: 44).

Меѓутоа, суштината се состоела во тоа, после животот, исполнет со презир и исмеана љубов, да се прими божественото решение на љубовта, која сѐ победува – смртта! Доброволно! Овој збор било потребно да се исполнува на секој чекор од Гетсиманија до Голгота. Според тоа, Неговото фаќање не морало да се случи во градот, туку во Гетсиманија. Ако Он би посакал да побегне, сите патишта Му биле отворени. Кога бил на Елеонската гора, Он се наоѓал во близината на Јудејската пустина. Првите нејзини песочни дини допирале токму до Него. Во денешна Палестина, бегалецот, кога ќе дојде до овие дини, се смета дека веќе е надвор од секаква опасност. Според тоа, сѐ морало јасно да укажува на доброволниот карактер на Неговата смрт. Но, заради тоа, Он морал да издржи тешка борба со слабата човечка природа. Во што се состои оваа трогателна борба? Дали таа била само обичен страв пред смртта? Не! Тоа било голема борба на љубовта, голема борба на верата! Кој умира за својата татковина, тој знае дека неговата смрт не е залудна, зашто, жртвувајќи го својот живот, таквиот херој ја спасува својата земја. Зад себе таквиот херој го води благодарниот радосен народ, а пред себе – наградата за победата. Дали во часовите поминати во Гетсиманија, Христос имал таква надеж? Говорејќи од човечка гледна точка, а таа борба морало да ја издржи Неговата човечка природа, немало ни најмало наговестување за нешто такво. Во она што поминало се огледала залудната активност на целиот живот. Народот, заради кој Он дошол на земјава да го спаси, сега се подготвувал да Го убие. Он знаел дека сите Негови ученици ќе го напуштат; дека Петар под заклетва ќе се откаже од него, тврдејќи дека не го познава „овој човек“; дека еден од учениците веќе се наоѓа на пат да Го предаде на Неговите смртни непријатели. Ете каков бил резултатот од Неговиот живот, исполнет со величина на душата, со несебична љубов и пожртвуваност. Сета човечка ништожност во тој момент се појавила пред Неговите очи. Но, и за нив Господ бил должен да умре! Не! Нештото не било во тоа, да се победи природниот страв пред ужасите на смртта. Тоа било – борба на љубовта!

Сета активност во текот на Неговиот живот изгледала како да пропаднала. Каде биле сега оние големи ветувања и надежи кои никнале во витлеемските јасли? Зарем Он не беше одреден да го спаси човечкиот род? Зарем мора таков да биде патот до спасението? Доколку повеќе човекот е исполнет со Бога, дотолку повеќе поголеми се искушенијата, кои мора да ги претрпи. А Он, како што веќе се знае, бил поголем од сите кои пребивале во привремената телесна состојба. Навистина, Он бил Оној, кој требало да владее над „сите царства на светот и нивната слава“ (Матеј 4: 8). Оваа борба на верата била уште посилна од борбата на љубовта. Сите сили на мракот навалиле врз Неговата душа. Он ја чувствувал близината на царството на мракот. Заради тоа, а за да ја зацврсти верата против искушенијата на „кнезот од овој свет“, било потребно такво напрегање на снагата, така што „потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата“ (Лука 22: 44). Сиот невидлив свет со сосредоточено внимание го очекувал исходот на борбата. Небото и пеколот биле набљудувачи на оваа борба; претставниците на двата света зеле учество во неа. А Самиот Христос рекол: „Иде кнезот од овој свет, и во Мене тој нема ништо“ (Јован 14: 30).

Кај евангелистот Лука наидуваме на сведоштво дека на Господа „Му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше“ (Лука 22. 43). И не само невидливиот, туку и видливиот свет се восхитувал од радоста, кога на утрешниот ден, Распнатиот, со својот извик „Се сврши!“, ја објавил победата на искупениот свет. Само имајќи го предвид големото значење на оваа борба, ние можеме да ја поимаме победната песна во Јовановото Откровение: „Ете, победи Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов… достоен да ја отвори и да ја прочита таа книга…“ (Откр. 5: 4-5). Токму затоа што, според својата храброст бил како „лав“, Он морал да ја издржи силната борба, за да може Себе Си да се доведе на колење како „јагне“. Токму затоа нас нѐ поразува фактот како Он оди на страдање молчејќи, без спротивставување, кроток и покорен на Божјата волја. Навистина, Неговите мисли се бореле со прашањето: Зарем нема друг пат за спасение на луѓето? Но, совршенството на победата се состоело токму во тоа – Он во ниту еден момент не побарал друг пат, освен оној единствениот, кој бил според Божјата волја.

А што го поткрепувало во тој час? Молитвата и Светото Писмо! „Да се исполни напишаното“ – токму од ова цврсто сознание Он не отстапил ни еден чекор, како што докажуваат Неговите зборови, кои им ги упатил на учениците, кои дошле да Го повикаат. Во Светото Писмо, во волјата на Својот Отец го наоѓал единствениот патеводител низ Неговиот живот. Он морал да биде во она, кое што е на Неговиот Отец (спореди: Лука 2: 49). И кога во  Своите мисли им се обраќал на пророците, во Него во тие моменти извирала утеха. Кога помислувал на Својата смрт, понижен и исмеан, тогаш Неговиот пат одеднаш бил осветлуван со сјајни зраци од древните пророчки зборови: „Он беше презрен и понизен меѓу луѓето, маж на болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Он беше презиран, и ние за ништо не го сметавме. Но Он ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме, дека Он беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога. А он беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме“ (Иса. 53: 3-5).

Во таа смисла, едно место од Светото Писмо менувало друго, додека златното ѕвездено небо од сјајните Божји зборови сосема не се исчистило од темните облаци, а пред Неговиот поглед повторно се покажал Неговиот пат, точно одреден и јасен.

И така Господ, после тешката борба ја освоил целосната победа. Првото искушение на нашите прародители некогаш ги затворило дверите од рајот за целото човештво. Последното искушение на нашиот Господ Исус Христос и Неговата победа повторно ги отвориле рајските врати. Она, кое нашите прародители го загубиле заради непослушноста кон Божјата заповед и желбата за сопствена слава, надвор од Бога, ете тоа Он сега повторно го добива преку Својата беспрекорна послушност. Во Едемската градина човештвото го загубило својот скапоцен бисер; во Гетсиманската градина и во градината на Јосиф Ариматеецот, Он повторно е одземен од непријателите на човештвото и им е вратен на претходните сопственици со првите зраци на Новозаветната Пасха. Така, по една страшна борба, завршено е чудесното дело на искушувањето и спасението – тајна, во која сакаат да проникнат дури и ангелите. Нападите на кнезот на темнината биле одбиени. Силата на гревот, која со средства за убиствени планови на луѓето против Божјиот Син, тежнеела да ја раскине последната врска меѓу Бог и луѓето, била уништена со силата на Божјата љубов, со доброволната смрт на Неговиот Син за грешниот свет, со самопожртвување на добриот Пастир за Своите непријатели. Натприродно оснажен од молитвата – Христос се исправил! Неговата молитва била услишана!

Кога Христос за последен пат им пристапил на заспаните ученици, Он веќе го слушнал гласот и шумот на чекорите на мноштвото луѓе, кои Му се приближувале. Светлината од фенерите се покажала од кај страната на Ерусалим и од кај страната на црвено осветлените ѕидови на ближните градини. Господ се доближил до учениците и им рекол: „Станете да одиме! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешници“ (Матеј 26: 45-46). Откако се разбудиле од тешкиот сон, учениците, најверојатно, со недоверба гледале во својот Учител, кога ненадејно се појавил Јуда, кој често пати ноќевал со нив токму на истото место. Откако тој не Го нашол Христос на местото каде што се случила Тајната Вечера, тогаш дошол овде, добро знаејќи каде може да го најде. А со Јуда била и стражата првосвештеничка од храмот, а исто така и римскиот одред од Пилат, на чело со командантот.

Уплашени, штотуку разбудените ученици, за миг биле опкружени од наоружаните луѓе. Црвената светлина од фенерите се развиорила и паѓала врз маслиновите дрва, врз сите ученици и врз спокојното лице Христово.

Но, Он спокоен и величествен застанал пред таа толпа. Еден дел од оваа толпа уште пред неколку месеци биле испратени до Го фатат. Ама, восхитени од величественоста на Неговата личност тие тоа не го направиле тогаш. А сега ноќе, исто така се случило нешто, кое поразува. Совршено спокоен Христос пристапил пред нив. Во вакви случаи тие никогаш не доживеале вакво нешто. Тогаш, веројатно, се сетиле на Неговите зборови, на сите големи дела кои Он ги направил во нивната околина, па во страв „тие се повлекоа назад и паднаа на земјата“ (Јован 18: 6). Постапката на Петар, кој со меч му го пресекол увото на слугата на првосвештеникот, ги вратил во реалноста. Можеби и војниците на римската посада не биле слободни од стравот, исто како и архиерејските стражари. Но, тие, сепак, Го заокружиле Христа и Го врзале. Спокојството и верата во Светото Писмо јасно со изразувала во последните зборови, со кои Христос им се обратил на учениците, одделувајќи се од нив: „Како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“ (Матеј 26: 54).

Христос, потполно мирен им дозволил да Му ги врзат рацете. „А на првосвештениците и црковните управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите? Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на мракот“ (Лука 22: 52-53). И уште еднаш учениците ги слушнаа зборовите, од кои се чувствувала каква светлина таа ноќ Го озарила нивниот Учител; светлина, која Он уште еднаш посакал да ја распламти во нив: „Но, сето тоа стана, за да се исполнат пророчките писма“ (Мате 26: 56). Тогаш сите ученици Го напуштија и се разбегаа. Стражарите Го одведоа Христа. Јуда, како по навика, останал сам во Гетсиманија. Последните смирени зборови на Неговиот учител, покрај Кого тој доживеал толку многу убави моменти, во неговата совест запалиле неизгаслив оган. Тој најверојатно видел како целата група, осветлена со фенери, се спуштила од Елеонската гора во Кедронската долина, а потоа како на другата страна од потокот се издигнала кон југоисточниот агол од градот. Срцето на предавникот, за кого само пред неколку мигови неговиот претходен Учител со горчина кажа: „Добро ќе беше за тој човек, ако не беше се родил“ (Матеј 26: 24), сега веќе беше исполнето со очајание. Ужасни и стравични биле последните мигови на предавникот. На секој зрак на надеж за милост, добивал одговор од пеколното иронично подсмевање. Јуда повеќе не можел да издржи, па следното утро заминал „за да си отиде на своето место“ (Дела 1: 25).

Превод: протоереј Златко Ангелески