Велигден на последните луѓе на Земјата

Илустрација: Иванка Демчук

Автор: Протоjереј д-р Георгиј Лекас

Богочовекот Исус преку Својата смрт и воскресение го смести човечкиот живот во Животот на Бог Света Троица. Смртта, која пред Христовата смрт го одвојуваше човекот од Бога, преку Христа станува неопходно средство за луѓето да постигнат соединување со Бога. Исус не се плашеше да умре, зашто Тој живееше во Љубовта на Својот Отец, за разлика од повеќето од нас, кои се плашиме од смртта, затоа што сме неуки за оваа Љубов. Меѓутоа, кога ќе почнеме да ја доживуваме оваа Љубов, постепено учиме да не прифаќаме ништо што нè одвојува од неа. Секогаш има нешто бесмртно во нас што не може да ја прифати смртта, па затоа повеќето од нас би претпочитале, ако е можно, вечно продолжување на животот во распадливоста, наместо да ја прифатиме сопствената смрт. Единственото сценарио во кое некој доброволно ја прифаќа смртта е кога во овој живот некој веќе ја доживеал вечната Љубов која Христос дојде да ја вгради во нас. Се разбира, доброволното прифаќање на смртта е сосема спротивно на самоубиството. Оној што сам си го одзема животот, всушност, го поништува дарот на животот што му бил даруван токму поради оваа цел: да биде достоен за целосно доверување во рацете на Оној што му го дал. Предавањето на нашиот живот на Љубовта на Оној што ни го подарил, секако, на одреден начин носи болка, бидејќи Вечната љубов нè чисти – толку, колку што дозволуваме – од сѐ што е неспоиво со неа. Меѓутоа, болката што ја причинува ова очистување е неспоредливо помала од олеснувањето што го носи. Клучна карактеристика на човечките суштества е свесноста за сопствените слабости, меѓу кои, пред сѐ, е нивната смртност. Нашите слабости нѐ прават инвентивни, креативни, сочувствителни и конечно, љубовни. Нашите слабости нè повикуваат да влеземе во однос едни со други и со Изворот на љубовта, кој е Троичниот Бог. Но, бидејќи не сме го ценеле животното значење на нашите слабости и наместо тоа, се восхитуваме на силата, постепено сме водени кон создавање машини кои, бидејќи нема да ги имаат нашите слабости, наскоро ќе нѐ осудат како непредвидливи, нестабилни, непродуктивни и конечно, „бескорисни“ – и ќе бидат принудени да нѐ елиминираат.

Последните луѓе на земјата ќе го прослават Велигден, бидејќи нивното заедничко исчезнување се приближува со секој час што изминува. Оние меѓу нив кои веќе ја доживеале Вечната Љубов, во претстојна смрт ќе видат благословен начин да го скршат нивниот земјен сад (т.е. телото – бел. на прев.) и постепено да бидат способни да ја прифатат сè поголемата Љубов, во состојба на бескрајна трезвена опиеност. Зашто, кога би прифатиле толкаво количество Љубов додека се во својот земјен сад, неизбежно би полуделе. Наскоро по исчезнувањето на последните луѓе, Земјата ќе биде проголтана во пламен што ќе го согори секој облик на живот длабоко во нејзиното јадро. Тогаш, за среќа, нема да има човечка душа што би доживеала страв.


Превод од англиски јазик: Протојереј-ставрфор Антониј Петрушевски, од изворникот: https://www.thenationalherald.com/the-easter-of-the-last-people-on-earth