Митрополитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, кој е портпарол на Светиот Архијерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, во изјава за информативниот портал „Плусинфо“, ги коментираше обвинувањата против членови на Синодот на МПЦ.
Тој во изјавата, како што пренесува Плусинфо: „Ги коментира вчерашните тврдења на професорот Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност на Филозофскиот факултет, кој на дебатата ’Улогата и влијанието на религијата во современото општество’, рече дека македонски владици ’се вмешани во шпионажа за незападни разузнавачки служби, а тоа претставува безбедносен ризик и закана и за македонската црква внатре, но и за државата, бидејќи поттикнува раздор, ја нарушува социеталната, идентитетската безбедност и е дополнителен товар и за признавањето на МПЦ-ОА’. Ваквото тврдење Ѓуровски го поткрепи со цитат на претседателот на државата Стево Пендаровски, кој изнел информации дека ’членови на Синодот се соработници на руската разузнавачка служба врз основа на сознанија кои се строго доверливи’.“
Во продолжение следи изјавата на Митрополитот Тимотеј во целост:
„За себе можам да тврдам дека не се занимавам со такви работи, а искрено, не мислам дека ниту другите владици и членови на Синодот се занимаваат со шпионажа. Има една српска поговорка која гласи: „у страху су велике очи“. Ова е класична американска игра. Гледате, кога тие еднаш ќе кажат нешто, нашите не чекаат да им се каже двапати. Немам информација дали некој македонски владика и член на Синодот е повикан на разговор поради обвинувања за шпионажа. На крајот на краиштата, секој владика си има име и презиме, па нека излезе претседателот на државата и нека каже дека конкретно тој и тој човек соработува со странски служби на штета на Македонија. Оти, вака, и ние би можеле да излеземе и да кажеме, на пример, дека шефот на државата е предавник на својот народ. Но, како ќе го докажеме тоа што го кажуваме? Затоа, и претседателот е должен да ги докаже тврдењата, а не само да ги каже.“