Денес, 4 / 17 април, го празнуваме споменот на Светиот преподобномаченик Никита Серски, познат и како Свети Никита Славјанин, Атонски.
Родум е од Албанија, но со словенско потекло. Се подвизуваше на Света Гора, во рускиот манастир, Свети Пантелејмон, каде што беше јеромонах. По некое време се оддалечи во скитот Света Ана, заради подвиг на безмолвие и пост.
Потоа свети Никита се реши да пострада како исповедник на Христа. За таа цел, ја напушти Света Гора и дојде во градот Серес, во манастирот Свети Јован Претеча. Пристигна на Велики Понеделник, и откако се причести со Светите Тајни, на Велика Среда се упати кон џамијата Ахмед паша каде што живееше исламскиот учител заедно со своите ученици. Никита сретна еден куц ученик, и му рече дека ако се реши да прими христијанско крштение ќе оздрави од својата немоќ. Таму го фатија и го затворија.
Следниот ден, на Велики Четврток, градскиот бег уреди соочување на Никита со најсилниот исламски вероучител и со сите образовани ревнители за исламот. Никита ги посрами сите нив, а за Мухамед отворено рече дека е измамник и ѓавол во тело. Заради тоа беше подложен на секакви измачувања, ноздрите му беа горени со свеќи, на главата му беше ставен усвитен железен венец, под ноктите му беа набиени игли, а потоа беше обесен со главата надолу и горен. Вечерта на Велика Сабота, Свети Никита беше осуден на смрт и веднаш обесен. Пред извршувањето на пресудата, Никита на сите им прости и од сите побара прошка. Таа ноќ жителите на градот видоа голема светлина на целата околина каде што пострада светиот Никита. На христијаните дури три дена подоцна им беше допуштено да го погребаат.
Еден Солунски трговец не сакаше да го почитува Никита за светител и маченик, бидејќи Никита самиот ги беше предизвикал тие страдања, но на сон му се јави Христос уверувајќи го да не се сомнева во светоста на Никита. Отците од манастирот Свети Пантелејмон, откако разбраа за ова страдање, му составија служба. Свети Никита пострада на 4 април 1808 година.