Преподобна Витбурга, испосничка во Холкем

Света Витбурга беше најмладата ќерка на побожниот крал Ана од Источна Англија (владеел од 635 до 653/654 година), кој имаше шест свети ќерки, а самиот маченички пострада од рацете на паганскиот крал Пенда Мерсиски. Една од сестрите на Света Витбурга е преподобната Етелдреда, чија нераспадлива десна рака до ден-денес почива во црквата на градот Ели.

Света Витбурга извесно време живееше строг аскетски живот, како испосничка во Холкам, а во спомен на нејзините духовни подвизи местото беше преименувано во Витбургстоу („Светото место на Витбурга“) неколку векови подоцна. Потоа се пресели во селото Дурам во центарот на Норфолк, каде што остана до крајот на животот. Светителката водеше свет живот на ова место и основа мал женски манастир, собирајќи заедница на монахињи посветени на Бога. Тие пишуваат дека во времето на смртта на Света Витбурга, изградбата на манастирот сè уште не била завршена. Очигледно, манастирот се грижел за образованието, поддршката и духовниот развој на жителите од областа.

Забележително е тоа дека за време на испосничкиот живот на Света Витбурга, неколку пати ѝ се има јавено Пресвета Богородица. Света Витбурга е еден од неколкуте примери на рани англиски светци кои се удостоиле да ја видат и да разговараат со Пресветата Мајка Божја.

За време на градежните работи во манастирот, Света Витбурга немаше со што да ги нахрани работниците и сестрите, освен остатоците од бајат леб. Таа почна засилено да се моли, а Богородица ѝ се јави во видение и ѝ рече да испрати неколку сестри во блискиот извор. Кога сестрите отидоа на изворот што го посочи Богородица, таму видоа две срни кои дозволија да бидат измолзени, и дадоа многу млеко. И понатаму, срните секое утро доаѓаа на изворот и им даваа млеко на монахињите. Долги години ова млеко го снабдуваше манастирот, а залихите на путер и сирење никогаш не завршија.

А непријателот на човечкиот род, гледајќи ги строгите аскетски подвизи на Витбурга, не можејќи да ја победи духовно, реши да ѝ се одмазди преку луѓе. Така, еден од локалните земјопоседници се озлоби на Светата Витбурга и планираше да ѝ наштети. Тој со своите кучиња ги бркаше срните и им го попречуваше патот до изворот. И не застана тука, туку реши и да ги убие срните. Но, истиот ден кога требаше да го спроведе својот злобен план, го снајде небесна казна: коњот ненадејно го фрли, тој падна, го скрши вратот и умре. Слушајќи за овие и други чуда, сè повеќе луѓе почнаа да доаѓаат при Светата Витбурга за совет и помош.

Преподобната Витбурга се упокои во Господа на 17 март 743 година, во длабока старост, и беше погребана на гробиштата на црквата што самата ја основа во Дурам. 55 години подоцна, во 798 година, моштите на Света Витбурга беа извадени од гробот за да бидат пренесени во црквата. Тогаш се покажа дека нејзините мошти се целосно нераспаднати. Почитувањето на светителката растеше, а стотици луѓе од целиот свет се собраа кај нејзините мошти и добиваа помош.