Свети Николај Јапонски

Споменот се празнува на 3 февруари (по стар стил) / 16 февруари (по нов стил).

Мисионерите Православната Црква често ги нарекува „рамноапостолни“, односно оние кои се трудат со ревноста и на начинот на првите апостоли. Понеодамнешен пример за ваков светител е свети Николај, кој му ја донесе светлината на Православието на јапонскиот народ. Роден е на 1 август 1836 година во Смоленскиот регион во Русија. Матурираше како првенец, а во 1856 почна студии на Богословската академија во Санкт Петербург. Таму прочита соопштение во кое се бараше некој да служи како главен свештеник во црквата на Руската амбасада во Јапонија, на коешто се одзва. Во Јапонија тој започна со сериозно изучување на јазикот, културата и историјата на земјата.

По неколку години интензивно учење, о. Николај преобрати во Православието еден самурај, зет на шинто свештеник, заедно со уште двајца други. Светителот не се обидуваше да покрстува голем број на луѓе, туку се стремеше оние што ќе ги преобрати да бидат цврсти во верата. Овие први покрстени потоа му помагаа како вероучители, и тој наскоро имаше група од 15 христијани, а во 1873 година бројот на православните верници достигна 1000 души.

Вероучителите, како нови апостоли, проповедаа и вршеа служби во домовите и ги користеа тие домови како мисионерски центри. На овој начин беа основани над 250 мисии за време на животот на свети Николај. Тој исто така основа и верски училишта, а во 1878 година отвори богословска семинарија за образование на јапонското свештенство. Покрај богословските науки, тука се изучуваа и јапонскиот, кинескиот и рускиот јазик, како подготовка за преводот на сите делови од Светото Писмо, како и на други неопходни текстови.

Во 1880 година свети Николај беше ракоположен за прв епископ на Јапонија, а веќе во 1884 година почна со изградба на прекрасен соборен храм во Токио, посветен на Христовото Воскресение, кој беше завршен и осветен во 1891 година.

Руско-јапонската војна од 1904-1905 година беше испит за свети Николај и за православните христијани во Јапонија. Со длабоко расудување, тој им дозволи на свештениците да вршат Молебни за победа на Јапонија, додека самиот не учествуваше во нив. Иако му беше понудена заштита од страна на Русите, тој ја одби, претпочитајќи да остане со својата паства. Во 1906 г. владиката Николај беше воздигнат во чин на Архиепископ.

Се упокои на 3 февруари 1910 година.