Богослужбени предмети

За извршување на Литургијата, но и за сите богослужби, неопходна е употреба на одредени предмети. Нивната намена е исклучиво богослужбена, па не можат да бидат користени за општа употреба. Во продолжение ги наведуваме садовите и предметите што се употребуваат при служење Литургија.

Дискосот претставува округол мал диск, кој се употребува за евхаристискиот леб. Се изработува без или со ниска основа. При подготовка на литургиските дарови, на Проскомидијата, на дискосот се положува агнецот, кој потоа, на Литургијата, со призивот на Светиот Дух станува тело Христово. Според подоцнежната византиска практика, на него се положуваат и честиците за Богородица, за светителите и за живите и за упокоените православни христијани. Дискосот ги симболизира Христовиот мртовечки одар, небото и светот, а според подоцнежното толкување, ја симболизира Витлеемската пештера. На него се положуваат и светите мошти при извршување на чинот на осветување храм.

Путирот е чашата која се употребува на Литургијата. Називот произлегува од грчкиот збор ποτήριον – чаша. Обично се изработува со висока основа. На Проскомидијата, во него се става вино и вода, што потоа, на Литургијата, со призивот на Светиот Дух, станува крв Христова. Путирот ја символизира чашата од Тајната вечера, на која Господ Христос ја востановил Евхаристијата. Според древниот поредок, со Христовата крв, директно од путирот се причестувале сите верници, како што е денес случај само со свештенослужителите. Подоцна, заради снисходливост, предизвикана од некои соблазнителни постапки, верниците се причестуваат со лажичка од путирот, во кој се и телото и крвта Христови.

Ѕвездичката е предмет, направен од две метални прачки, кои се крстообразно соединети. Таа се поставува на дискосот за да го држи покровецот, што се поставува врз него. Исто така, ѕвездичката го спречува разместувањето на честичките, кои се поставени на дискосот. Во употреба е од 12 – 13 век, кога почнале да се поставуваат и другите честички околу агнецот. Ѕвездичката го символизира небесниот свод. Според подоцнежната симболика, ја символизира Витлеемската ѕвезда.

Копјето претставува мал нож во форма на копје. Со него, од просфората, се вадат агнецот и останатите честички за време на Проскомидијата. Во богослужбена употреба е од 7 – 8 век, кога во Византија, наместо цел леб, почнале да поставуваат на дискосот само еден дел, односно агнец. Го символизира копјето, со кое еден од војниците ги прободел Христовите ребра, кога бил распнат на крстот.

Лажичката е по форма мала и долга, и се употребува за причестување на верниците со телото и со крвта Христови истовремено. Првобитно таа се употребувала за причестување на болни и на бебиња. Подоцна, од практични причини, нејзината употреба се генерализирала, кога сѐ почесто почнал свештеникот да свештенослужи сам, односно без ѓакон. Претходно, свептеникот му давал тело Христово на секој верник во рака, односно на дланка, а ѓаконот му давал да се напие од Христовата крв директно од путирот. Значи, сите се причестувале на начин на кој денес се причестуваат ѓаконите, односно и останатите свештенослужители кога Литургијата ја служи архијереј. А кога свештеникот служи сам, тогаш е невозможно причестувањето на верниците да се одвива на ваков начин без да се избегнат реални опасности. Лажичката во генерална употреба е воведена од околу 11 век.

Антиминс е подвижна света трпеза. Називот се состои од грчкиот збор „αντί“ (наместо) и латинскиот збор „mensa“ (трпеза), па во превод значи „наместо трпеза“. Литургијата често се служела надвор од храмовите и на отворени површини. Затоа бил потребен антиминсот. На Запад тој бил мермерен, како и светата трпеза, но со помали димензии, односно  колку што е потребно за да се постават путирот и дискосот. На Исток бил изработуван од дрво или од ленено платно. Се осветувал при осветување на храм или со посебен чин, што го има во Молитвословите (Требниците). При тоа, се помазува со свето миро и во него се вшиваат честички од свети мошти. Првобитно имал натпис за потврда на неговото осветување и име на архијерејот. А, во поново време на него има и негов потпис. Антиминсите станувале и „прекугранични“, односно се употребувале и надвор од јурисдикцијата на епископот што ги осветил. На него се насликани разновидни свештени претстави, крстови и скратени натписи. Централниот дел го зафаќа умрениот Христос, според образецот на Плаштаницата (која се изнесува на Велики Петок и над која се служи Христовото опело во склоп на утринската богослужба на Велика Сабота).

Од неодамна е раширено едно чудно богословие во врска со антиминсот. Имено, се смета дека тој претставува дозвола, што архијерејот му ја дава на свештеникот за да служи Литургија. Потоа, се смета дека секој архијереј во неговата епархија издава свои лични антиминси, дека свештеникот го целива потписот на архијерејот во знак на заедничарење и потчинетост, како и други слични нешта. Сите овие теории се, во најмала рака, неприфатливи, бидејќи и архијереите употребуваат антиминс и го целиваат како света трпеза. Се разбира не си го целиваат својот потпис. До неодамна (а дури и денес), во сите храмови се употребуваа антиминси од различно потекло и од различно време, кои го носат печатот на нивното осветување, исто како што е случај и со светата трпеза во храмовите. Во секој случај, ако од преданието се докаже, со сериозни докази, дека така стојат нештата, тогаш тоа би бил единствениот случај, при кој осветувањето и употребата на еден богослужбен предмет зависи само од една конкретна личност, без разлика на свештеничкото достоинство што го има.

губа

Губата е обичен морски сунѓер. Таа се употребува за сушење на путирот, а потоа се става внатре заради регулирање на влажноста по употребувањето на остатокот од причеста. Веројатно е воведена во употреба за да го символизира сунѓерот, што еден од војниците го натопил со оцет и жолчка и Му го понудил на распнатиот Христос.

Во аниминсот се чува и еден друг вид на губа, која во словенските ракописи се нарекува „метлица“. Таа служи за чистење на аниминсот и на дискосот од трошки што остануваат по причестувањето на свештенослужителите во олтарот.

Покровците за путирот и за дискосот се со иста величина, обично во крстовидна форма. Со нив се покриваат путирот и дискосот на Проскомидијата, и нивната употреба има главно практична функција. Но, им се дава и одредена симболика, според која тие ги симболизираат Христовите погребни платна.

Воздухот е покривало, кое по величина е поголемо од претходно спомнатите. Првобитно се изработувал од тенок материјал, како што сведочат термините „воздух“ и „превез“. Со него се покриваат чесните дарови на Проскомидијата и по нивното поставување на светата трпеза (по Големиот вход).

Теплотата е сад што се употребува за затоплување и пренесување на топлата вода, која се налева во путирот непосредно пред причестувањето. Целта на оваа практика е да ги нагласи нераспадливоста на Христовото тело и топлината на Светиот Дух. Покрај тоа, не се исклучени и влијанија од обичаите на трпезите на Исток, при што се мешало вино со топла вода.

Дарохранилницата е сад во кој се чува причест за вонредни ситуации, а најчесто за причестување на болни луѓе кои не можат да дојдат во храмот на Литургија. Таа е во форма на мала црква или на света трпеза со кивот, изработена од метал или од дрво. Во поново време, по западно влијание, дарохранилницата добива поголеми димензии и се поставува на светата трпеза. Порано имала форма на голуб или на кивот и се чувала во посебно шкафче во олтарот.

Кадилницата се употребува за кадење на храмот и на народот. Првобитно постоеле неподвижни и подвижни кадилници, а денес во употреба се само подвижни кадилници, со или без синџири. Малите кадилници, без синџири, според одредбите на типикот се употребуваат во одредени делови од богослужбите (Часови, царскиот дел од Утрената, за време на пеење на полиелејот итн.). Првобитната употреба на кадилниците била поврзана со богослужбата за упокоени (опело) и со помените за упокоените. Значи, нивната употреба била поврзана со укажување чест на упокоениот. Подоцна, нивната употреба се проширила, па добила значење и на осветување на просторот, ширење на благоухание и укажување чест кон луѓе и свештени предмети.

Свеќниците се метални основи за држење на свеќите. Се поставуваат две на светата трпеза и една на проскомидијата. Светлината е неопходна за извршување на богослужението, но претставува и символ на Христос, Кој е вистинската светлина на светот (сп. Јн 8, 12). Покрај овие, свеќник се употребува и при входовите на Литургија.

Камбаните се користат за повикување на верниците на богослужение или за соопштување на радосни или на тажни настани. За врема на гонењата (во првите два и пол века) христијаните биле повикувани на молитва преку гласници. Преподобен Пахомиј Велики ги вовел трубите за повикување на монасите. Подоцна биле воведени клепала. На Запад ги вовеле камбаните во 6 век. Нивниот назив потекнува од италијанската област Кампанија, каде се произведувал бакарот, од кој се изработувале камбаните. На Исток, камбаните биле воведени во тек на 9 век, кога венецијанскиот дук Урс му испратил на византискиот император Михаил III дванаесет камбани. Тие тогаш биле закачени на специјална кула, изградена во дворот на храмот „Св. Софија“ во Цариград.


Користена литература:

1. Благой Чифлянов, Православна Литургика, София 2008.

2. Ιωάννου Μ. Φουντούλη, Λειτουργική Α΄, Θεσσαλονίκη 2000.