Детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес освои прво место на меѓународен натпревар по црковна хорска музика

Фотографии: festiwal.cerkiew.pl

Детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“, од Велес, под диригентската палка на Веселинка Маџарова учествуваше на 43-от меѓународен фестивал по црковна хорска музика „Денови на православната црковна музика“, кој се одржа од 13 до 18 мај оваа година, во православната црква „Света Троица“ во Хајновка, Полска, каде што го освои првото место во категоријата на детски и младински хорови. Фестивалот е во организација на Здружението на љубители на православната црковна музика кое е оформено во 2002 година.

Годинава, фестивалот е во чест на 100 годишнината од автокефалијата на Полската православна црква. Традиционално, фестивалот започна со молебен кој го отслужи Претстоителот на Полската православна црква, Неговото Блаженство Митрополитот Варшавски и на цела Полска г.г. Сава.

Публиката беше одушевена од настапот на хорор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес, па во рамките на својот тридневен престој, тој беше поканет на повеќе настани. Меѓу другото, хорот одржа и самостоен концерт во православната црква „Св. Димитриј Солунски“, во Хајновка, на 19 мај, по Божествената Литургија.