Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на својата редовна седница во работен состав, одржана на 11 април 2024 година, по предлог на Синодската комисијата за канонизирање на светии, одлучи да ги вброи во диптихот на светители и исповедниците и праведни Спасе и Спаса Вишенски.
Согласно со соопштението од Дебарско-кичевската епархија, на 8 и 9 јуни годинава, во нашиот славен и древен Охрид, ќе биде одбележан важен настан за нашата света Црква, а тоа е канонизацијата на светите исповедници Спасе и Спаса Вишенски.
За житијата на овие новопрославени светители во нашата црква, неодамна во интервју за „Слободен печат“ говореше о. Александар Димоски од Дебарско-кичевската епархија. Во продолжение пренесуваме извадоци од ова интервју.
Отец Александар, ќе нè воведете ли накусо во животите на Спаса и Спасе Вишенски?
– Житието на светите исповедници и праведни Спасе и Спаса, започнува и се испреплетува со историјата на големиот и познат манастир посветен на Вознесението Христово, кој се наоѓал над селото Заграчани, во месноста која и денес е позната како Бабуш. Според пишаните извори и спроведените археолошки истражувања, манастирот постоел сè до големите освојувања на Османлиите, кога бил и разрушен, како и сите наши големи светилишта од тој период. Тоа се годините кога отоманските освојувачи ја зацврстуваат својата власт на Балканот и во Македонија, и тоа го правеле на свиреп и страшен начин. Спалувале цели села и населби, го убивале и раселувале домородното христијанско население, како што било и со селото Заграчани. Се претпоставува дека свети Спасе и Спаса потекнувале токму од тоа село, па откако истото било запалено, тие двајца како сираци биле примени во блискиот манастир. Но набрзо и манастирот бил запален, по што започнале нивните подвизи по падините на планината Јабланица. Света Спаса се населила во веќе постоечка пештерна Црква, кај селото Вишни, а свети Спасе, исто така во претходно познато пештерско живеалиште над селото Вевчани. Света Спаса набрзо маченички го завршила својот живот, за да не падне во рацете на злобните освојувачи, со што го зачувала девството и како совршена невеста Му се предала на својот Младоженец Христос, а свети Спасе, повеќепати тепан поради својата вера православна, живеел како пустиник низ јабланичките шуми, проповедајќи помеѓу простиот, но верен селски народ, кој по никоја цена не се откажувал од својата вера христијанска. Се упокоил во длабока старост и не се знае местото на неговото погребение. Вака, народното предание го запазил споменот на овие двајца прекрасни исповедници Христови.
Mоштите на света Спаса се откриени во 1927 година, во пештерната црква во која се населила, а од средината на XIX век имаме неколку непосредни извори, писма на француски и британски конзули, кои зборуваат за страдањето на христијанското население во Струшко, и кажуваат дека е убиена една девојка, а христијаните во Вевчани се жестоко мачени, со што јасно заклучуваме каков бил односот на отоманскити освојувачи кон домородното христијанско население во овие краеви, низ сите години на нивното владеење. За нас, секако дека е најважно тоа што Господ овие двајца ги зачува живи во споменот на народот и преку нивните молитвени застапништва не престанува да твори чудеса. Исто така, мора да споменеме дека имињата што Црквата им ги дава на овие двајца, Спасе и Спаса, не знаеме дали се нивните вистински историски имиња, но бидејќи народот ги именува со некоја форма од овие имиња, а и самиот факт што нивниот спомен е поврзан со празникот на Вознесението Христово – Спасовден, сметаме дека овие имиња им се угодни и ним и на Бога.
Моштите на Спаса Вишенска се чуваат во црквата „Свети Атанасиј“ во струшкото село Вишни. Со какви сè други материјали за светиите располагате и како се собирани, документирани, пренесувани од крајот на 14 век до денес?
– Да, од 1927 година, кога света Спаса ѝ се јавува на Марија Дарданоска од Долна Белица, исто така село во Струшко, нејзините мошти се наоѓаат во селскиот храм „Свети Атанасиј“ во Вишни. Власите од Долна Белица се обиделе да ги пренесат моштите во нивното село, со изговр дека светителката им се јавила ним, но вишенци не дозволиле. Света Спаса повеќепати ѝ се јавила на Марија која тогаш имала 60 години и била речиси парализирана, но откако се допрела до моштите чудесно се исцелила. Неколку години подоцна, Љубинка Љашкова, која од Мали Влај била омажена во Вишни, во знак на благодарност што света Спаса го исцелила нејзиниот тешко болен сопруг, Сандре Маркоски, по својот татко од Влашко ја порачала сребрената маска која денес ја гледаме на моштите. Интересно е тоа што во овој случај, Црквата наиде на веќе постоечки култ кон светители, од кои едниот има и запазени мошти и цели молитвени обреди поврзани со нивниот спомен. Секако дека главен и појдовен извор беше народното предание, народната почит и колективната меморија за овие двајца свети праведници. Историското постоење на Заграчани и манастирот Свети Спас, е научно и историски потврдено и поткрепено со многу докази од терен. За пештерните цркви во кои се подвизувале овие двајца, пишувале сите познати историчари на уметност, помеѓу кои главно место секако има академик Цветан Грозданов, кој и прв ги посетува со цел да ги истражи. Тука секако се и пишувањата на многумина патеписци, етнолози, историчари, помеѓу кои достојни за спомнување се д-р Павле Митрески и Анастас Ќушоски, кои со децении пишувале за овие светители. Значи, житието на овие двајца веќе добро беше познато за пошироката јавност.
Во последната деценија, во која активно почнавме да се занимаваме со истражување на животот на свети Спасе и Спаса, наидовме на повеќе непосредни извори, како оние писма на странските конзули што ги спомнав погоре. Бранислав Нушиќ исто така зборува за светилиштата поврзани со овие двајца подвижници. Односно, накусо, се потврди историската вистина на народното предание, кое го следи целиот период на отоманското владеење.
Колку сведоштва за извршени чуда, односно, сведоштва за услишени молитви засега се раскажани, посведочени?
– Бог не престанува секојдневно да прави чуда, да дава чудесни исцеленија и да твори неискажливи дела по молитвените застапништва на светите исповедници Спасе и Спаса и на тој начин Самиот да сведочи за нивната светост. Точниот број му е познат само Нему, и не верувам дека ние некогаш ќе слушнеме и разбереме за сите услишани молитви и молби принесени пред нашите новопрославени светители. Одете било кој ден во Вишни, особено преку викенд, и ќе видите дека постојано, од сите краеви на нашата татковина, доаѓаат луѓе да се поклонат и помолат пред моштите на света Спаса. Некои доаѓаат за првпат, ја молат светителката да се застапува пред Бога за нивно здравје, ја молат за пород, за вдомување – ќе наидете на луѓе со секакви животни проблеми. Други доаѓаат да ѝ се заблагодарат, зашто Бог ги слушнал нивните молитви по нејзините застапништва, гледате и деца кои родителите ги донеле да ги претстават пред нивната духовна мајка – секој со својата историја. Прекрасна глетка, која сведочи за светоста на праведната Спаса и за убавината на нашата вера. Во Вевчани познавам луѓе кои доаѓаат дури од странство, за да отидат и да се помолат во храмот каде што се подвизувал свети Спасе. Затоа само Бог знае, низ годините колку чуда и исцеленија се случиле, и колку се случуваат и денес.
Во книгата што ја подготвивме за канонизацијата, во која покрај житието, за првпат ќе бидат објавени и службата и акатистот на светите Спасе и Спаса, професорот д-р Виктор Недески, кој и ги состави жититето и службата, наведува триесетина чуда и сведоштва за светоста на нашите нови светители. Сите тие се запишани детално, наведено е за секое од нив, кој и кога го раскажал или доживеала. Но како што наведува и самиот професор, тоа се само мал број од сите оние што се слушнати за време на истражувањата.