Пасхална вечерна богослужба во Охрид

„Пред Тебе, Господи, вратите на смртта од страв се отворија, а вратарите на адот, кога Те видоа, се исплашија, бидејќи си ја скршил бакарната врата и си ги разбил железните резиња, и си не извел од мракот и од смртната сенка, и си ги раскинал нашите окови“ (стихира на Господи повикав… на Вечерна во Недела на Пасха).

На 5 мај 2024 година, во Неделата на Воскресението Христово, во попладневните часови, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, според долгата традиција, беше отслужена пасхална вечерна богослужба – т.н. Второ Воскресение, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение свештенството од епархијата.

На Вечерната богослужба, беше прочитано и предвиденото зачало од Евангелието според Јован на разни јазици.

По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј, заедно со свештенството, му го честитаа на верниот народ најрадосниот Празник над празниците – Воскресението Христово, а Митрополитот им подели на верниците по едно велигденско црвено јајце, симболот на Христовото Воскресение, и ги поздрави со древниот поздрав: Христос воскресе!

Извор: https://www.dke.org.mk/index.php/3658-vtorvosk24