Меѓурелигискиот совет на Албанија со приговори за предлог-законот за сексуално и репродуктивно здравје

Фотографија: knfsh.al

Меѓурелигискиот совет на Албанија е оформен во 2007 година од страна на водачите на петте традиционални верски заедници во Албанија: православната, римокатоличката, муслиманската, бектешката и евангелската (протестантска). Со Советот претседава Неговото Блаженство Архиепископот Албански г.г. Анастасиј, Претстоителот на Албанската православна црква.

Советот формираше работна група од правници, социолози, теолози и експерти од областа на медицината за да го испита предлог-законот за сексуално и репродуктивно здравје, а резултатот на нивната работа го објави во отворено писмо упатено до Парламентот на Албанија, Премиерот, Министерот за здравство и социјална заштита, Народниот правобранител и Претседателот на Албанија. Советот се противи на донесувањето на законот во сегашната форма, и бара да учествува во консултативните сесии на Министерството за здравство со право да изнесува податоци, препораки и забелешки.

Ова отворено писмо во продолжение го објавуваме во целост.

Почитувани,

Врз основа на својот статут, Меѓурелигискиот совет на Албанија, откако беше информиран преку медиумите за предлог-законот „За сексуално и репродуктивно здравје“, формираше работна група од претставници на петте верски заедници, составена од експерти: правници, социолози, теолози и медицински професионалци, која го разгледа овој предлог-закон.

Следејќи ја анализата на оваа работна група, преку овој допис, Меѓурелигискиот совет, пред Собранието и Владата, изразува загриженост поради иницирањето на јавна дебата за овој предлог-закон без претходна консултација со засегнатите страни, вклучително и со верските заедници, како и заради недостатокот на јавно преставување на аргументите што го наведоа Министерството за здравство и социјала да предложи предлог-закон со негативни ефекти врз здравјето на поединците, децата, семејствата и албанското општество во целина. Бројните правни, медицински, етички, социјални и теолошки аргументи (во прилог) ја сочинуваат основата на нашето противење на нацрт-законот во формата во којашто е претставен и на апелот на негово повторно разгледување.

  1. Да се забрани стерилизацијата како контрацептивен метод, освен во случаи кога постои медицинска индикација, утврдена од посебна лекарска комисија и на барање на возрасно лице.
  2. Да се поттикне на раѓањето на деца преку зголемување на грижата и поддршката преку социјални, економски, образовни, здравствени мерки итн.
  3. Да се зголеми свесноста против доброволното прекинување на бременоста, освен во случаи кога постојат медицински индикации и е загрозен животот на мајката, што го утврдува специјалната лекарска комисија.
  4. Целосно да се забрани сурогат-мајчинството во Албанија.
  5. Да се заштити концептот на семејство со мајка и татко.
  6. Да не се заменува брачната врска со терминот „жена без партнер“.

Меѓуверскиот совет на Албанија како заинтересирана група бара прекинување на разгледувањето на споменатиот предлог-закон без негово учество на консултативните седници во Министерството за здравство; да му се даде право да изнесува наоди, препораки и приговори во однос на предлог-законот; како и да биде дел од јавните расправи по овој предлог закон. Во спротивно, Меѓуверскиот совет бара предлог-законот „За сексуално и репродуктивно здравје“ да не оди во албанскиот парламент. Со желба нашите барања, кои ги претставуваат волјата и ставовите на сите наши верници како дел од петте официјални верски заедници и од албанското општество, да добијат соодветно внимание од вас и заедно да работиме за подобра и побезбедна иднина на младите генерации со вера во Бога и со законот за општо добро.

Господ да ја благослови Албанија и сите нејзини граѓани!

Успех и просперитет во вашата работа!

Со почит,

Хаџи Бујар Спахиу, Претстоител на Муслиманската заедница на Албанија

Блаженејшиот Анастасиј Јанулатос, Архиепископ на Албанската автокефална православна црква

Архиепископ Ѓерг Мета, Претстоител на Епископската конференција на Албанија

Хаџи Деде Едмонд Брахимаџ, Поглавар на Бектешкиот светски центар

Пастор Ергест Бити, Претстоител на Евангелскиот сојуз на Албанија


Претстоител
Негово Блаженство Анастасиј Јанулатос

Извор: https://knfsh.al/wp-content/uploads/2024/05/Letter-addressed-to-state-institutions-English.pdf