Одговор на Албанскиот Архиепископ на писмото од Александрискиот Патријарх

Неговото Блаженство, Архиепископот Албански г.г. Анастасиј, одговори на известувањето од Александриската патријаршија за одлуката за расчинување на Егзархот на Руската Православна Црква во Африка, за што веќе известивме.

Писмото на Албанскиот Архиепископ го пренесуваме во целост.

Блаженејши и Светејши Папа и Патријарху на Великиот град Александрија и на цела Африка, во Христа Бога, многу возљубен и драг брат и сослужителу, г.г. Теодоре, Ве поздравуваме и љубезно Ви се обраќаме.

Откако го примивме писмото од 20 февруари 2024 година (прот. бр. 16/2024) од Вашето Блаженство, по внимателно разгледување, го потврдуваме наведеното во него. Очигледно, ние не се согласуваме со дејствијата на покажување на сила од страна на Московската патријаршија, особено во чувствителната област на мисијата во Африка. Јасно, ваквите методи ги сметаме за неприфатливи и за осуда.

Подеднакво, сепак, не се согласуваме со усвојување на сличен начин на размислување и метод на реакција, со расчинување на Архијереи и создавање клима на тензија меѓу православните цркви во медиумите. Проблемите создадени во последните години, поради прекинот на евхаристиското општење меѓу православните патријаршии, не се решаваат со еднострани одлуки и соопштенија.

Убедени сме, како што веќе беше истакнато во нашето писмо од 7 февруари 2023 година, дека ние, православните претстоители, само со користење на синодалниот систем можеме да напредуваме кон дејствително помирување и кон богоугодни мисионерски напори.

Сепак, „радосни во надежта, во маката трпеливи, а во молитвата постојани“ (Рим. 12, 12), секогаш остануваме со голема чест и искрена љубов во Христа Исуса нашиот Господ,

На Вашето Блаженство, возљубен брат во Господа,

Анастасиј, Архиепископ Албански.

Во Тирана, на 14.03.2024

Извор: https://orthodoxalbania.org/2020/el/2024/03/13/επιστολές-του-αρχιεπισκόπου-αλβανία/