По повод поднесувањето за гласање на предлог-законот „Еднаквост во граѓанскиот брак. Амандман на Граѓанскиот законик и други одредби“ во грчкиот парламент, денес на 08.02.2024 година во Кареа се состанаа 40-те Игумени и Претставници на свештените манастири на Света Гора и, поради големата и особена сериозност на прашањето, решија ова соопштение да го упатат до секој човек со добра волја и да дадат поддршка во загриженоста и борбата на Црквата за заштита на сржта на човечкиот живот.
Оваа легислатива, како што е предвидено во предлог-законот, иако сака да го осигура принципот на еднаквост преку склучување „брак“ за лица од ист пол, па и заштита од дискриминација, всушност ги заобиколува основните принципи на човековото постоење и ја умртвува можноста за живот и нормален развој на детето. Се растура не човечкото семејство, туку целото човеково постоење.
Навистина, како функционира животот? Секој од нас произлегува од една мајка и еден татко, според Христовиот одговор: „Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот ’маж и жена ги создаде’?“ (Мт. 19, 4). Легализацијата на „бракот“ меѓу лица од ист пол е извитоперување на христијанскиот брак и на устројството на семејството и такво нешто е отфрлено од целокупното црковно предание, и се лекува со покајание, односно со промена на начинот на живот. Исто така, ембрионот се носи девет месеци и се раѓа. Човечкото новороденче е најслабото новороденче во створената природа. Не може да направи ништо. Ако неговата мајка не се грижи за него, не го дои, тоа умира… Бог им дава одговорност на родителите да содејствуваат во неговото оформување и на тој начин да Му станат сотворци на Бога. Ако се случи новороденчето да го подигне погледот кон мајка си, сакајќи да биде надоено, а на нејзино место се наоѓа некој друг, тоа се збунува, се изобличува, се обесчестува. Долгот на почит кон новото битие бара жртва за да може природно да се развива, да му се радува на животот. Не постои друг начин за соединување и развивање на човекот.
По девет месеци се раѓа во една поширока утроба, којашто е семејната средина и започнува едно ново создавање на човекот, на детето, во семејството. Тоа ја познава својата мајка како жена која го дои и го храни со своето млеко и го негува. Го познава својот татко како маж кој го сака и се грижи за него на свој начин. Добива духовна и телесна сила од меѓусебното почитување на таткото и мајката за да премине во втората фаза која ја поминува во детството, влегува во адолесценција, напредува слободно во општеството и го прима воспитувањето од општеството и од местото. Бог го создава човекот за да живее, а не за да умира; ниту да умре во утробата на мајка си, ниту во утробата на детската возраст, ниту во утробата на историјата. Учествува во чудото на животот, за да живее и да се вознесе во вечниот живот. А тоа, со благодатта на Духот, го прави Црквата преку која „целото создание се обновува и се обоготворува“. И ова е конечната утроба која го обликува човекот и го подготвува да се роди во просторот на новиот живот, во возљубените и посакувани „живеалишта“ на слободата на идниот век. Ова е целта и причината поради која Бог ги создаде светот и човекот. Оние кои се ослободија и се родија подалеку од утробата на историјата, односно во благодатта на вечниот живот, постојат, се молат и нè држат сите во животот и претставуваат ѕвезда-водилка каде што е насочено човештвото.
Овој обид за омаловажување и навреда, (ὕβρις, во изворното значење на зборот), претставува негирање на постоењето на човекот, подривање на темелите на зданието на човештвото. Не се погодени само Евангелието и грчкото општество. Вселената се разградува. И да си верник, и да си неверник, ќе се родиш на ист начин. Кога ова го извитоперуваш, всушност се решаваш за бавна, но сигурна смрт на човештвото.
Кога во црква се венчаваат маж и жена, тогаш тие од Црквата добиваат благослов и молитви за многудетност и добродетност. Вистинската карактеристика на бракот спознателно се пројавува со присуството на Христос на свадбата во Кана, бидејќи „ова е голема тајна, за Христа и за Црквата“, според апостолот Павле. Овој „брак“, кој се промовира денес, води во безизлез. Се подготвуваат повредени, осакатени битија. Почитувајте ја човечката природа. Она [дете] што е родено од утробата на мајка си, без разлика на раса, јазик и вера, треба да го дои мајка му.
Овие мисли не се плод на фантазија, туку се засновани на Светото Писмо и на Апостолите, на Преданието и одлуките на Отците, кои воспоставија услови за православната вера и свештени канони, кои ги одредуваат границите во кои треба да се движат сите нејзини членови. Особено јасен е апостолот Павле, кога одлучно нагласува: „Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо“ (1Кор. 6, 9-10).
Истовремено, Црквата ја продолжува својата мисија, пастирствува и лекува, за сите верни да живеат во заедница со Христа и со своите браќа, да се одликуваат со несебична љубов и братољубие. Бог нè љуби сите, праведни и неправедни, светители и грешници. Тоа го прави и Црквата, без никого да исклучува, како што тоа се пројавува низ целата историјата на црковниот живот и човечките слабости. Љубовта царува. Срамота е за оние кои ги прават овие закони и сметаат дека овој развој е природен. Ги охрабруваме и ги пофалуваме оние кои го претпочитаат гласот на совеста наспроти евентуалната партиска послушност, и сме сопатници во нивната борба.
Исто така, постои здравје на животот на телото на човештвото, кое ги одбива сите овие елементи кои се обидуваат да го извитоперат вистинското постоење на човекот. Постои Оној Кој сè управува. Оној што го направи светот и човекот да живее во вечноста и да постои. Тој постои и нè заштитува, а се прикажува како слаб и непостоечки. Со Него ќе се судрат сите оние кои сакаат да го извитоперат животот. Можеби не сфаќаат дека сето ова брзање и инсистирање да се изгласа предлог-законот всушност е покажување на слабост и е на товар на луѓето што наводно сакаат да ги заштитат. Само од почит кон овие луѓе категорично ги искажуваме и нагласуваме принципите на животот.
Големо е злоделото. Ја бесчестат човечката природа, бидејќи во суштина го запираат нормалниот развој и незнајно го уништуваат човекот. Но, постои Оној Кој создаде сè од љубов и мудрост и ги заобиколува нашите слабости и води сè кон добар крај.
Сите во Вонредниот Двоен Свештен Собир Претставници и Престоители
на дваесетте свети и благочестиви манастири на Света Гора Атонска.
Извор: https://www.protothema.gr/files/2024-02-09/ΑΝΑΚΟΙΝΩΣΗ-ΕΔΙΣ-ΑΓ_-ΟΡΟΥΣ-1.pdf