Христијанството во Финска доаѓа од Истокот, односно од Киевска Рус, во X век. Православието пристигнало во северните области на Република Новгород – Карелија и Источна Финска – во XII век и тогаш биле изградени храмови на сите поважни места.
Во XIII век католичката Шведска војува со православната Новгородска република, на територијата на Финска. Оние делови што после војната ѝ припаднале на Новгородската република останале православни. Од XV век започнуваат да се формираат манастири во далечните изолирани места во Финска. Манастирите истовремено служеле и како центри за ширење на верата, а најзначајни од нив се Валаам и Коневскиот манастир.
XVII век е период на религиозен фанатизам, новојавеното лутеранство се бори и против римокатоличката и против православната црква. Повторно на територијата на Финска војувале Шведска – овој пат како лутеранска земја – и православната Русија. Швеѓаните ги прогониле православните од регионите што ги освоиле. Валаамскиот и Коневскиот манастир биле запалени, а монасите што не ги напуштиле манастирите – убиени. По овие прогони, православието на Финската територија престанува да биде доминантната вера.
Шведска била поразена од Русија во XVIII век, а враќањето на регионите Ладога на Карелија во состав на Русија претставувало закрепнување на православната вера во овие области. Валаамскиот и Коневскиот манастир тогаш биле обновени и доживеале процут. Биле обновени и многу запалени и уништени храмови.
Во XIX век Финска станува Големо Војводство, со автономен статус во склоп на Руското царство. Ова значи воспоставување постојано православно население во Финска, која во тоа време е доминантно лутеранска земја. Православните верници пристигнале од Русија во најважните градови на Финска, како што се Виипури (Виборг на руски) и Хелсинки, како трговци, војници и службеници. Во овој период, за потребите на овие доселеници, биле изградени православни храмови и во други места, како Хелсинки и Тампере.
Црковното управување на Финска првично било организирано како дел од епархијата во Санкт Петербург, а во 1892 година е основана независната Архиепископија на Финска и Виборг – првата православна епископија во Финска.
По Октомвриската револуција, во 1917 година, Финска стекнала независност од Русија, а Финската православна црква исто така ја прогласила својата автономија од Руската црква и била уставно признаена како еднаква со Лутеранската црква на Финска. Руската црква во 1921 година ѝ доделува автономија на Финската православна црква. Но, финската држава настојувала Финската православна црква да добие целосна независност – автокефалија, и со таа цел државно-црковна делегација (во чиј состав од црковна страна влегуваат само двајца свештеници) во 1923 година патува во Фанар, каде што бара да добие независност. Цариградскиот Патријарх ѝ дава автономија во 1923 година, и покрај протестите на Московскиот Патријарх Тихон и на локалниот епископ – Архиепископот Фински и Виборшки Серафим. Притоа, Цариградскиот Патријарх Мелетиј Метаксакис образложил дека е прерано да ѝ се доделува автокефалија на Финската православна црква во тој момент, и дека примањето на Финската црква под Цариградската Патријаршија е од привремен карактер – до нормализирањето на црковниот живот во Руската православна црква, која тогаш се наоѓала во тешка ситуација во новоформираната СССР. Истовремено, тој го ракоположил едниот свештеник од делегацијата за епископ (иако тој бил женет свештеник со 6 малолетни деца), а Архиепископот Серафим бил сменет од тронот од страна на државата, под образложение дека не го познавал добро финскиот јазик. На тој начин Финската црква добила Финец за поглавар.
Новата структура на Финската црква го исфрлила црковнословенскиот и го вовела финскиот јазик во богослужбите, и го прифатила грегоријанскиот календар уште истата 1923 година, вклучително и за одредувањето на празнувањето на Пасхата. До ден денес Финската црква останува единствената помесна православна црква која Велигден го слави по нов календар.
По вклучувањето на Виборг во СССР, во 1940 година, седиштето на Црквата е преместено од Виборг во Хелсинки.
По Втората светска војна, православните верници, кои дотогаш во најголем дел се лоцирани во регионот Карелија, биле раселени низ територијата на целата држава Финска, со што присуството на Православната црква се проширило низ целата земја. Во тоа време е воспоставена нова мрежа на парохии и изградени се повеќе нови храмови.
Доделувањето на автономија од страна на Цариградската патријаршија во 1923 година, довело до прекин на литургиското општење помеѓу Руската православна црква и Финската православна црква. Во 1945 година бил постигнат договор за враќање на Финската православна црква под јурисдикција на Руската Црква, но тој договор никогаш не е реализиран. Литургиското општење било воспоставено во 1957 година, кога Руската црква го признала новиот статус на Финската Црква.
Во 1980 година, Финската автономна црква повторно се обратила со молба до Цариградската патријаршија за доделување автокефалија, но не дошло до промена на нејзиниот статус.
Православната црква во Финска во 1940 година броела 81.631 верници. Оттогаш бројот на верници се намалува, па на крајот на 2023 година, Финската црква брои приближно 56.000 верници.
* * *
Кога Финската православна црква го сменила календарот, дел од верниците не ја прифатиле таа промена, па тие во 1926 година се одвоиле во посебна црковна јурисдикција која го задржала стариот црковен календар, како и црковнословенскиот јазик во богослужбите. Оваа црковна структура се нарекува „Патријаршиски парохии во Финска“, а неофицијално е позната и како „Руска православна црква во Финска“, припаѓа на Руската православна црква, во склоп на која има делумна независност. Оваа црква денес брои околу 3.000 верници.