Усвојувањето во грчкиот Парламент на нацрт-законот кој дозволува брак и посвојување на деца на истополови парови предизвика бурни реакции на противење во Грција. Во повеќе наврати пратениците кои гласаа „за“ усвојувањето на овој закон се изложени на јавна критика од страна на црквата, неретко и од страна на свештениците, во тек на богослужбите.
Грчките медиуми известуваат за вербалниот напад на еден свештеник во Патра врз Заменик-министерот за транспорт г-ѓа Христина Алексопулу, за време на поменот на жртвите од турското ропство, а на социјалните мрежи има снимки и од други слични настани, кога свештениците „им држат лекција“ на министрите кои дошле на богослужба.
Пратеничката на Нова Демократија, г-ѓа Ангелики Деликари беше нападната не само вербално, туку и физички, во црква, од страна на друга верничка која ја препознала и ѝ удрила шлаканица.
На новинарско прашање за нападите врз политичарите по повод донесувањето на законот за истополови парови, Архиепископот Атински и цела Грција г.г. Јероним изјави: „Таквите настани не се исправни. Црквата е љубов. Се жали, ги кажува своите ставови, цврсто ги држи, но не смееме да заборавиме дека љубовта е она што е над сè, исто како и благородноста и толеранцијата. Овие инциденти се должат и на воспитанието и на влијанието на некои луѓе кои многу работи од Црквата ги разбираат како одмазда. Црквата, сепак, не се одмаздува. Љуби, но не ги напушта своите позиции“.