Вечерна богослужба

Во православната богослужбена редакција се познати три вида на Вечерна богослужба: мала, секојдневна и голема. Постои и уште еден вид на Вечерна богослужба, поврзана со Преждеосвештената Литургија. Малата Вечерна се извршува пред сеноќни бденија, а денес тоа е запазено само по манастири. Таа е скратена верзија на секојдневната Вечерна. Големата Вечерна се служи во празнични и во неделни денови, а во сите останати денови се служи секојдневна Вечерна.

РЕДОСЛЕД

Благословен е нашиот Бог

Овој возглас е карактеристичен за богослужбите според Ерусалимскиот типик. Според свети Симеон Солунски, возгласот е позајмен од Стариот Завет, а возгласот: Благословено е Царството…– од Новиот Завет.

Предначинателен псалм 103

Псалмот е поставен во почетокот на Вечерната богослужба поради својата содржина, а особено поради стиховите: Тој ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето го знае својот запад; спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови[1].

Светилнични молитви

Светилничните молитви се седум на број. Свештеникот ги кажува тивко пред светите двери, за време на читањето на 103. псалм. Сите овие молитви се составени во множина, односно претставуваат молитви за целата христијанска заедница.

Голема ектенија

Катизма

Старозаветната книга Псалтир е поделена на 20 катизми, кои се читаат во текот на една седмица. Називот доаѓа од грчкиот збор κάθισμα – седење, седиште. Причината за овој назив е тоа што читањето на Псалтирот верниците го проследуваат седејќи. На Вечерната богослужба се чита една катизма, а денес тоа се практикува само по манастирите. По парохиските цркви не се читаат, освен на големите Вечерни кога се пее првата статија од првата катизма „Блажен муж“.

Мала ектенија

Вечерни псалми 140, 141, 129 и 116

140 Псалм бил дел од вечерното богослужение во ерусалмискиот храм. Во текот на 4 век, кон овој псалм бил додаден и 141 псалм. Избрани се поради тоа што според содржината се вечерни псалми.

Стихири на „Господи воззвах…“

Последните десет, осум или шест стиха од вечерните псалми се поврзани со по еден тропар, наречен „стихира на Господи воззвах“. Тие се своевидно поврзување на Стариот и Новиот Завет. Кадењето на храмот е позајмено од практиката на Ерусалмискиот типик.

(Ако Вечерната е со вход): Молитва на входот „Вечер и заутра и полудне…“

Входот на Вечерната богослужба е остаток од Вечерната според парохискиот типик, чиј редослед бил поинаков од монашкиот, односно манастиркиот типик. Дејствието, пак, на входот на Вечерната е позајмено од Литургијата, и претставува влегување на свештенослужителот во олтарот за да ги запали светилниците и да покади со темјан. Затоа се извршува со кадилница, а со Евангелие се прави само кога е предвидено читање на евангелско зачало.

Благословен вход свјатих Твоих…

Химна на светилникот „Свете тихиј…“

Оваа химна, заедно со Големото славословие, е една од најстарите во богослужбената традиција на Источната црква. За тоа сведочи свети Василиј Велики во своето дело „За Светиот Дух“. Нејзиното пеење било проследено со палење на светилниците, кое во Црквата добило христолошко значење: Христос е вистинската светлина, Којашто блеска во темнината на идолослужењето и ги просветлува оние кои се наоѓаат во темнина и во смртна сенка[2]. Благословувањето на вечерната светлина во нашето современо богослужение е сочувано само на Вечерната во склоп на Преждеосвештената Литургија.

Вечерен прокимен

Во минатото прокименот претставувал цел псалм, од кој подоцна останале само неколку стиха. Во богослужбената традиција на Источната црква познати се три вида на прокимен: секојдневен, празничен и великопосен. Секојдневните прокимени се седум на број, според деновите во седмицата. Големите/празничните прокимени се пеат на Вечерни после големи празници и содржат повеќе стихови од псалми. Великопосните прокимени се по два за секој ден во Велигденскиот пост, а се читаат пред двете старозаветни читања (паримии). Содржината на секојдневните прокимени одговара на содржината на денот. Во недела се пее: „Се ниње благословите Господа, вси раби Господни“[3]. Содржината се однесува на ангелите, кои непрестајно Го слават и благословуваат Бога, а истовремено се однесува и на верните Божји слуги. Во понеделник: „Господ услишит мја, внегда воззвати ми к Нему“[4]. Содржината се однесува на верните, кои во покајание Го повикуваат Бога, и кон проповедникот на покајанието – свети Јован Крстител. Во вторник: „Милост Твоја Господи поженет мја всја дни живота моего“[5]. Содржината се однесува  на помошта, која доаѓа од Господовите страдања, како и на милоста која се излева од Неговиот крст. Во среда: „Боже, во имја Твое спаси мја, и в силе Твоеј суди ми“[6]. Содржината се однесува на светите апостоли, преку чија проповед, во името Господово, се спасуваме. Во четврток: „Помошт моја од Господа, сотворшаго небо и земљу“[7]. Содржината се однесува на помошта, што доаѓа од распнатиот Христос. Во петок: „Боже, заступник мој еси Ти и милост Твоја предварит мја“[8]. Содржината се однесува на светителите, кои се застапуваат за нас и за нашите покојници. Во сабота: „Господ воцарисја, в лепоту облечесја“[9]. Содржината се однесува на воскреснатиот Господ, Кој царува како победник над смртта.

Библиски читања – паримии (на Празнична/Голема вечерна)

На Вечерните богослужби на Господовите, на Богородичните и на големите светителски празници се читаат по три избрани старозаветни четива. Исклучок се апостолските празници, на кои се читаат делови од соборните посланија, додека на Божик, на Богојавление и на Велигден се читаат осум, тринаесет и петнаесет четива (паримии). Во Великиот пост се читаат по две четива. На Вечерната, наречена Второ воскресение[10], се чита само Евангелие. При читањето на старозаветни четива, читачот го кажува насловот на книгата, а ѓаконот или свештеникот возгласува: Премудрост, да внимаваме. Доколку се чита дел од апостолските посланија, тогаш возгласот е: Да внимаваме, премудрост, да внимаваме.

Сугуба ектенија

На Вечерните богослужби кои имаат вход, сугубата ектенија следи веднаш по паримиите или по прокименот, доколку нема паримии. На Вечерните без вход, сугубата ектенија се кажува пред отпустот, но без првите две прозби (Да речеме сите…Господи Седржителу…). Со сугубата ектенија започнува вториот дел на Вечерната, која има повеќе молитвен, отколку славословен карактер. Во оваа ектенија се содржат прозби кои се однесуваат на целата црковна заедница, а можат да бидат вметнати и дополнителни прозби за одредени вондредни ситуации или за упокоени христијани.

Сподоби Господи

Оваа молитва е составена од библиски стихови. Најраните сведоштва за нејзина употреба ни доаѓаат од 7 век. Според византискиот чин, таа се припојува кон Големото славословие, кое се чита на крајот од Утрената богослужба и на Повечерието. Во тој случај, само се заменува зборот „ден“со „ноќ“или „вечер“. Со неа Му се молиме на Бога да нѐ сочува од гревовни дејствија и помисли  во вечерта, која настапува, но истовремено  Го славиме и Го благословуваме.

Прозбена ектенија

Благословување и главоприклонителна молитва

Благословувањата на свештеникот се почетни и отпустителни. Тука, благословот „Мир на сите“е отпустителен. Ѓаконот го повикува народот да ја приклони главата, а свештеникот ја чита молитвата „Господи Боже наш, приклонивиј небеса…“ Сите главоприклонителни молитви во богослуженијата имаат отпустителен карактер.

Стиховни стихири

Стиховните стихири станале дел од Вечерната богослужба во подоцнежен период. Првобитно, нивната употреба била поврзана само со воскресните тропари. По 9 век биле составени стиховни стихири и за секојдневните Вечерни богослужби. Се нарекуваат „стиховни“, затоа што нивните стихови од псалмите се подолги од стиховите на други стихири. Свети Симеон Солунски смета дека тие се наречени така, за да се разликуваат од литијните стихири, кои немаат стихови.

Ниње отпуштаеши…

Химната на свети Симеон Богопримец „Ниње отпуштаеши“[11] била вклучена во чинот на Вечерната околу 7 век. На сегашното место во редоследот на Вечерната, таа се среќава во молитвослови од 9 век. Поставена е на крајот од Вечерната, затоа што вечерното богослужение го симболизира Стариот Завет, а свети Симеон Богопримец со неа го навестува крајот на Стариот Завет. За да биде поставена на крајот од Вечерната придонеле и самите зборови „Ниње отпуштаеши“ (Сега го отпушташ…)

Трисвето

Тоа е вметнато е помеѓу „Ниње отпуштаеши“и тропарите, кои се нарекуваат „отпустителни“. Овие три елементи, односно „химната“, „трисветото“ и „отпустителниот тропар“, образуваат мало отпустително чинодејствие, со кое завршува Вечерната богослужба.

Отпустителни тропари

Отпустителниот тропар е најважниот и, во повеќето случаи, најстариот тропар во секое богослужение од деноноќниот циклус. Се нарекува отпустителен поради тоа што се пее на крајот од Вечерната. Во минатото имало отпустителни тропари за големите празници. Кога немало светител што се празнува, се пееле следниве тропари: Богородице Дево…, Креститељу Христов…, Молите за ни…, Под твое благоутробие… Овие денес се пеат во Великиот пост, бидејќи во седмичните денови на постот не се празнуваат светителите.

(Ако Вечерната е без вход): Сугуба ектенија без првите две прозби

Отпуст

По отпустителниот тропар, ако имало вход, веднаш се прави отпуст, а ако немало вход, тогаш прво се кажува сугубата ектенија, па потоа следи отпустот. Ако имало петолебие, свештеникот го благословува народот, велејќи: Благословение Господне и милост Его да приидет на вас…, а ако е без петолебие, возгласува: Сиј благословен Христос Бог наш…

Отпуштајќи ги христијаните, свештеникот се моли, преку застапништвото на спомнатите светители, Христос да ги помилува и да ги спаси. Разликуваме два вида на отпуст: мал и голем. Светителите се спомнуваат според категоријата и титулата што им е дадена.

Молитвами свјатих отец наших…

Со овој возглас порано завршувала манастирската Вечерна богослужба. Под „свјатих отец наших“ (нашите свети отци)се подразбираат монасите, кои се присутни на богослужбата, а не отците на Црквата. Затоа, кога служи владика, тоа се заменува со: „Молитвами свјатаго владики нашего…“ (по молитвите на нашиот свет владика).


Користена литература:

1. Архимандрит Авксентий, Еортология (история на православните празници и пости), Пловдив 2012.

2. Архимандрит Авксентий, Литургика (част пьрва), Пловдив 2006.

3. Ιωάννου Μ. Φουντούλη, Λειτουργική Α΄, Θεσσαλονίκη 2000.

4. Благой Чифлянов, Православна Литургика, София 2008.


[1] Пс 103, 19-20

[2] Сп. Лк 1, 79.

[3] Пс 133, 1.

[4] Пс 4, 4.

[5] Пс 22,6.

[6] Пс 53, 1.

[7] Пс 120, 2.

[8] Пс 58, 18.

[9] Пс 92, 1.

[10] Така е наречена Вечерната богослужба, која се служи на Велигден попладне.

[11] Лк 2, 29.