Протојереј Златко Ангелески
Црквата го слави неговиот спомен на 3 Јуни (?-96; латински: Lucian)
Светиот свештеномаченик Лукијан најпрво живеел во Рим, а додека бил јазичник се викал Лукиј. Од апостол Петар бил просветлен со светлината на Христовата вера и примил крштение. По смртта на апостолот, свети Лукијан најпрво го проповедал христијанството во Италија. Во тоа време во Рим пристигнал свети Дионисиј Ареопагит, ученикот на апостол Павле. По молба на Римскиот папа свети Климент, свети Дионисиј организирал група на мисионери, кои заминале во западните страни на Европа, за да го проповедаат христијанството. Свети Климент тогаш го ракоположил Лукијан за епископ, а за придружба му ги испратил светите Маркелин и Сатурнин, презвитерот Максијан и ѓаконот Јулијан.
Од Италија светите проповедници пристигнале во Галија. Свети Маркелин со својата дружба заминал за Шпанија, свети Сатурнин останал во Галија, а свети Дионисиј со својата група заминал во пределите на денешниот Париз. Свети Лукијан, пак, заедно со Максијан и Јулијан заминал за Белгија.
Проповедта на свети Лукијан во Белгија била повеќе од успешна. Со силата на својот благодатен збор, како и со примерот на својот живот, во христијанството тој обратил голем број од јазичниците. Свети Лукијан бил строг подвижник. Во текот на денот вкусувал сосема малку леб и неколку голтки вода. Во проповедта бил кроток, секогаш радосен и со светло лице. Во негово време, речиси целото население на Белгија се преобратило во Христа. Во тоа време римскиот император Домицијан го дигнал второто (по Нерон) гонење против христијаните и издал указ, со која се наредува да бидат предадени на мачење сите оние, кои ќе откажат да им принесат жртви на јазичничките богови.
За исполнување на овој указ, во Белгија биле испратени тројца чиновници. Но, Господ веќе му испратил видение на свети Лукијан за подвигот кој му претстоел. Откако ја собрал паствата, тој ги советувал да не се плашат од заканите, мачењата и смртта, а потоа искажал благодарност кон Бога, Кој му подарил можност да се присоедини кон соборот на светите маченици. По молитвата, свети Лукијан, заедно со презвитерот Максијан и ѓаконот Јулијан, се искачиле на врвот од една гора, каде што продолжиле да го поучуваат народот, кој ги следел.
Овде светите биле заробени од римската војска. На Максијан и Јулијан им било предложено да се откажат од Христа и да им принесат жртва на идолите, но тие категорично тоа го отфрлиле и им била отсечена главата. Потоа судијата почнал да го испрашува свети Лукијан, обвинувајќи го за маѓионичарство и непокорност кон сенатот и императорот. Светиот одговорил дека не е маѓионичар, туку слуга на вистинскиот Бог, Господ Исус Христос, па откажал да им принесе жртва на идолите, кои биле направени од човечки раце.
Светителот бил подложен на свирепо бичување, но тој цело време повторувал: „Никогаш нема да престанам со сето срце, вера и уста да Го фалам Христос, Божјиот Син“. Светиот маченик бил обезглавен. Нед неговото тело засветлила небесна светлина, а се слушнал и гласот на Спасителот, Кој го повикувал храбриот страдалник да влезе во Царството небесно, та да добие маченички венец. Со Божја сила, светиот станал, ја зел својата отсечена глава, поминал преку реката и дошол до избраното место за погребување, легнал на земјата и во мир го предал својот дух во Божјите раце. Откако го виделе ова величествено чудо, околу петстотини јазичници веднаш се преобратиле во христијанството. Подоцна, над гробот на маченикот, била подигната црква, во која биле пренесени и останките од светите маченици Максијан и Јулијан. Споменот на светиот маченик Лукијан, Православната Црква го празнува на 3 јуни според Јулијанскиот календар.