Средби на Ерусалимскиот Патријарх и подготовки за празникот на Христовото Воскресение во Светата земја

Фотографија: jerusalem-patriarchate.info

Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски г.г. Теофил во текот на изминатата седмица оствари неколку средби. Во среда, 4 / 17 април, ги прими во посета Претседателот на Руската духовна мисија во Ерусалим, архимандритот Васијан (Змеев) и архимандритот Никон. Потсетуваме дека архимандритот Васијан (Змеев) минатата година доби забрана за влез во Македонија, со образложение дека внесувал раздор во МПЦ. Од страна на портпаролот на МПЦ тогаш беше изјавено дека немале никакви забелешки или сознанија за некакви нелегални активности на архимандритот Васијан.

Истиот ден, Ерусалимскиот Патријарх се сретна со Неговото Високопреосвештенство митрополитот Берлински и Германски Марко и архимандритот Роман од Руската задгранична православна црква.

Исто така, Патријархот на Светиот град Ерусалим имаше средба со претставници на Израелската полиција со кои беше дискутиран протоколот во врска со богослужбите во текот на Страсната седмица и празникот на Воскресението Христово, со оглед на моменталната безбедносна ситуација во Израел.

Патријаршијата потоа излезе со соопштение дека во текот на празнувањето на Христовото Воскресение се предвидува во храмот на Воскресението и во надворешниот двор да бидат присутни 4.200 лица.

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/επισκεψεισ-παρα-τω-μακαριωτατω-16/