Цветници

Протојереј Златко Ангелески

Календарот на Православната Црква е исполнет со голем број на праз­ни­ци, кои секоја година нè потсетуваат на настаните кои што се случиле во текот на минатите векови, а кои настани длабоко се проникнати во сржта на право­слав­ниот човек. Такви празници нашата Црква востановила да се празнуваат и во чест на настаните од земниот живот на Спасителот Господ Исус Христос. Иако ги употребуваме термините „празник“ и „празнување“, сепак, денес си спом­­нуваме за еден трагичен настан, за едни тешки и мачни мигови од животот на Спасителот. Многумина од нас би рекле: па денес сè е исполнето со тор­жес­т­во – Христос влегува во Светиот Град Ерусалим; го пречекува мноштво на на­род кој ликува и кој е подготвен од Него да направи политички лидер, кој ќе очекува од Него победа над римскиот непријател, и што е тука трагично и жално?

За жал, тука сè е трагично и жално! Жално е, зашто сето тоа торжество, сето тоа ликување, сите тие надежи се втемелени на недоразбирање, на несфаќање на Христовата мисија. Трагично е, зашто сето тоа мноштво од народ, кое денес ликува: „Осана на Давидовиот Син!“, само по неколку дена ќе се врати при Него со нов восклик, многу гнасен и многу страшен, полн со омраза и злоба, а кој гласи: „Распни Го!“.

Што, впрочем, се случило за толку кус период со народот Израилев? Влегувајќи во Ерусалим, тие од Христос очекувале да ја земе во Свои раце земната власт, да постане очекуваниот Месија, Кој ќе го ослободи Израилскиот народ од непријателите, дека конечно ќе заврши ропството под Римската окупација и конечно тие ќе можат да им се осветат на сите нивни непријатели. Но, наместо тоа, Христос во Светиот Град влегува кротко, патувајќи кон Својата смрт. Народните водачи, првосвештениците и книжниците, кои потајно се надевале на Него како на свој ослободувач, го свртиле целиот народ против Него, велејќи му дека Он не е очекуваниот, Он не е Оној, на кого тие се надевале, па затоа и му го покажале патот до смртта.

Што очекувале Евреите од Христос, а што, пак, Христос ни ветил нам со Својата смрт?  Имено, токму во тие дни, зборувајќи му на народот каква ќе биде нивната судбина, кога тие ќе поминат покрај Него, не познавајќи Го Него, не одејќи по Него, Спасителот Христос, меѓу другото, им рекол: „Ете, ви се остава вашиот дом пуст, отсега пуст ќе биде и вашиот храм, пуст ќе биде и вашиот народен дом, ќе се испусти и вашата душа, ќе се испусти и вашата надеж, сè ќе се претвори во пустина…“

Единственото нешто, кое може да ја претвори човечката пустина во расцветана градина, единственото нешто кое може да му даде живот на она кое се претворило во пепел, единственото нешто кое може да му помогне на човечкиот живот да се насочи кон својата вистинска цел е присуството на Живиот Бог, Кој дава вечна содржина на сè што е времено. Само и единствено пред Живиот Бог не постои ни големо ни мало, туку сè во својата смисла е толку многу значајно и добива вистинска вредност и смисла.

Еврејскиот народ, кој барал земна слобода, земна победа, земна слава, бил запрепастен кога со своите уши ги слушнал Христовите зборови: Ви се остава вашиот дом пуст! И навистина, што остана од тоа поколение? Христос во една прилика претскажа дека градот Ерусалим ќе биде разрушен, не останувајќи камен на камен од него, и дека ќе ги избијат децата негови (спореди: Лука 19: 42-44). Само по четири дена откако ги кажал овие зборови, Ерусалим и еврејскиот народ ја довршиле мерката на своите престапи. На Голгота е извршено безпримерно во светот злодело: Синот Божји, Кој дојде во светот да ги спаси грешните, бил прикован на Крстот и распнат! Но, само по кусо време се извршила Божјата правда. Само по 70 години од страшните Голготски настани, римскиот војсководач Тит, за време на царувањето на својот татко Веспазијан, го освоил Ерусалим и го покорил. Историските факти ни сведочат дека во тие пустошења околу 115.000 еврејски трупови биле изнесени само од една градска порта во Ерусалим; 1.100.000 евреи биле убиени од меч во Ерусалим и околината, не сметајќи ги старците, жените и децата, кои умреле од глад или од страшните измачувања. Ете што остана од тоа поколение кое прво ликуваше: Осана на Давидовиот Син, а по четири дена злобно викаше: „Распни Го, распни“! И воопшто, што остана од сите оние првосвештеници, книжници, јазичници, фарисеи и садукеи, кои во свои раце ја имаа власта да Го судат Оној, Кој немаше грев, и кои говореа дека таа власт никој никогаш нема да ја одземе од нив? Остана пустина и ништо! Остана по некој гроб, а повеќето што остана е рамно поле и ништо повеќе.

А, што се случи со Господ Исус Христос, драги браќа и сестри? Христос не пројави никаква сила и никаква власт. Пред лицето на оние кои не го разбраа Он и понатаму останува несфатен. А еве и зошто. Зашто Он сè можи. Он можеше таа толпа од народ, која толку величествено го пречека, да ја собери заедно, да ја вплоти, од неа да направи сила и да се стекне со политичка власт. Но, Христос од тоа се откажа. Он и понатаму остана бессилен, беспомошен, навреден, заврши на Крстот после срамната смрт, среде ироничните насмевки на оние, чии гробови до ден денес не можат да се најдат, и чија пепел одамна е разнесена од пустинскиот ветар.

Но, нам, кои веруваме во Христа, Он ни вети живот. Он нè научи на таа вистина, дека освен љубовта и освен подготвеноста да им служиме на своите ближни, на земјава не постои ништо друго. Он нè научи на тоа дека човечкото достоинство е толку величествено, така што и Бог постана човек, не понижувајќи се Себе. Он нè научи на тоа дека на земјава не постојат ништожни луѓе, освен ако не умеат вистински да љубат и да простуваат. Христос нè научи на тоа дека во нашиот опустошен живот можеме и понатаму да ја почувствуваме Неговата благодат, само ако Го повикаме да дојде во нашите срца. Само Живиот Бог може да ги потполни тие човечки длабочини, кои зјаат со пустотија и кои ние со ништо не можеме да ги потполниме. Само Живиот Бог може да создаде хармонија во човечкиот живот и да ја расцвета безживотната човечка пустина во прекрасна градина на добродетели…

Затоа, денешниот ден е жалосен ден, иако го нарекуваме празник. Колку е страшна и трагична глетката, кога Спасителот Христос минува меѓу својот народ, Кој доаѓа со вест за љубов до крајот на светот, а тие Му Го вртат грбот и кројат сплетки како да Го убијат. Ним, едноставно, не им дошло до љубов, затоа што тие љубовта не ја барале и не ја сакале, затоа што за нив било страшно да се љуби онака, како што ни заповедал Христос – до подготвеност да се живее само за љубов и да се умре од љубов. Тие го претпочитале, тие го барале, тие го очекувале само земното и ништо повеќе. Затоа им остана пустината, затоа сè им опусти, затоа опустошеа и тие самите и затоа постанаа ништо.

А оние малкумина, кои го слушнаа гласот на Спасителот, кои ја избраа љубовта и пониженоста, кои посакаа да љубат по цена и на својот живот и на својата смрт, тие се стекнаа со живот, и тоа со живот без непотребности, победнички и торжествен живот. И додека тие влегуваат во вечниот дом Божји и постануваат храмови на Светиот Дух, другите, кои не го прифаќаат Христос за свој Спасител, остануваат надвор од Божјата благодат, пусти и осамени во својата бедност. Иако патот, по кој врвел Христос во Ерусалим, е пат до сопствениот гроб, сепак, од гробот се продолжува кон славниот и вечен живот во Бога. Токму смртните страдања Го овенчале со слава и чест. Затоа, постојано да внимаваме на нашиот животен пат, кој неминовно води до гробот, како на пат, кој може да нè одведе кон небото, зашто „ако со Него страдаме, (та) со Него и да се прославиме“ (Рим. 8: 17) како наследници Христови.