Како да станеме вистински христијани

Протојереј Златко Ангелески

Телесниот пост без духовниот, тоа е цвет без плод, клас без зрно, затоа што постот, по дефиниција, назначен е за молитвени и покајни подвизи, а телесниот пост служи само како средство и помагач на подвизите.

Кај древните христијани и во мрсните денови, трпезата била доволно умерена и едноставна. Светата Црква им советувала дека, човекот не е создаден само за да јаде, туку својот живот и својата сила да ги одржува со храна заради работата и молитвените подвизи. Црквата ги советувала да презираат сè што предизвикува невоздржливост и да ги избегнуваат раскошните трпези, потсетувајќи ги на убавиот совет од апостол Павле: добро е да не јадат месо и да не пијат вино (Рим. 14: 21). Во нагласената воздржливост, древните христијани го поминувале Велигденскиот пост. Добивајќи почеток од светите апостоли, а основан за подражавање на Христовиот 40-дневен пост, Велигденскиот пост, во очите на христијаните, се стекнал со особена важност и бил задолжителен за сите. Затоа и деновите на Велигденскиот пост се разликувале од деновите, кои им претходеле и кои по нив следувале.

Како древните христијани го поминувале Велигденскиот пост?

Согласно црковните правила, тие земале храна еднаш дневно, и тоа навечер, по зајдисонце. Се воздржувале од вино и од секое вкусно и слатко јадење. И во саматa храна правеле премногу строга разлика. Едни употребувале само растителна храна, а други се хранеле само со сува храна, се воздржувале не само од месо, и млеко, и вино, туку и од секаква сочна храна. Јаделе само леб и суво овошје, па дури и самиот леб го употребувале во онаа мерка, колку да се одржат во живот. Некои својата воздржливост ја покажувале до таа мерка, така што и не јаделе и по неколку дена. Историчарот Созомен, за свети Спиридон тврди дека јадел само еднаш во седмицата. Воздржувањето од месото и млекото било толку строго, та дури ни потребата не можела да ги натера да ги нарушат црковните правила за постот. За строгото запазување на постот на своите современици, свети Јован Златоуст говори: „Некои, и да беа принудувани од било кои да пијат вино и да мрсат, попрво би се одлучиле сè да претрпат, отколку да вкусат од забранетата храна“. Еднаш, императорот Јустинијан, во недостаток на друга храна во Византија, заповедал во втората недела од Велигденскиот пост да се продава месо. Иако тоа било дозволено по потреба, сепак, од побожност, народот не сакал да купува месо, сакајќи повеќе да поднесува глад, отколку да отстапи од преданието и заветите на своите отци. Древните христијани строго го запазувале телесниот пост.

Цвет без плод

Но, телесниот пост без духовниот, тоа е цвет без плод, клас без зрно, затоа што постот, по дефиниција, назначен е за молитвени и покајни подвизи, а телесниот пост служи само како средство и помагач на подвизите. Заради тоа, древните христијани телесниот пост го соединувале со духовниот пост. Насочувајќи ги своите мисли кон Бога, тие се воздржувале од страстите, од лошите мисли и желби и од сè што можело да ги расее мислите и чувствата, од сите светски призори, веселби и забави, па дури и од меѓусебните посети. Наместо тоа, ги посетувале болните, затворените, ги смирувале скараните и правеле дела на љубов и христијанска милосрдност.

На таков начин, великопосниот живот претставувал низа на постојани молитви, бдеења над самиот себе и бил исполнет со делата на добродетелство. Ваквиот дух на подвижништво кај христијаните, бил мотивиран и од свештенството, кои постојано го поучувале народот по црквите.

Во една своја беседа за постот и молитвата, свети Јован Златоуст вака говори: „Немој да ми говориш, толку и толку дена постев, не јадев ова или она, не пиев вино, носев стари алишта; туку, кажи ми, дали од гневлив постана тивок, од жесток – добронамерен? Ако си исполнет со злоба, тогаш, зошто го мачиш телото? Ако во тебе има завист кон ближниот и љубов кон богатството, тогаш, имаш ли некаква корист од тоа што си пиел само вода? Ако твојата господарка во телото – душата, паднала во блуд, тогаш, зошто го казнуваш нејзиниот слуга – стомакот? Не го покажувај телесниот пост, зашто таквиот пост сам не може да се издигне до небото, без да биде спроведен од својата сестра – милостињата, која не само што е негова сопатничка, туку е и негова кочија. Од каде го знаеме ова? Од зборовите на ангелот до Корнилиј: „Бог си спомна за молитвите твои и милостињите твои“ (Дела 10: 4).

Во една друга беседа, истиот свет учител вака учи: „Ти постиш? Докажи ми го тоа со своите дела! Ќе приговориш: со какви дела? Кога ќе видиш сиромав, подај му милостиња; кога ќе го видиш својот пријател среќен, не му завидувај. Нека постат не само устата, туку и видот, и слухот, и нозете, и рацете и сите органи од нашето тело“. Воопшто, во своите поуки и беседи, црковните пастири ги изнесувале правилата за следење на постот и барале од христијаните промена не само во храната, туку и во начинот на мислењето, чувствата и желбите – скротување на сите грешни навики и постапки.

Помошник во подвигот

Во древни времиња, великопосното богослужење се одликувало, како и денес, со должина и особен тон на своите песни и молитви. Во сите нив постојано има или повик кон покајание, или најблагородна молитва кон Бога, за да ни даде сили, моќ и средства за покајание, за да ни биде помошник во тој тежок подвиг и, на крај, со љубов да го прими покајникот, како што во евангелската парабола таткото го примил својот заблуден син, кој се покајал. И верните се собирале во храм во голем број заради молитва, слушање на Божјото слово и свештеничките поуки. Храмот бил посетен дури и од такви, кои долго време биле негрижливи кон делата на верата и побожноста. Во текот на Велигденскиот пост, верните секојдневно не се причестувале. Од почит кон постот, како време на заедничко покајание и скрушеност за своите гревови, Црквата забранила секојдневно служење на целосна Литургија (Златоустова или Василиева), туку само во саботните и неделните денови, зашто целосните Литургии се свечени богослужби, кои не се во согласност со сериозноста на постот, а особено и заради тоа што биле соединети со трпезите на љубовта, кои биле заеднички за сите верни. Но, за да не бидат христијаните лишени од можноста често да се причестуваат, Црквата им дозволила да можат да се причестуваат во среда и петок со претходно осветени Дарови, на некоја од претходно отслужените Литургии.

Така тоа било некогаш, во древните времиња… Така тоа треба да биде и денес. Да ги запазиме древните обичаи и завети, та да постанеме налик на древните христијани.

Извор: https://blagovesti.wordpress.com/2013/03/15/kako-da-postaneme-vistinski-hristijani/