На 15 март 2024 година, во Патријаршиската и Синодската резиденција во Даниловскиот манастир во Москва, се одржа средба помеѓу Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Рус г.г. Кирил и Неговата Светост Патријарх Српски г.г. Порфириј.
Патријархот Порфириј пристигна во Москва за да учествува на опелото и погребот на претставникот на Патријархот на Србија при Патријархот Московски и на цела Рус, настојателот на храмот на Светите Апостолите Петар и Павле во подворјето на Српската православна црква во Москва, епископот Моравички г. Антониј, кој се упокои во Господа на 11 март 2024 година.
Од страна на Руската православна црква, на средбата присуствуваа претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, митрополитот Волоколамски г. Антониј и советникот на патријархот Московски и на цела Рус, протојерејот Николај Балашов, а од страна на Српската православна црква – епископот Бачки г. Иринеј.
Срдечно поздравувајќи го поглаварот на Српската православна црква, Неговата Светост Патријархот Кирил истакна дека во минатото претставниците на двете Цркви секогаш бранеле заеднички став: „Отсекогаш сме имале најсигурни браќа во претставниците на Српската црква. И ако, по милоста Божја, постигнавме некаков успех, секогаш нашите браќа од Српската црква учествуваа во тоа, па затоа со благодарност се сеќаваме на нашите добри взаемнодејствија“.
И покрај тоа што причината за посетата на Москва не е радосна, Српската црква е благодарна на Бога за оваа посета, рече Патријархот Порфириј, продолжувајќи: „За нас христијаните нема смрт – има живот. Знаеме дека животот е дар од Бога, а вечниот живот не е на земјата, туку е во Царството Божјо“.
На 13 март 1976 година сегашниот Патријарх Московски и на цела Рус, тогаш архимандрит, беше именуван за епископ, а на 14 март се случи неговото ракополагање во епископ, потсети Патријархот Порфириј, посакувајќи му на Претстоителот на Руската црква многулетство и добро здравје.
Починатиот епископ Моравички Антониј беше симбол на врските меѓу двете Цркви и двата братски народи, посведочи Престоителот на Српската црква. „Ви благодариме што го прифативте со љубов како син, како Ваш и наш брат, што во неговото лице на светот му беше видливо единството на Руската и Српската црква, на рускиот и српскиот православен народ“, додаде тој.
„Според руската поговорка, браќата и пријателите се познаваат во неволја: кога сè е добро, тогаш имаш многу пријатели; кога си богат, сосема е невозможно да се оддалечиш од ’пријателите’, но ако станеш малку посиромашен, тогаш тие заминуваат некаде. А ако се појават опасности, тогаш ’пријателите’ исчезнуваат, а понекогаш и застануваат на страната на оние што ја предизвикуваат заканата“, рече Претстоителот на Руската православна црква.
Според Патријархот Кирил, моменталната ситуација во светот ја открива оваа вистина: „Веднаш се гледа кој ти е пријател, кој е со тебе и во радост и во тага, а за кого добрите односи – вклучително и со Руската црква и со Русија – едноставно се привремени и насочени кон искористување некоја прилика, за корист “.
Затоа Руската црква толку високо ги цени двостраните односи меѓу двете Цркви. „Знаеме за добрите односи на српскиот народ кон Русија, кои никаде не исчезнуваат, не се мимикрија, туку остануваат онакви какви што ги знаеме од историјата“, продолжи Неговата Светост.
Зборувајќи за епископот Бачки г. Иринеј, кој присуствуваше на средбата, Светејшиот Патријарх Кирил истакна: „Владиката Иринеј е жив сведок на нашите заеднички дела, тој ја претставуваше Српската црква од најдобра страна, вклучително и на меѓуправославните средби, кога ние често бевме единствените кои имавме алтернативна гледна точка. Но, тоа отсекогаш сведочеше за длабокото взаемнодејствие и за и искрените братски односи помеѓу нашите Цркви“.
„Владиката Антониј, Вашиот претставник, направи многу добро и како пастир, луѓето тука го сакаа. Ќе се молиме за упокојување на душата на нашиот починат брат, владиката Антониј, и веруваме дека Господ ќе го прими во Своите небесни живеалишта“, рече на крајот Претстоителот на Руската црква.
Во текот на братскиот разговор меѓу двајцата Претстоители, во духот на љубовта и меѓусебното разбирање, се разговараше за широк спектар прашања за меѓуцрковното взаемнодејствие и заедничкото сведочење за Светото Православие, како и за актуелните состојби во православниот свет.