Протојереј Златко Ангелески
Во 13-тата глава од Евангелието според Јован, ги читаме следниве зборови:
„А пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека Му дојде часот Негов за да премине од овој свет кон Отецот, и бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака. И на вечерата, кога ѓаволот беше вдахнал во срцето на Јуда Симонов Искариот за да Го предаде, Исус, знаејќи дека Отецот сè Му предал во рацете и дека од Бога излегол и дека при Бога оди, стана од вечерата, ја соблече својата горна облека и кога зеде крпа, се препаша; потоа истури вода во сад за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата, со која што беше препашан“.
Навистина, чуден текст! Започнува со долг и свечен вовед: „ Исус, знаејќи дека Отецот сè Му предал во рацете…“. Би требало да очекуваме нешто сосема необично, нешто свечено, величествено. Но, што следува? „Он почна да им ги мие нозете на учениците“.
Што следува? Служителска работа. На исток, по прашливите патишта луѓето одат босоноги или во сандалки, а притоа нозете многу се валкаат. Кога имало некоја гозба, штом ќе дојдат гостите, слугите и робовите најпрво требало да го извршат овој понизен чин: да им ги измијат нозете. Но сега, Учителот и Господарот им ги мие нозете на Своите ученици. И притоа им говори: „Ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас. Вистина, вистина ви велам: нема слуга поголем од својот господар, ниту пратеник поголем од оној што го пратил. Кога го знаете ова, блажени сте, ако го извршувате“.
Со ова миење на нозете, Спасителот ја започнува авантурата на Својата љубов, која завршува со смрт на крстот. Он отишол толку далеку, та дури и за оние, кои му ги приковале клинците и го исмејувале, се молел со зборовите: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават“. Он оди толку многу далеку, та така исцрпен, раскрварен, во предсмртните мигови, го ослободува од гревовите едниот разбојник и убиец, кажувајќи му ги утешителните зборови: „Уште денес ќе бидеш со мене во рајот“.
Бидејќи Он ги љубел оние што се негови, ги љубел до последниот час. Но, дали ти веќе еднаш си сфатил, а не само да си учел, дека Овој Христос те љуби? Навистина, Он не те љуби заради твојата величествена душа и заради твоите големи крепости. О не, Он те љуби таков, каков што си, со сиот твој егоизам, со сите твои недостатоци, „со сите темни визби, во кои завиваат пците“. Он нè љуби такви, какви што сме: помалку ситничари, страшливци, бедни, кои по илјадници пати го прекршуваме зборот и се откажуваме од своите добри намери. Он нè љуби, реално, сериозно и чесно.
Он ги љуби и проститутката, и убиецот, и страшливецот, ако кај нив постои и најмала искра на добра волја. Но, запрашај се: Дали ти би го жртвувал својот живот за еден таков човек? Размисли барем еднаш и тоа сосема мирно. А Христос тоа го направи! Он умре за Марија Магдалина, за Петар, кој од Него се откажа, за разбојникот на крстот. Умре со смрт на крстот, и за тебе, и за мене. А он не е било кој, туку Бог, Кој постана човек.
Сфаќаш ли барем сега дека токму тој Христос ни заповеда да љубиме, а тоа е царска, најголема и најважна заповед. Го љубиш ли ти својот ближен? Ги љубиш ли грешникот, пропаднатиот, оној, кој те измачува и навредува? Запрашај се сериозно, чесно и јасно! Се бориш ли барем за тоа?
Оваа заповед од нас бара многу. Тоа е цврста и тешка заповед. Тоа е заповед, која е во врска со крстот, која немилосрдно го уништува и го сотрува твојот инает, твојата гордост, твојата непопустливост; нормално, само ако ти доволно сериозно тоа го прифаќаш; толку сериозно, како што тоа го направил Христос. Тоа е царска заповед, која ги бара крајните напори на човечката снага; заповед, која само Бог може да ја даде.
Сфаќаш ли, исто така, дека низ сите времиња имало луѓе, кои сфатиле што значи таквата Божја љубов и која на некој начин бара одговор. Таков бил случајот со свештеникот – мисионер Михаил Проа, кој бил испратен во Мексико со мисија да им помага на своите прогонети браќа-христијани, и кој од Мексико во писмата до Европа го напишал следново: „Каква среќа ќе беше за мене, кога би можел да бидам еден од оние, кои ги обесија на бандерите вдолж железничката пруга кон Гвадалахара. Тоа би било добар начин да се положи испитот на зрелоста и да се стекни сведоштво за заминување во вечноста. Во секој случај, сакам да бидам соучесник во тоа, и тоа по можност како последен, за да можам дотогаш, како свештеник, уште многу да направам во мојата мисија“. Сепак, Михаил Проа беше стрелан во 1927 година. Почина со извикот: „Да живее Христос – Цар!“.
Сфаќаш ли сега дека, христијанинот, кој е скржав и ситничар, кој само настојува да избегне некој голем грев, како би бил премногу чуден лик? Всушност, ти би морал да бидеш сосема поинаков: великодушен, широк, слободен, па едноставно да се раздаваш, да служиш, да помагаш и секогаш да се грижиш да не си направил премалку, а секогаш да си исполнет со огнена желба за уште поголем подвиг. Верувај ми, кога би постанале такви, би биле многу посреќни! Христос можеме да Го следиме само со целосно посветување и со целосна пожртвуваност. Само радиклано може да се живее со вистински живот, а бидејќи тоа е Божји живот, подобар пат и нема. Значи, подарувај се така целосно и коренито, како што само ти можеш. Ако тоа си го разбрал и ако така правиш, тогаш – блажен си ти!