За љубовта кон Бога и ближните

Протојереј Златко Ангелески

Како основна заповед во Евангелието се јавува заповедта за љубовта кон Бога и ближните.

Во Евангелието според Лука читаме: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (Лука 10: 27).

Зошто сме ние повикани, пред сè и над сè, да Го возљубиме Бога?

Затоа што, „Он порано нè засака“ (1. Јов. 4: 19). Заради таа љубов Он нè создал, ни дарувал живот, а кога дошло времето за нашето искупување, Го испратил на земјата Својот Единороден Син, та преку Неговата жртвена љубов да нè спаси и нè спасува. Оттогаш Он нам ни се открива како „љубов“ (1. Јов. 4: 8), како „Отец“ (Матеј 6, 9), Кој нè љуби неизмерно повеќе, отколку ние што Го љубиме Него. Оттогаш Неговата љубов нè окружува и „ние преку Него живееме, и се движиме, и постоиме“ (Дела 17: 28). Словото Божјо говори дека, Господ стои при вратите (на нашето срце) и тропа (Откр. 3: 20). Тропа и проси: „Синко, дај ми го мене срцето!“ (Изрек. 23: 26).

Нам ни е тешко да го љубиме оној, кој нè одбегнува и не сака да има ништо заедничко со нас. Неизмерно полесно и попријатно ни е да го љубиме оној, кој и нас нè љуби и нè наградува со даровите од својата љубов. Но, што се тие дарови, во споредба со оние, по кои жеднее и ги љуби нашата душа? Такви дарови се светлината, доброто, љубовта, вистината, убавината, мирот, радоста, духовната слобода…

Сите тие дарови може да ни ги дарува Бог, зашто Самиот Он е и светлина (Јован 1: 5), и Љубов (1. Јов. 4: 16), и Вистина и Живот (Јован 14: 6), и мир (Јован 14: 27), и светост (1. Петр. 1: 16), и добрина и милосрдност (Лука 6: 36).

Логично се заклучува дека, доколку ние ги љубиме светлината, доброто, вистината, љубовта, мирот и радоста, тогаш, со самото тоа Го љубиме и Господа, иако, се случува, самите да не сме свесни за тоа. Но, сепак, таквата љубов е нецелосна и несовршена. Овде ние многу повеќе ги љубиме Божјите дарови (добрината, вистината, мирот…), отколку Самиот Бог, а тоа се случува зашто имаме слаба љубов во нашето срце, во душата, разумот и волјата.

Ете зошто Евангелието и нè повикува да Го возљубиме Господа Бога со сето срце, со сета душа, со сиот разум и со сета своја сила.

Но, што значи тоа, да Го возљубиме Бога со сето срце? Срцето е област на нашите чувства. Во него се и изворот и содржината на нашиот духовен живот. Во срцето на секој од нас се вгнездуваат чувствата, и добрите и злите, и гревовните и спасителните (Матеј 12: 34-35). Задржувајќи и развивајќи во своето срце сè што е чисто, добро, целомудрено, спасително, тогаш ќе можеме со срцето да Го возљубиме Бога и да Го видиме во своето срце (Матеј 5: 8).

Што значи тоа, да Го возљубиме Бога со сета душа? Нашата душа управува со нашиот живот, а со неа управува нашиот дух (1. Сол. 5: 19), а преку него и Божјиот Дух (Гал. 4: 6), само доколку ние живееме воздржано, милосрдно, духовно. Духовно живее оној, кој ни еден ден не може да проживее без молитвено срдечно општење со Бога и без дела на милосрдност во Неговото име. Само таквиот човек навистина може да Го возљуби Бога со сета душа.

Што значи тоа, да Го возљубиме Бога со сиот разум? Нашиот разум зависи од размислувањата на нашиот ум, од неговите мисли. Нашата мисла честопати се случува да биде непостојана. Таа на моменти се сомнева, на моменти се колеба, а понекогаш и се отстранува од правиот пат, кој води кон Бога. Со срцето и духот ние сме многу поблиски до Бога и луѓето, отколку со умот и мислите. Затоа нашиот ум е должен да се прилепува и да ги слуша советите од срцето и гласот на совеста, да ги слуша потребите на духот, та разбирајќи ги, да ја твори нивната волја, согласувајќи се со добрата и спасителна Божја волја.

Ние не сме повикани само со срцето, душата и разумот да Го љубиме Господа, туку и со сета своја сила. Силата и крепоста на човекот се содржат во единството и целисходноста на неговиот духовен живот. Крепок и силен е оној, во кого нема раздвоеност и малодушност, во кого има целосна хармонија и меѓу срцето, и душата, и умот, и волјата. Таквиот човек невозможно е да го преубедиме, поколебаме, посрамиме. Таквиот е способен да извршува и највисоки подвизи во делото на верата и љубовта.

Со љубовта кон Бога, нераскинливо е поврзана и љубовта кон човекот, кон својот ближен. Евангелието нè повикува да го љубиме ближниот „како самите себе“.

Што значи тоа? Тоа значи дека треба да се грижиме за ближните онака, како што секој од нас се грижи за самиот себе, да му посакува секакво добро онака, како што си посакува самиот на себе. И не само да посакува, но и да му ги направи тие добрини онака, како што си ги прави самиот на себе. Но, можна ли е таква дарежлива љубов, кога во нас грижите за себе стојат на прв план, а за потребите на ближните имаме недостаток на интерес? Таквата љубов е можна, но само тогаш, кога душата веќе е распламтена со љубов кон Бога. Само во таков случај таа ќе најде во себе благодатни сили за љубов кон ближните. Не љубејќи Го Бога со сето срце и со сета душа, ние се лишуваме себеси и од вистинската љубов кон ближниот и од правилната оценка за својата духовна состојба.

Честопати ние ги слушаме зборовите од луѓето, кои нè окружуваат: „Јас Бога Го љубам и Му се молам, но за ближните не се грижам доволно и немам желба да ги љубам, зашто тие кон мене се однесуваат лошо, ме навредуваат, понижуваат и потценуваат, па затоа јас не можам нив да ги љубам“.

Таквите зборови се самоизмама и лукавство. Евангелистот Јован говори: „Ако некој рече: Го сакам Бога, а го мрази својот брат, лажец е!“ (1. Јов. 4: 20). На нашиот пат кон Бога секогаш стојат луѓето, со кои ние имаме општење. И ако ние не ги љубиме тие луѓе, ако сме ладни и бесчувствителни кон нив, ако сме ги оддалечиле од своето срце, тогаш, во таквото срце нема да се најде место ни за Бога. Срцето, кое е ладно и рамнодушно кон луѓето, ќе биде ладно и рамнодушно и кон Бога. Срцето на христијанинот е едно и неделиво: ако тоа навистина љуби, тогаш ќе ги љуби и Бога и човекот, ако е жестоко и непријателско, тогаш такво ќе биде и кон човекот и кон Бога. За нас, христијаните, нема избор: нашето срце дожлно е да се загрева со двојна љубов – и кон Бога и кон човекот. Старецот Доротеј ни сведочи дека, според мерката на развивањето на љубовта кон Бога, се развива и љубовта кон човекот. Едната љубов ја распламтува другата.

Доколку ние им префрлуваме на луѓето, дека тие не нè љубат нас, па во тоа бараме причина за својата нељубов кон нив, ова ни се случува затоа што ние го нарушуваме основниот закон на љубовта. Според тој закон, секој од нас треба прв да почне да го љуби својот ближен, а не последен. Да не чекаме прво нас да нè возљубат, туку да почнеме да сочувствуваме, сострадаме, помагаме и да ги љубиме дури и оние, кои не се способни да ни ја возвратат љубовта. Кога ние самите ќе ги направиме првите чекори и ќе почнеме да ги љубиме овие, последниве, тогаш тие ќе се загреат со нашата љубов, ќе омекнат нивните срца, па порано или подоцна ќе н# израдуваат со својата возвратна љубов. Потребно е ние да не застанеме, или, како што говори свети Јован Златоуст, „да не изладиме“ во својата љубов кон ближните.

Љубовта кон Бога и кон ближните е спасителна и чудодејствена. Таа ги разбудува и оплеменува во душата на христијанинот сите духовни сили и ги вовлекува во безусловно служење на луѓето и Бога, Кој и Самиот е љубов. Божјата љубов, милувајќи го и збогатувајќи го човекот, бара од него никого да не навредува, никога да не го лажи, со никого да не се кара и да не непријателствува. Таа го повикува да ги простува навредите, да се измрува со непријателите и да биде милосрден кон оние, кои имаат потреба за тоа. Таа на човекот му говори дека самата ги заштитува и ги милува навредените, а навредувачот го лишува од спасителните дарови.

Во Евангелието е речено дека, ако ние не си проштеваме еден на друг, тогаш и Небесниот Отец нема да ни прости нам. Доколку не се измириме со ближните, тогаш и Он нема да се измири со нас. Доколку не ги љубиме ближните, тогаш и Он нема да пребива во нас. Како што заклучуваме, Својот однос кон нас, Небесниот Отец го ставил во директна зависност од нашето однесување кон ближните. Какво што ќе биде нашето однесување кон нив, таков ќе биде и Неговиот однос кон нас.

И доколку ние сакаме, Господ да нè возљуби, тогаш, најпрво ние сме должни да Го возљубиме Него и своите ближни, односно, луѓето, кои се околу нас. Толку многу е висока љубовта пред Господа, и толку високо е пред Него достоинството на човекот. Господ го возвеличил човекот, во малку го поставил под ангелите и со слава и чест го венчал. И доколку во односот кон Себе Он ја посакува нашата љубов, тогаш и во односите на Својот образ, односно, човекот, Он ја посакува истата таа љубов, до подготвеност „да се даде својата душа за своите ближни“.

Неисцрпни се богатствата и даровите, со кои љубовта ги наградува сите, кои ѝ служат, кои ја имаат во себе и кои живеат со неа. Сите други богатства и дарови не принесуваат никаква корист, доколку нема братска и самопожртвувана љубов.

Каде што е љубовта, таму нема страв, зашто совршената љубов го прогонува стравот. Каде што е љубовта, таму се и сите добродетели, таму е исполнувањето на законот. Каде што е љубовта, таму нема грев, па според тоа, „и суд Божји“, како што говори преподобен Максим Исповедник. Каде што е љубовта, таму е вечниот живот, таму е Самиот Бог.

Љубовта не е само глава и круна на сите добродетели и не е само нивна сопатничка и соучесничка, туку е и нивни квасец и основа, туку и „стара заповед“ (1. Јов. 2: 7), нивна животворна сила и душа. Постоејќи „од почетокот“ (2. Јов. 1: 5), љубовта е извор на животот и самиот живот. Без љубовта, човечкиот живот на земјава одамна ќе беше згаснат. Нашето срце не може да живее без љубовта. Ако ја нема неа, тоа ќе се мачи, ќе биде натажено и духовно ќе замира. И обратно, преку љубовта тоа оживува, се очистува, се укрепува и постанува способно дури и за најголеми подвизи.