Проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ
Воспитанието и вредностите кај децата не се стекнуваат од учителите и учебниците. Тие доаѓаат прво од семејството, потоа од децата со кои општат и трето од информациската средина во која живеат. Последното е исклучително важно, затоа што тука е коренот на многу проблеми со кои се соочуваме. Тоа може да биде литературата што децата ја читаат, може да биде музиката што ја слушаат, може да бидат вестите на телевизија, може да бидат видео игрите што ги играат и т.н. Трите инстанци на воспитание се хиерархиски подредени. Прва инстанца која треба да го надгледува и координира воспитниот процес е родителската; втора се децата; трета е информациската средина. Со наметнувањето на социјалните мрежи кај децата од најрана возраст, хиерархијата се превртува наопаку. Прв воспитувач е информациската средина, втор се децата (оние кои учествуваат во таа средина), а родителите во најголем дел отпаѓаат – затоа што не ги користат мрежите што ги користат децата.
Со влегувањето на вештачката интелигенција во игра, сосема е можно информациската средина да стане единствениот воспитувач на вашето дете. Рака на срце, тоа може да испадне и помалку лошо од сегашнава состојба на нештата, под претпоставка дека AI нема на вашето дете да му коментира дека е „цар“ или „краљ“ ако реши да потепа пола клас како во видео игрица. За жал, токму такви коментари од други деца имаше на нивните социјални мрежи вчера и денес. Дури ми се чини дека ако AI го преземе управувањето со светот може да влеземе во некоја бизарна пацифистичка утопија како во класичниот “Demolition Man” со Силвестер Сталоне и Весли Снајпс. Но, да се вратиме во реалноста.
Звуците и пораките што доаѓаат од т.н. „трап“ сцена го дефинираат од најрана возраст вредносниот систем на децата. За добар дел од нив комотно може кривично да се одговара за мизогинија, говор на омраза, повикување на насилство, на криминал и т.н. Не сум престрог. Ислушајте ги текстовите. И не сум хиперсензитивен, израснат сум со Рамштајн и Продиџи. Ова е друго, тука нема театралност, гротеска, нема никаква дистанца меѓу личноста на изведувачот и неговиот настап. Тие настапуваат како проповедници, не како музичари или забавувачи. Нема тука општествена критика и сеир како кај Рамбо Амадеус, нема дури ни раскалашено „весељачење“ како во турбо-фолкот. Асли проповед и промоција на сопствените страсти и фрустрации. Децата, пак, со отворени уши го впиваат тоа ѓубре во себе и – стануваат рамнодушни на сѐ освен на страстите и нивното задоволување.
Други локални и глобални феномени како „вечната транзиција“, геополитиката, повоениот менталитет, постмодерните идеологии – и либералните, и конзервативните – нема да ги спомнувам сега. Тоа се феномени кои директно ги засегаат нашите генерации, не и нашите деца. Ние сме толку обземени со овие феномени, што не забележуваме дека мислењето и расудувањето на децата се мапира по сосема други траектории. Прашање на време е кога со очај ќе констатираме дека сѐ што нам ни значело во животот за нив е сосема нерелевантно. Наместо да бидеме на врвот на воспитната хиерархија, ние сме си дозволиле да се најдеме сосема надвор од неа.
Но, сепак нема да завршам песимистички. Ова што го пишав не е сеопшта појава. Многу е распространета, ама не е сеопшта. Варира во зависност од социјалниот статус, од местото на живеење, од светогледите на родителите и пошироките семејства. Надвор од екранчињата на мобилните и инстант задоволеното славољубие преку лајковите на социјалните мрежи – сѐ уште постои истиот огромен и несогледлив свет во кој израснале и генерациите пред нив. Доволно е да им ја отвориме вратата кон тој свет, за тие да се восхитат од него и да не посакаат да го остават. Не без опит ви го кажувам ова.
Извор: https://digitalareopagus.wordpress.com/2023/05/04/кој-ги-воспитува-децата/