Средба на Митрополитот Волоколамски Антониј со Патријархот Ерусалимски Теофил III

Фотографија: mospat.ru

На 1 април 2024 година, претседателот на Одделот за надворешни црковни врски (ОНЦВ) на Московската патријаршија, Високопреосвештениот Митрополит Волоколамски г. Антониј, со благослов на Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Рус г.г. Кирил, пристигна во работна посета на Светата земја.

На патувањето го придружуваа советникот на Патријархот Московски и на цела Рус, протојерејот Николај Балашов, заменик-претседателот на ОНЦВ, протојерејот Игор Јакимчук и секретарот на претседателот на ОНЦВ, ѓаконот Николај Васин.

На 2 април, митрополитот Антониј и неговата придружба беа примени од Неговото Блаженство Теофил III, Патријарх на Светиот град Ерусалим и на цела Палестина, во неговата резиденција. На средбата присуствуваа и Митрополитот Капитолијадски г. Исихиј, Архиепископот Константински г. Аристарх и началникот на Руската духовна мисија во Ерусалим, архимандрит Васијан (Змеев).

За време на топлиот, пријателски разговор, беа разменети мислења за актуелни прашања. Неговото Блаженство Патријархот г.г. Теофил ја сподели својата длабока загриженост за продолжувањето на вооружениот конфликт во Палестина, кој трагично влијае на секојдневниот живот на локалните христијани. Митрополитот Волоколамски Антониј го увери Неговото Блаженство дека Руската православна црква најтопло се моли за мир во Светата земја и за зачувување и зајакнување на христијанското присуство таму.

Соговорниците се осврнаа и на темите за меѓурелигискиот дијалог, меѓуверските и меѓуправославните односи.

Неговото Блаженство кажа дека топло се моли на Светиот гроб за рускиот народ, за Руската православна црква и нејзиниот претстоител, Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Рус г.г. Кирил.

За заслугите пред Ерусалимската Православна Црква, Неговото Блаженство Патријархот Теофил го удостои Митрополитот Волоколамски Антониј со највисокото признание на Ерусалимската Патријаршија – крстот и орденот-ѕвезда на Светиот гроб, посакувајќи му на Архијерејот укрепување од Воскреснатиот Господ во понатамошното извршување на тешката и одговорна служба на раководител на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија.

Од своја страна, претседателот на ОНЦВ срдечно му се заблагодари на Неговото Блаженство за високото одликување, како и за неговата постојана љубов кон Руската црква. Митрополитот Антониј ја истакна важната консолидирачка улога на Ерусалимскиот Патријарх за сите христијани од Светата земја.

Во спомен на средбата, Митрополитот Антониј на Неговото Блаженство Патријархот Теофил му подари света Панагија.

Истиот ден, митрополитот Волоколамски Антониј и неговата придружба го посетија храмот на Воскресението во Ерусалим, каде што се поклонија пред најголемите светињи во христијанскиот свет – Животворниот Гроб Господов и Голгота, каде што беше распнат Христос.

Извор: https://mospat.ru/ru/news/91614/